Search
Close this search box.

Малолетничкиот труд во источна Македонија – многу работнички обврски, малку работнички права

Авторки: Родне Деолска* и Викторија Димитрова**

Недостатокот на работна сила, особено во услужните дејности, го извади на површината проблемот со работно ангажирање на малолетни лица во Македонија. Земјата е потписник на меѓународните конвенции кои експлицитно забрануваат експлоатација на трудот на деца до 13 годишна возраст. Сепак, во некои македонски ресторани и кафулиња, сѐ уште може да се видат малолетници кои послужуваат. Нив ги гледаме и во маркетите, во земјоделството и во други сектори.

Дел од работодавачите, за ова прашање имаат став дека работата пред полнолетството е скапоцено искуство за младите – можност тие да стекнат практични вештини, но и да научат, како што велат, „како се раѓа лебот“. 

Сепак граѓански организации чиј главен фокус на застапување се правата на децата, аргументираат дека всушност ваквото вработување е незаконско, бидејќи неретко ангажирани се деца под 16 години. Тврдат дека ваквата пракса води кон експлоатација на малолетниците.

Кон средина на 2022 година, прилепското Здружение за угостителство и туризам „Меанџии“, изненадувајќи ја македонската јавност, побара законски измени кои би овозможиле и средношколци под 15 годишна возраст, да може да работат. Тие тврдеа дека е добро, оваа млада популација, која во моментов е под законски утврдената граница за легална работа, да биде вклучена во пазарот на трудот и така да биде интегрирана во Македонија, бидејќи се работи за популација која сѐ уште не може да работи во странство.

Тогаш, прилепските угостители повикуваа на овие законски измени поради тоа што, како што тврдеа, дури 40% од услужниот персонал им недостасува поради сезонско заминување на келнерите на хрватското приморје. Овој повик стана своевидна иницијатива за легализирање на практиката.

Помошник готвач - фотографија од приватна архива

Закон

Во Македонија сепак, постои законска рамка која овозможува вработување малолетни лица, но под услови на специјална заштита. Законот за работните односи, дозволува склучување договор за извесно ниво на вработување на лице од најмалку 15 години.

Членот 18 од овој закон меѓу другото пропишува дека „Се забранува работа за дете под 15 години возраст или дете кое не завршило задолжително образование, освен за учество во активности кои со закон е утврдено дека може да ги извршува, но не подолго од два часа дневно (н.з.), односно не подолго од 12 часа неделно, а за време на училиштен распуст не подолго од шест часа дневно (н.з.), односно не подолго од 30 часа неделно, при што задолжително треба да му се обезбедат две непрекинати работни недели на одмор (н.з.)“.

Овој член ги пропишува и условите под кои може да биде вработено „младо лице“. Под „младо лице“, се подразбира лице кое е на возраст меѓу 15 и 18 години, но кое не е опфатено со редовниот образовен процес.   

Максималниот број работни часови за младо лице на возраст под 16 години е 30 часа неделно вкупно – дури и кога тоа работи кај повеќе работодавачи истовремено. Оние млади лица на возрсат над 16 16 години е дозволено да работат максимум 37 часа и 45 минути неделно.

Друг услов во законот е  младото лице да не смее да работи повеќе од осум часа во текот на 24 часа. Законот условува секој работодавач да обезбеди заштита на младите лица од економска експлоатација и од каква било работа која може да има штетно влијание врз нивната безбедност, здравјето, физичкиот, менталниот, моралниот или социјалниот развој или која може да го наруши нивното образование.

Членот 18 од овој закон меѓу другото пропишува дека „Се забранува работа за дете под 15 години возраст или дете кое не завршило задолжително образование, освен за учество во активности кои со закон е утврдено дека може да ги извршува, но не подолго од два часа дневно (н.з.), односно не подолго од 12 часа неделно, а за време на училиштен распуст не подолго од шест часа дневно (н.з.), односно не подолго од 30 часа неделно, при што задолжително треба да му се обезбедат две непрекинати работни недели на одмор (н.з.)“.

Овие одредби, единствено  во нијансите се разликуваат од европското законодавство. Во најголем број европски земји, возрасната граница над која е законски дозволено малолетниците да работат е 14 или 15 години. Притоа, мора да бидат задоволени определени услови: родителите на малолетникот да дадат дозвола, да станува збор за полесна работа, бројот на часови да е ограничен особено во деновите кога малолетниците треба да се на училиште, работата да е подалеку од машини на кои би можеле тие да се повредат и слично. Имајќи предвид дека работниот ангажман на малолетниците може да е корисен за нив самите, во многу земји законите дозволуваат младите да работат, но само над одредена возрасна граница и под определени услови со цел да се спречат евентуалните негативни последици врз нивниот развој.

Што се случува кај нас на терен?

Иако нема конкретни бројки кои официјално би се собирале од Министерството за труд и социјална политика, „јавна тајна“ е дека низ целата земја голем број од лицата ангажирани во угостителскиот сектор се малолетници, кои не се уредно пријавени ниту пак се осигурени.

Истражувањето Локал Актив го насочи во источниот регион на Македонија. Се обидовме да истражиме во неколку градови тука – наидовме на работодавачи кои тврдат дека не го познаваат, експлоатација на младата работна сила, но и, иако ретки, сепак присутни, позитивни примери на задоволство на двете страни – и младите и работодавачите.

Помошник готвач - фотографија од приватна архива

 Во кафуле во центарот на Кочани нѐ послужи девојка која ни се претстави како X. – редакцијата на Локал Актив го знае нејзиното име. А има 16 години и веќе неколку месеци работи во кафулето. Вели дека работата не ѝ е тешка. Таа почнала сосема случајно, а заработува сосема доволно за нејзините потреби за џепарлак.

„Додека бев на кафе со другарки во истото кафуле ми кажаа дека бараат шанкери и келнери и дека ако сме заинтересирани може да отидеме на разговор. Мене ми изгледаше примамливо и отидов. Ми кажаа дека можам да доаѓам после часови и да работам по 5-6 часа, колку ќе има потреба, за викенди може и подолго, за што ќе добивам пари кои се сосем доволно за таа работа. 

Дома им кажав дека ќе работам, но дека нема да го запоставам училиштето. Моите тоа го прифатија. По некое време и една моја другарка почна да работи исто во кафуле“, вели X.

Но, Х., како и други млади луѓе на нејзина возраст, не е вработена, ниту пак има каков било договор за хонорарна работа. Ова значи дека заштитата на нејзините права како работник, не е загарантирана.

Разговаравме со неколку сопственици на угостителски објекти од Кочани. Нивната прва реакција беше да кажат дека младите и нивните родители не се многу загрижени околу тоа дали работниот однос во кафулето им е законски регулиран. Но, ваквиот став тие се подготвени да го споделат единствено ако нивното име не се спомене во текстот. Велат дека е многу подобро младите барем вака да стекнуваат работни навики, одошто да посегнуваат по брзи пари работејќи нелегални или за нив штетни работи. 

Податоци на Меѓународната организација на трудот покажуваат дека како резултат на конфликтите, природните кризи и кризите предизвикани од човекот и пандемијата со Ковид-19, 160 милиони деца во светот се втурнати во детски труд. Тоа значи трудова експлоатација на едно од десет деца ширум светот.

Во нашиот разговорот, тие генерализираат дека во речиси цела Источна Македонија состојбата е иста. Тешко наоѓаат кадар, а и тие млади кои работат немаат континуитет во работата – одат на училиште, продолжуваат на факултет, работат само за викенд и оттаму, сметаат дека нема поента да се вработат регуларно. Половина од работодавачите со кои разговаравме рекоа дека не знаат оти работата на малолетници е регулирана со закон.

Сезонска работа за да се заработи за одмор

Во Делчево, пак, наидовме на Никола, дваесетгодишник, кој од својата 17 годишна возраст работел во текот на летата. Досега работел во ресторани, пералници и на плантажи.

Никола вели дека неговите потреби да оди на одмор, да патува и да си овозможи добра гардероба, се премногу за неговите родители. На летната сезонска работа гледа како начин да си заработи за себе. Како и повеќето негови врсници.  Во ниту еден момент не му било важно дали тој работен однос ќе му биде законски регулиран.

„Еден мој другар, низ разговор ми спомна дека за време на распустот собира вишни на плантажи во близина на Делчево и ме праша дали сакам и јас. Не се распрашав многу околу условите туку само отидов и директно почнав. Лицето кое ни беше одговорно не го ни видов, воопшто не разговарав со него во тие две недели додека собирав вишни. Другарот му кажал дека донел уште некој со него, па ме запишал под некое сосема друго име иако за цело време водеше евиденција колку сум собрал. На крајот ми исплатија на рака. Имаше многу луѓе од други градови, а повеќето беа од ромска националност. Работевме од 6 часот утрото до 14  часот попладне оти беше многу жешко. Јас сакав ова лето да одам на одмор и се нафатив на оваа работа за да заработам нешто. Знам дека условите не беа идеални, ама сите мои врсници работат некаде и поважно ни е да имаме кеш пари летно време, отколку тоа дали сме регуларно вработени, осигурени или слично. Исто ми било и на сите други места каде што сум работел“, ни сподели Никола.

Тој кажа дека и неговиот брат пред неколку години работел сезонски во ладилник  за овошје, но за разлика од него тој тогаш парите ги добивал на трансакциска сметка, но без договор за работа.  Работел се’ додека имало работа на сортирање на собраното овошје.

Шанкер - фотографија од приватна архива

Младите во Делчево со кои разговаравме,  изјавија дека сѐ почесто заминуваат на сезонска работа во европските земји. Ако повозрасните Делчевци заминуваат на работа на лозовите насади во Италија и Швајцарија, поради што земаат и неплатено отсуство од работа – тогаш на помладите поатрактивни им се земји како Англија, Германија и Словачка. Последниве неколку години тие почнаа да заминуваат на работат во рестораните на Јадранското приморје,  затоа што не треба многу пари за да се почне со работа, како визи, транспортни трошоци, а таму немаат ниту јазична бариера.

Се плаќа ли доволно младиот труд?

За време на летото има зголемени потреби за дополнителна работна сила во рестораните за свадби, градските базени, кафулињата, ноќните клубови, во земјоделието. Постоењето на малолетничка работа ја потврдуваат и од Асоцијацијата на угостители од охридско-струшкиот регион – ХОТАМ. Претседателот Крсте Блажески, оценува дека тоа за нив како работодавачи е помош, а за младите шанса да стекнување работна навика.  Но, како што вели, доколку некој некого тера противзаконски да работи – таа работа треба да се напушти.

„Во тие денови кога имаме гужви, едно дете ќе се најде на помош, дали ќе сервира шведска маса, дали ќе треба да однесе или да донесе нешто, тоа не е физички преголема оптовареност туку едноставно е само помош и за тоа ќе земе пари и тие деца од мали добиваат работна навика и можат барем за џепарлак да си соберат“ – вели Блажески.

Во насока на порегулирано ангажирање на малолетници во овој сектор, ХОТАМ предлага законските измени во делот на работните односи, според кои за ангажираните ученици да нема задржување на нивните придонеси и тие да одат директно во нивните плати. Во исто време, државата да ги субвенционира компаниите кои ќе вработат млади лица од 15 години, со цел младите навреме да се обучат и да почнат да работат во оваа индустрија. 

Членките на ХОТАМ веќе имаат позитивно искуство преку двегодишен проект со  Интернационалната организација на трудот (МОТ) за младински труд. „Преку овој проект во сезоната 2022 имавме ангажирано од 300 до 500 деца сите пријавени на различни позиции – помошник на шанк, сервирање, лежалки, игротека и сл. Ние тогаш баравме од Владата да се земе предвид дека кога би стекнувале работни навики, младите на таа возраст, кога ќе станат полнолетни веќе ќе ги имаат тие искуства. Оттогаш на наваму имаме деца кои секојдневно си работат и плус кога ќе има некогаш дополнителна работа може да дојдат да одработат. Тие исто така ќе бидат пријавени“ – додава Блажески.

Но, ако се суди по податоците од Државниот инспекторат за труд (ДИТ), неретко, овој тип ангажмани не се целосно направени „според закон и прописи“. Од ДИТ нѐ информираат дека од почетокот на 2023 година па до ноември истата година, во пет случаи на вршење надзор тие затекнале малолетни лица, работно ангажирани спротивно на законот.

„Едно малолетно лице е затекнато како работи во правен субјект со седиште во Штип, а друго е затекнато како работи во Делчево. Останатите три лица се од Битола (едно) и Струга (две лица). Две се на возраст од 14 и 16 години, а три лица се на возраст помеѓу 16 и 18 години. Едно во дејност Товарен патен транспорт, едно во дејност Угостителство, а три лица биле затекнати да работат во субјекти кои немаат регистрирано вршење дејност“, за што, тврдат од  ДИТ се преземени мерки.

Изречените глоби за работодавачите, според Инспекторатот, се движат од 200 до 1.000 евра – во зависност од големината на фирмата.

Сиромаштијата си го зема данокот

Претседателот на Првата Детска амбасада Меѓаши, Драги Змијанац вели дека сиромаштијата си го зема данокот. Змијанац посочува кон еден друг аспект на детскиот труд – кога родителите заедно со своите деца заминуваат на сезонските земјоделски работи – тие заедно со родителите собираат домати и вишни, берат грозје. Како резултат на тоа, тие се често исклучени од образованието. Невработеноста на децата чиј труд се злоупотребува е, според него, е исто така алармантна. 

Змијанац смета дека начинот на кој децата обезбедуваат приходи, принудно или доброволно,  укажува на фактот дека државата не може да се справи со сите овие проблеми.  До Меѓаши стигнале дојави само за злоупотреба на детски труд и тоа за сезонски работи и отсуство од училиште во месеците мај, јуни, септември и октомври.

„Во една активност во соработка со општините, увидовме дека и просветните инспектори и самите наставници и училиштата и трудовите инспектори не можат да ја регулираат оваа појава поради проблем со семејства кои се во ризик и кои не можат да обезбедат егзистенција. Некогаш и самите родители си ги оправдуваат децата, а училиштата свесно го прифаќаат оправдувањето“, истакнува Змијанац,  додавајќи дека притоа на Центрите за социјална работа им се одзема можноста да ги јакнат семејствата кои се во ризик за да не ги ставаат децата во таков тип на експлоатација.

Осум конвенции во четири области беа идентификувани како камен-темелник на Декларацијата на Меѓународната организација на трудот за основните принципи и права на работа, донесена од земјите членки во 1998 година. Македонија е потписник на оваа декларација.

Во една од овие декларации се дефинирани неплатени семејни работници – тоа се луѓе што работат за член на семејството или роднина (што вообичаено живее во истото домаќинство). Тие вообичаено не добиваат никаков надоместок. Работниците може, исто така, да се сметаат за неплатени семејни работници кога тие не живеат во истото домаќинство, но работат без плата во некоја економска активност со која раководи член на семејството или роднина.

Последните податоци на Меѓународната организација на трудот покажуваат дека како резултат на конфликтите, природните кризи и кризите предизвикани од човекот и пандемијата со Ковид-19, 160 милиони деца во светот се втурнати во детски труд. Тоа значи трудова експлоатација на едно од десет деца ширум светот. Семејства во сиромаштија принудија уште милиони деца на детски труд во изминатите неколку години. МОТ препорачува сите надлежни институции, но и држави во кои има какви било форми на експлоатација на малолетнички труд, во иднина да се насочат кон квалитетно образование, промоција на пристојна работа и целосна заштита на децата. 

Децата од ранлива категорија треба уште од градинка да се вклучат во стекнување други животни вештини и навики, за да се оттргнат од кругот на неписменост, злоупотреба, исклученост од образование и сиромаштија. – Змијанац

Во Македонија нема поопсежно истражување за работното ангажирање на малолетници и причините за неговата појава. Коалицијата на младински организации „СЕГА“ во неодамнешен документ, препорачува „подобрување на активните мерки за младинско вработување“ и изнесува податок дека Македонија се соочува со една од највисоките стапки на невработеност во Европа од 28,8 % за возрасната група од 15 до 29 години.

„Производ на оваа состојба е и фактот што младите (15-29 години) се соочуваат со низа проблеми за влез на пазарот на трудот како што се: несоодветност на стекнатите знаења и вештини во формалниот образовен процес со реалните потреби на пазарот на трудот, долгиот просечен период за премин на младите лица од училиште на работа (2,5 години), како и недоволниот и квалитетен број на слободни работни места.

 Уште поголем проблем претставува тоа што повеќе од 130.000 млади кои не се во образовен процес, не се вработени, ниту се во процес на обуки. Во документот има низа препораки до надлежните институции, приватниот сектор и коморите.

Една од овие препораки е преточена во Закон за младински додаток (Службен весник на РСМ бр.65 од 23.03.2023 година), чија цел е поттикнување на вработувањето на младите лица во дејностите на производството по завршување на средното образование, подобрување на нивниот животен стандард преку работа и задоволување на потребите на работодавачите со соодветна квалификувана работна сила.

Со Законот се воведоа гаранции за исплата на минимален износ на младински додаток, кога младо лице до 23 години ќе заснова работен однос во производствените дејности. Меѓутоа, и овој закон не го уредува ангажирањето малолетници и млади, кои сѐ уште се во образовниот процес. Вака поставено, младинскиот труд остава многу простор за сивата економија, на штета на младиот човек, што некогаш вклучува и експлоатација за која знае поширокото општество, но кое не прави многу за таа да се надмине.

* Родне Деолска е активистка на организацијата Регионален центар за застапување – Делчево.

** Викторија Димитрова е новинарка


Сподели

Facebook
Twitter
Pinterest
LinkedIn

УПАТСТВО ЗА ПРИСТАП ДО АУДИО ЧИТАЧ НА ВЕБ ПРЕЛИСТУВАЧОТ MICROSOFT EDGE