Search
Close this search box.

Во дел од градовите во Југоисточна Македонија- нема уролози, а има незнаење за машкото здравје

Автори: Петар Јанчев* и Ване Трајков**

Во Македонија, карциномот на простата е една од најчестите малигни заболувања кај машката популација, веднаш зад карциномот на белите дробови. Бројката на заболени мажи ширум земјата е константно висок. 

Податоци на Државниот завод за статистика и извештаи на Институтот за јавно здравјеоткриваат дека меѓу 2019 и 2021 година имало 1.184 новозаболени од оваа болест. Најголем дел од нив биле заболени во 2019-та, кога имало 434 новозаболени. Повеќе од половината од заболените биле луѓе меѓу 70 и 74  годишна возраст – 262 пациенти. Ова се последните официјални податоци во Институтот за јавно здравје. На нашето прашање за бројот на заболени за 2022 и 2023 година, ни беше кажано дека се во фаза на обработка.    

И, додека лекарите тврдат дека состојбата со карциномот на простата во земјата е загрижувачка, две околности воопшто не одат о прилог на решение на проблемот.

Ширум земјата, има отсуство на видливи локални кампањи за подигање на јавната свест за машкото здравје, за рана детекција, но и превенција на оваа болест. Истовремено, недостасуваат лекари уролози, кои може да прават редовни прегледи меѓу машката популација.

Овој проблем на здравствениот систем е особено видлив во дел од градовите и местата во Југоисточна Македонија.

Извештај на Институтот за јавно здравје

Во Гевгелија, така, дури и оние кои знаат за значењето на превентивните прегледи на простатата, не можат да ги направат во близина. Во градот, уролог нема со години.

Гевгеличанецот Димитар Пакетов имал симптоми, за што најпрво мислел дека се резултат на обична настинка. Но, симптомите потоа се влошиле: отежнато мокрење проследено со болки заради што морал да побара лекарска помош. 

Во отсуство на уролог во гевгелиската болница, стигнал на Клиниката за урологија во Скопје.

„Пред околу седум години имав чести нагони за мокрење. Имав чувство дека не можам да се додржам додека да стигнам до тоалетот. Имав и отежнато мокрење. Решив да се јавам кај матичниот лекар и тоа со срам, оти беше жена.“, вели Пакетов. Таа ме упати на хирургија, од каде што пак докторот ме упати на ехо-преглед. По добиените снимки, откако се увиде промена на простатата, завршив на Клиниката во Скопје. Таму при испитувањата ми беше дијагностицирана зголемена простата, по што, за многу краток временски период, ме оперираа. Мокрењето 

потоа се нормализираше. Но, пред извесен период, повторно ги добив истите симптоми. Со оглед дека во гевгелиската болница нема, морав да чекам да дојде уролог од друг град.“, раскажува Димитар Пакетов од Гевгелија, на кого му се дијагностицирани бенигна хиперплазија на простата и тумор на мочниот меур.

Пакетов признава дека пред да ги добие првите болки со мокрењето никогаш не бил на превентивен уролошки преглед. Не бил доволно информиран за болестите поврзани со машкото здравје, ниту за компликациите кои може да ги предизвика.

„Апелирам до младите момчиња и мажи да не чекаат и еднаш годишно да направат превентивен преглед кај уролог. Да не се срамат и да чекаат да дојде најлошото. Подобро е да се спречи отколку да се лечи!“, вели Димитар, според кого не е мал бројот на мажи од оваа општина во поодминати години кои имаат проблеми со простата.

Во Гевгелија доаѓа уролог од Штип, кој не прави превентивни прегледи

Во Гевгелија, ретко се зборува за машкото здравје. Граѓаните одвреме-навреме на традиционалните медиуми ќе слушнат за лица кои пуштиле мустаци како дел од кампањата „Моември“ – Месец на машкото здравје, но претежно за Скопје. Во Општината досега, ниту од јавните институции, ниту од граѓанските организации, не била спроведена кампања за подигнување на свеста за оваа болест. Кампања на оваа тема нема ниту од гевгелиската болница во којашто нема уролози. Во Гевгелија, само двапати месечно доаѓа специјалист од Штип за да врши уролошки прегледи. Но, овој лекар не прави превентивни прегледи. 

Според директорот на ЈЗУ Општа болница со проширена дејност- Гевгелија, Александар Киров, за ваквата состојба одговорни се од Министерството за здравство. 

„Практично, сме без уролог поради тоа што во Стратегијата за уролози што ја правеше Министерството за здравство, Гевгелија не била дел од планот – конкретно затоа што се сметаме за мала болница и место каде нема потреба од таква медицинска гранка. Како болница, имавме планови да се развие и урологијата и да испратиме на специјализација доктори, меѓутоа, заради состојбата со недостаток на специјалисти од други повитални медицински гранки, како што е анестезиологијата, се откажавме од урологија и ги пренасочивме нашите ресурси и можности за таа цел, вели Киров и додава: 

„Тоа не значи дека урологија никогаш нема да има, но тоа ќе го оставиме за некои подобри времиња кога би можеле да ја развиваме со кадар и потреба. Дотогаш, покриени сме со уролог од Штип, ангажиран под договор, кој врши прегледи двапати месечно, меѓутоа не се класични превентивни прегледи, туку уролошки прегледи за пациенти со дијагноза за којашто е потребен соодветен третман“, вели директорот на ЈЗУ Општа болница со проширена дејност- Гевгелија, д-р специјалист хирург, Александар Киров.

Состојбата со рак на простата во земјава загрижувачка

Лекарите се согласуваат дека карциномот на простата е една од најчестите малигни заболувања кај машката популација. 

Д-р Владко Филипов е специјалист по урологија во Клиничката болница – Штип.

Во Програмата за рана детекција и скрининг на малигни заболувања во Република Северна Македонија за 2023 година изготвена од Министерството за здравство, не е предвиден скрининг за рана детекција на рак на простата. Предвиден е скрининг за рана детекција на рак на грло на матка, на рак на дојка, на рак на дебело црево при што се објаснети приоритетните и специфичните цели, кои би биле показатели на успешност и кои се институции би се вклучиле во скринингот.

Тој вели дека отсуството на информираност кај населението има сериозни последици: „Нивото на свесноста за машкото здравје е ниско и затоа, доколку се открие карцином, тој веќе е во подоцнежен стадиум. 

Последните 10 години, зголемена е бројката на прегледи за простата. Пациентите доаѓаат поради појава на изразени симптоми во смисла на ноќно мокрење, ургентност, чекање за млаз и враќање да се доизмокри – со појавата на акутно-уринарна ретенција или неможност за мокрење. Помал е бројот на пациенти кои самите бараат преглед од уролог – тоа се вообичаено пациенти кои имаат близок во фамилијата, заболен од бенигни или малигни болести на простата. Неинформираноста и неупатеноста, а по малку и машкото его се виновни за доцното откривање на болестите кај машката популација.“, вели д-р Филипов.

Тој смета дека е недоволно за машкото здравје да се сеќаваме единствено во месец ноември – туку тоа треба да биде случај во текот на целата година. За ниското ниво за грижа, урологот вината ја гледа во здравствениот систем. 

„Мојот предлог за најдобра кампања е преку Министерството за здравство, со допис или измена на закон да се воведат редовни контроли на машката популација кај уролог. Да
опфаќа мажи над 50 години или пак над 45 години кои имаат семејна анамнеза на
претходно болен или опериран од карцином на простата. Прегледите би биле со
правење специфичен антиген на простата или ПСА тумор-маркер и ехо на уринарен тракт и простата
.“, вели д-р Филипов.

Во земјава, од рак на простата за период од 2017 до 2021 починале 989 лица при што најмногу во 2020-та – 243 лица, од кои најмладиот имал 45 години.

„Моември“, месец на машкото здравје со слаби и не толку видливи кампањи

Месец ноември, во последниве две децении, е месец посветен на машкото здравје, подигање на свеста за превенција и рано откривање на машки болести. Движењето почна во 2003 година кога група пријатели од Австралија пуштиле мустаќи за да ја пренесат пораката за превенција од болести на простата со цел да се подигне свеста за здравјето кај мажите.

Моември или Movember, како што е познат во оригинал, е во функција да ги поттикне мажите да обрнат внимание на заболувања како рак на простата или рак на тестисите, но и да ја поткрене нивната свест за психичкото здравје.

„Предлагам преку Министерството за здравство, со допис да се воведат редовни контроли на машката популација кај уролог. Да опфаќа мажи над 50 години или пак над 45 години кои имаат семејна анамнеза на претходно болен или опериран од карцином на простата. Прегледите би биле со правење специфичен антиген на простата или ПСА тумор-маркер и ехо на уринарен тракт и простата“.

Моември во Македонија, пак, се одбележува симболично – се организираат настани што не се толку видливи, ниту пак медиумски покриени, за коишто јавноста тешко дознава за вистинската цел на „Месецот на мустаќите“. Паралелно, настаните се организираат претежно во Скопје, но не и во внатрешноста на земјава.

Асоцијацијата за здравствена едукација и истражување ХЕРА од Скопје во Месецот за грижа за машкото здравје реализираше повеќе активности претежно во главниот град. Весна Матевска од ХЕРА вели дека Министерството за здравство треба да излезе со соодветна програма што ќе понуди еднакви можности и за мажите при потреба од совет и преглед.

„Она што е важно да се напомене, за разлика од жените кои имаат матични гинеколози во делот на грижата за сексуалното и репродуктивно здравје, мажите многу потешко наоѓаат соодветен лекар на кој може да се обратат во ситуација кога имаат потреба од совет и преглед. Уролозите се на секундарно ниво на здравствена заштита, додека дермато-венеролозите се помалку достапни и нееднакво распределени по здравствените домови. Препорака во овој дел е Министерството за здравство и останатите клучни чинители да размислуваат за организирање на превентивни прегледи и превентивни програми, скрининг за мажите, што по урнекот на превентивните програми за жените и бесплатни ПАП тестови би ги повикувале мажите преку матични лекари или семејни лекари за бесплатни СПИ тестирања, советувања и прегледи.“, вели  Матовска.

И годинава нема скрининг за рана детекција на рак на простата

Во Програмата за рана детекција и скрининг на малигни заболувања во Република Северна Македонија за 2023 година, изготвена од Министерството за здравство, не е предвиден скрининг за рана детекција на рак на простата.

Предвиден е скрининг за рана детекција на рак на грло на матка, рак на дојка, рак на дебело црево, при што се објаснети приоритетните и специфичните цели, кои би биле показатели на успешност и кои институции би се вклучиле во скринингот. За реализација на овие програмски активности Министерството за здравство, за оваа година планирале 22.270 милиони денари.

Во здравствените документи, ракот на простата се споменува само при изготвување на Националните студии за 2023 година. Исто како и минатата година, во пакет со останатите малигни заболувања, односно рак на- дојка, матка, дебело црево и црн дроб.

Извештај на Институтот за јавно здравје

За изработка на студиите, како што е предвидено во Програмата за рана детекција и скрининг на малигни заболувања, Министерството за здравство планира скромни 800 илјади денари, со коишто било планирано да се изработат и аналитички студии што ќе се однесуваат на податоците за морталитет и
морбидитет за сите видови типови рак обработени со соодветни статистички
методи. 

Кога е во прашање машкото здравје, јасно е дека во оваа област се посветува значително помалку внимание, во споредба со третманот на женското здравје. Така е и со јавните кампањи.

Освен на централно ниво – одбележување на Месецот на машкото здравје ретко ќе се сретне и на локално ниво. Изминативе години, Општините во своите Програми за еднакви можности на жените и мажите повеќе се фокусирани на месец Октомври познат како „розовата панделка“, за што се организираат трибини: маршеви, едукативни предавања, настани за рак на дојка, рак на грло на матка, но не и за месецот ноември, за рак на простата.

Затоа, на место е прашањето – Доволно ли е мажите да ги пуштат мустаците за да ја разбудат свеста кај институциите и граѓаните за навремено лекување од оваа болест?

* Петар Јанчев е активист Регионалниот центар за одржлив развој – Гевгелија

** Ване Трајков е новинар

Сподели

Facebook
Twitter
Pinterest
LinkedIn

УПАТСТВО ЗА ПРИСТАП ДО АУДИО ЧИТАЧ НА ВЕБ ПРЕЛИСТУВАЧОТ MICROSOFT EDGE