Депонии во пламен на Истокот

Автор: Горан Лефков

Јули 2023 година и официјално беше прогласен за најтопол месец во историјата на мерењето на температурите на Земјата. Глобалното затоплување и човечката негрижа си го земаат својот данок. Ова на своја кожа го чувствуваат жителите на Источна Македонија. Речиси да немаше градска депонија којашто не беше запалена. Ова предизвика сериозно загадување на воздухот во целиот источен регион од државата. Штетите по здравјето на граѓаните се многу големи, особено за најмладите.

На ова укажува проф. д-р Драган Ѓорѓев од Медицинскиот Факултет во Скопје, кој вели дека загадувањето на воздухот е причина за различни компликации кај децата уште во текот на бременоста.

„Кај децата што се изложени на аеро загадување имаме помала родилна тежина. Тие деца имаат анатомски помали бели дробови, растот на белите дробови е забавен и самиот процес на дишењето е афектиран ако се погоди кај тие деца да имаме и астма која не мора да биде од аерозагадувањето тогаш имаме чести опструктивни бронхити кај тие деца“, вели Ѓорѓев.

Тој додава дека аерозагадувањето влијае кај децата преку намалена функција на белите дробови, а тоа води до оштетување на нивниот кардиоваскуларен систем.

За да ја илустрираме состојбата на терен се упативме до селото Бели во Кочанско, во „Заштитеното подрачје Осоговски планини“, каде е лоцирана градската депонија. Со денови и недели отпадот гори и ги труе грѓаните. Неколку пати интервенираа и пожарникарите и комуналната механизација, меѓутоа депонијата не престанува да чади.

Недалеку од средсело го сретнавме Драган, жител на селото. Накратко поразговаравме за состојбата со депонијата. Ни рече дека смрди веќе неколку дена.

„Најстрашно беше вечерта кога се запали. Целото село беше прекриено со тежок чад. Не се дишеше, толку што беше гадно. Цела ноќ смрдеше во селото“, вели Драган.

Проблемот за жителите на Бели трае со години и децении. Тие на неколку пати протестираа, или пред седиштето на Јавното комунално претпријатие Водовод во Кочани, или пред влезот на депонијата, а го блокираа и патот за излетничкиот центар Пониква.

Delcevo deponija 2
Депонија во Делчево - фотографија од приватна архива

Разговаравме со уште неколку жители на Бели. Димче Цебов, претседател на Месната заедница во село Бели вели дека проблемот е повеќегодишен, иако сите надлежни кажуваа дека проблемот ќе се реши. Но, досега решение нема. Здравко Данилов вели дека додека трае учебната година, кога ќе се запали депонијата, учителките се приморани да ги пуштаат децата дома, за да не се загушат во училиштето.

Протести и пак протести

Екологистите од Кочани веќе одамна алармираат за состојбата со депонијата. „Пред 25 години заминав од Кочани на работа во Швајцарија. Градот тогаш го носеше епитетот најчист град во Македонија. Кога се вратив во 2014 година, Кочани беше претворено во обично ѓубриште и еколошка бомба“, вели Орце Николов, активист на Здружението „За здрав живот“ од Кочани.

На почетокот на август граѓаните повторно протестираа, барајќи решение од надлежените за ова депонија. „Имавме средба со директорот на КЈП „Водовод“ Перо Георгиевски и од него побаравме да се постави чуварска служба на депонијата, видео надзор, да се третира со алги и да се реши проблемот со чадот од депонијата во Кочани“, вели Златко Илијев, организатор на протестите во Кочани. Испративме прашања до Општина Кочани за тоа како ќе го решава проблемот со депонијата, но до објавувањето на овој текст одговор не добивме.

Од јавно објвените информации на општината Кочани и ЈКП „Водовод“ може да се прочита дека поинтензивни се активностите преземени во текот на 2021 и 2022 година, кога преку јавна набавка е ангажирана компанијата „Центар Комерц“  ДООЕЛ од Могила. Компанијата има безбедносен сертификат за употреба на специјализирана течност за гаснење пожари. Екипите на оваа компанија распрскуваа течност од два вида на морска алга Ascoplyllum nodosum и Laminaria digitata, која има за цел да го задуши и згасне тлеењето и горењето на отпадот.

Депонија во Пехчево - фотографија од приватна архива

ЈКП „Воводод“ вината за горењето на депонијата ја упати на, како што соопшти „неодговорните поединци, кои го предизвикале пожарот“, за што поднеле пријава во МВР со основано сомневање дека се работи за подметнување на пожарот на повеќе места.

– Во текот на претходните денови извршивме подготвителни активности, заедно со механизацијата на КЈП „Водовод“ – Кочани и ТППЕ – Кочани и од денеска ангажиравме и специјализирана фирма за гасење на ваков вид пожари. Почнато е со дејствување, но бидејќи се работи за специфично гориво, односно метан, гаснењето ќе биде многу тешко и ќе одзема многу човечки ресурси, енергија и средства. Апелираме до надлежните органи да го истражат случајот и ваквите неодговорни граѓани кои предизвикуваат пожари да бидат изнесени пред лицето на правдата – изјави тогашниот директор Иван Иванов (3 јануари 2022 година).

Последните месеци депонијата речиси постојано чади, а по интервенцијата на пожарникарите на 23 август, „Водовод“ повторно поднесе кривична пријава во МВР против непознат сторител. Комуналците чадењето го решаваат со затрупување со помош на механизација, но не и со скапиот раствор од алги, кој досега се покажа најефикасен. Со склучениот договор јавната набавка од 6 април 2021 година, ЈКП „Вововод“ договорил распрскување на илјада литри раствор во вреднност од 1,2 милиони денари. Договор со иста вредност е склучен и претходно, на 7 јули 2020 година.

Градоначалникот Љупчо Папазов во својата предизборна програма (од октомври 2021) вети почиста животна средина за своите сограѓани. Решението за проблемот со депонијата го гледа во изградбата на регионалната депонија во Свети Николе, каде веќе десет години се најавува дека ќе се депонира отпадот од 18 општини од Источниот и Свероисточниот регион.

-Со изградбата на ново планираната регионална депонија, во Кочани ќе се изгради нова претоварна станица за транспорт на отпад, а сегашната депонија ќе треба да се затвори и конзервира, а на нејзиното место ќе изградиме еко-парк со што овој простор би добил сосема нов лик, најави Папазов во делот од програмата за заштита на животната средина.

Папазов упатува на сé уште неизградената  фабрика за отпад во близина на овчеполското село Мечкуевци. Таму се очекува да се изгради првата современа депонија во Северна Македонија, според европски стандарди. Регионалната депонија е инвестиција од 40 милиони евра, неповратен грант на ЕУ, и треба да опслужува околу 370.000 жители со капацитет од 900.000 метри кубни отпад годишно.

Најоптимистичните најави на Министерството за заштита на животна средина и просторно планирање се дека депонијата ќе почне да се гради догодина, а ќе биде готова во 2025 година. Тоа значи дека оваа гарнитура градоначалници ќе го заврши мандатот со нереализирани ветувања за регионалната депонија и бројните изјави за тоа како успеале да ги изгаснат пламнатите градски нестандардни депонии.

Штипјани благодарни на ветерот

Состојбата во Штип е за нијанса подобра од Кочани, не затоа што имаат поквалитетен систем за одложување на комуналниот отпад, туку пред сé благодарние на ветерот којшто чадот го разнесува пред да стигне во градот. Сепак, најтешко им е на жителите од населбите во близина на градската депонија „Трештена скала“. Еден од нив е Драги Сарафимов, кој има викендичка во близина на депонијата. Сарафимов вели смрдеата е неподнослива.

„Депонијата гори постојано, некогаш имаме среќа ветерот да го однесе чадот на другата страна, но ако го донесе кон градот смрдеата е толку голема што од дома не смееме да излеземе“, вели пензионерот Сарафимов.

Голема тага и разочараност има и кај претседателката на Еколошкото друштво „Виножито“ од Штип Јорданка Калајџиевска. „Ова е жива катастрофа. Веќе 30 години зборуваме за едно модерно решение за собирање на отпадот, а досега немаме мрднато со прст. Толку сме назадни што ни ѓубриштето што го имаме, нема да го наречам ни депонија, не е ниту оградено“, вели Калајџиевска.

На 18 јули се запали депонијата, а огнот се прошири кон селата Софилари и Пенуш. Изгореа четириесетина хектрари нискостеблеста шума, сува трева и смрека, а пожарникарите спречија огнот да зафати и дваесетина декари жито.

ЈП „Исар“, кое стопанисува со депонијата, во МВР поднесе кривична пријава против непознат сторител поради соменевање дека пожарот бил подметнат.

Додека го правевме истражувањето, Секторот за внатрешни работи од Штип започна истрага за можните потпалувачи на депонијата. Од Јавното комунално претпријатие „Исар“ во Штип ни рекоа дека тие повеќе пати пријавувале потпалувачи на депонијата во Штип.

дел
Депонија во Делчево - фотографија од приватна архива

„ Имаме проблем со неовластено присуство на луѓе, коишто ја палат депонијата и така настануваат пожарите. Кога ќе го истуриме ѓубрето, доаѓаат луѓе за да ги обезбедат егзистенцијалните потреби, ги собираат металите и тие го палат ѓубрето. Ако фатиме некој како пали, ќе го пријавиме во полиција, тие не реагираат. Тоа се неуредени депонии, ние како „Исар“ не можеме да превземеме никакви инвестициски мерки за нешто што не е уредено, затоа и не можеме да поставиме чуварска служба“, вели Кирил Зајков, директор на Јавното претпријатие „Исар“ од Штип.

Тој додава дека ова не е проблем не само на „Исар“, туку на сите депонии во Македонија.

Делчевчани не паметат кога депонијата не чадела

Депонијата во Делчево е постојано запалена. Ова беше одговорот на 42- годишниот Влатко од Делчево. Тој не се сеќава кога последен пат состојбата со депонијата била нормална. Ова го потврдуваат и од Општина Делчево, каде прашавме за тоа колку пати горела депонијата од 2020 година до август годинава.

„Во наведените години градската депонија се палеше често, претежно во летниот период, односно во месеците јуни, јули, август и септември. Причина за палење на депонијата е самозапалување од многу високите температури и од човечки фактор“, се вели во одговорот на Општина Делчево. Спецификата на оваа депонија е што е само на помалку од десетина километри од бугарската граница.

„Над депонијата започнува шумски појас кој оди скоро до Благоевград. Страв ми е да не предизвикаме и меѓународен инцидент ако пожарот од депонијата се префрли во Бугарија“, вели Миле Ѓорѓиоски, од Делчево.

Повеќе градски депонии во Источна Македонија се запалени и горат речиси два месеци, предизвикувајќи еколошка катастрофа со последици по здравјето на граѓаните. Жешкото време, несоодветното управување и неодговорноста на граѓаните се посочуваат како дел од причините. Граѓаните, кои живеат во околината на депониите па и пошироко, се жалат на проблеми со дишењето, додека јавните комунални претпријатија, кои управуваат со депониите се надеваат што поскоро да се изгради регионалната депонија кај Свети Николе, проект што трае веќе десет години.

Тој додава дека од бугарска страна веднаш до границата има воени магацини од времето на студената војна. „Ако пукнат тие магацини во шумата се плашам дека многу воен арсенал може да експлодира“, додава Ѓорѓиоски.

Досега Општината успешно се справува со пожарите. Од таму велат дека ја гасат депонијата потрупувајќи ја со земја, но кога има потреба интервенира и Територијалната противпожарна единица со цистерни со вода.

Во моментов Општина Делчево и ЈКП „Брегалница“ имаат соработка  со Министерството за животна средина и специјализираните компании „Нула отпад“ и „Пакомак“, за решавање на проблемот со отпадот и дивите депонии, а воведена е и првична селекција на стакло и на пластика од индивидуални собирачи. Електронскиот отпад се собира во соработка со „Нула отпад“, а се врши и селекција на хартија.

Првата и основна обврска е едукацијата на населението со цел поднување на свеста кај граѓаните за значењето на селекцијата на отпадот и заштитата на животната средина, велат од ЈКП „Брегалница“- Делчево.

Берово и Пехчево во тревога

Големиот пожар што ја зафати Малешевијата пред две години го покажа вистинското лице на човечката негрижа и небрежност од пожари. Уште не стивнале стравовите од тој пожар, а опасноста од нов таков пожар постојано демне.

Иако двата града се наоѓаат на надморска височина од 900 метри и температурите се пониски, сепак депониите често горат.

„Таман ќе ја угасиме пехчевската депонија трчаме во Берово. Ајде па таму гасиме. Носиме вода, прскаме со камионите, носиме багер да го разнесе ѓубрето… Но, тоа е само моментално решение. Овие ѓубришта не се трајно решение за отпадот во Малешевијата“, вели Дејан Вазлиски од Доброволното противпожарно друштво од Пехчево, кое се формира токму за интервенции, после големиот пожар што ја опустоши Малешевијата.

Добрите практики на Виница и Пробиштип

Депониите во Виница и Пробиштип за смалување на чадот и гаснење на пожарот користат метод со морски алги. Тоа засега е еден од најдобрите модели на гасење пожари од ваков тип, каде гори материјал длабоко под земјата. Прва интервенција на Миле Петков како градоначалник на Виница му е токму гасењето на депонијата кај селото Лески.

„Пред две години кога седнав на градоначалничкото место, депонијата беше запалена и постојано чадеше. Заради итноста на состојбите, побаравме од Бирото за јавни набавки да склучиме договор без тендер (заради итноста) со компанија за да ја третира депонијата. Ни дадоа согласност од Бирото и за сума од 600.000 денари најдовме компанија од Битола и ги ангажиравме да ја извршат таа работа“, вели Петков.

Тој додава дека така ја смириле депонијата и од тогаш не чади во толкав обем, иако, потенцира Петков, има луѓе и што намерно ги палат депониите.

Потврда се делотворноста на средството од алги стигнува и од Општина Пробиштип, каде алгите дале добри резултати кога треба набрзина да се изгаси депонијата.

„Во 2020 година депонијата се палела четири пати, гасена е со средства на база на алги, со затрупување со земја и со помош од ТТПЕ со вода. Во 2021 година два пати, гасена на ист начин. Во 2022 година депонијата се нема палено, а во 2023 година во месец мај еднаш. Гасена е со трупање со земја“, вели Ненад Павиќевиќ, директор на ЈКП Никола Карев од Пробиштип. Тој додава дека во иднина трупањето со земја би се употребувал како најпрактичен и најсоодветен начин, односно решение за гасење на депонијата.

Миле Петков - градоначалник на Виница (фотографија од приватна архива)

Градските нестандардни депонии или ѓубришта остануваат да бидат закана по здравјето на луѓето и природата. Дали општините доволно прават овој проблем да го решат? И натаму единствениот нивен одговор е регионалната депонија, чија изградба постојано се соочува со административни одлагања, а повеќе од две години се работи на основање на заедничкото јавно претпријатие, кое ќе управува со објектот. Друг проблем е што Општината Свети Николе, каде треба да се гради депонијата, се спротивстави на овој проект и со одлука на Советот на Општината ја повлече првичната согласност, по што Владата ѝ ги одзеде ингеренциите.

Екологистите и граѓаните бараат брза и ефикасна акција, во интерес на здравјето на сите. И Европската унија преку Делегацијата во Скопје ургентно ги повика институциите да поработат на имплементацијата, за проектите успешно да се реализираат на терен за да има видлив ефект во справувањето со сериозниот проблем на управување со отпадот.

Во Извештајот на ЕУ за напредокот на државата во делот на Животната средина и климатски промени, изградбата на регионалните депонии е посочена како една од трите клучни активности на кои треба да работат македонските власти.

*Авторот е активист на здруженијата За здрав живот во Кочани и СКУП.

Сподели

Facebook
Twitter
Pinterest
LinkedIn

УПАТСТВО ЗА ПРИСТАП ДО АУДИО ЧИТАЧ НА ВЕБ ПРЕЛИСТУВАЧОТ MICROSOFT EDGE