Search
Close this search box.

Нов трик за кршење на работничките права – циркулираат обрасци со нула месеци на вработување

Автори: Денис Ампев и Викторија Димитрова

Работници добиваат откази од денес за утре, без отказен рок. Овие работници потпишале договори на определено работно време со времетраење од ‘0’ (нула) месеци што можат да се прекинат во секое време. Овој вид договори не се законски пропишани, а сепак циркулираат низ институциите. Здружението за заштита на работничките права Гласен Текстилец во рок од две недели доби поплаки од работници од различни сектори, кои биле ангажирани со вакви договори. Кристина Ампева од Гласен Текстилец вели дека веќе имаат регистирано четири случаи кај четири поединечни фирми, од различни градови во државата: Штип, Гостивар, Тетово.

Според Ампева оваа до сега непозната манипулација на штета на работникот е недозволива и спротивна на Законот за работни односи. Ампева објаснува дека при договор на определено работно време, треба во М1М2 образецот издаден од Агенцијата за вработување да стои времетраење на договорот – еден, два, четири, шест месеци, додека нула месеци, како во овие случаи, не смее да стои. Таа се сомнева дека поголема е бројката на работници со вакви договори од тоа што е пријавено кај нив. Дополнителен проблем е тоа што овие работници не добиле примерок од ваквиот договор за вработување. Поради тоа, токму обрасците М1М2  се единствениот начин да се добијат информации за нивниот работен однос и за видот на прекин или отказ на нивниот договор за вработување, за да се заштитат од злоупотреби и прекршувања на нивните права.

Кристина Ампева - Гласен текстилец

„Од утре да не доаѓаш повеќе на работа“

Во канцеларијата на Гласен Текстилец дошла работничка која побарала правна помош откако  добила отказ, бидејќи како што ѝ било кажано,  „газдата нема потреба од неа“ и дека „од утре не треба да доаѓа на работа“.

– Се работи за работен однос кој се случил минатата година, што значи овој систем Агенцијата за вработување го користи веќе година и пол. Овие појави ги утврдивме по пријави на работници за кои отказот не ни изгледаше дека е законски, па ги упативме да извадат М1М2 образец, вели Ампева.

Таа за Локал Актив вели дека успеале да добијат една битка. Еден од отказите на работниците кои им се обратиле е поништен од страна на инспекторите на Државниот инспекторат за труд (ДИТ), а работничката е вратена на работа.

Идентичен е и случајот на работничката која работела во фирма во Гостивар. Оваа работничка немала примерок од договорот за вработување. Од неа било побарано да ги врати опремата и материјалите кои се во сопственост на фирмата и веќе од утре да не доаѓа на работа. Работничката побарала правна помош од здружението Гласен Текстилец и донела и М1М2 образец.  Се работи за идентичен образаец во кој во графата за времетраењето на работниот однос се наведени ‘0’ месеци. Кристина Ампева смета дека овој образец не може и не смее да помине низ системот на Агенцијата.

– Но, ваквите документи со времетраење што го дозволил некој во АВРМ, ќе имаат долгорочни последици по правата на работниците. Покрај тоа, тие ги трошат непотребно и капацитетите на инспекторите во нивното поништување, нешто што не требало воопшто да се случи, бидејќи законот не го дозволува истото, рече Ампева.

Примерок од договор за вработување

Она што зачудува, според Ампева, е што ваквите договори со нула месеци, никогаш досега ги немаат сретнато во пракса. Таа смета  дека со оваа нова пракса се крши член 14 од Законот за работни односи.

Работниците бараат системот да им ги заштити правата

Трисет и пет годишната Весна (идентитетот на работничката е познат на редакцијата) по една година работа во фирма со милионски добивки, доби отказ. Нејзиниот работодавец не ѝ најавил дека ќе остане без работа. Таа се посомневала дека нешто ѝ се подготвува. Забележала дека  последниот месец одговорните почнале да ѝ бараат грешки во нејзиното работење и тоа таму каде што ги нема.

– Иако претходно барав помош да дојде некој на терен од искусните колеги, или надредени, да ми помогне и објасни, никој не доаѓаше, ниту на телефон ми одговараше. Ама последниот месец имаше тортура, притисоци, за на крај претпоставената да ми рече да дојдам на бензиската пумпа во близина на фирмата. Таа дојде со нов колега, ми го претстави и побара тој ден да се раздолжам, да му предадам сé што должам. Бев запрепастена, буквално на улица, на кафе се случуваше ова. Немав време ни во телефонот што ми беше задолжен за работа апликациите да ги средам. Сé во рок од 15 минути. Не ни знаев дека тоа ќе ми биде последен работен ден. Наводно, не биле задоволни од мојата работа, вели Весна.

Фотографија од приватна архива

Ова се случило кон крајот на 2023 година, кога работничката побарала помош од здружението Гласен Текстилец за да ѝ помогнат во остварувањето на правото од работен однос, вклучително и во исплатата на регресот за годишен одмор. Меѓутоа, ја чекал нов шок. При увидот во документите имала што да види. Во обрасците М1М2 стоело дека била вработена на определено работно време со нула месеци. Таа тврди дека потпишала договор за вработување пред да почне со работа, но никогаш не го видела, ниту ѝ бил даден примерок од документот на кој ставила потпис.

– Само еднаш беше потпишан договор и тоа на првиот состанок во фирмата. Повеќе луѓе потпишувавме договори тој ден и муабетот беше дека дотогаш се потпишувале договори преку агенција за привремени вработувања.Тоа беше првиот и единствен договор кој јас го потпишав. Јас немам никаков примерок од договорот. Не прочитавме ништо, не зедовме примерок, тоа што беше кажано и толку, рече Весна.

Оваа работничка посочува дека системот кој овозможил да помине договор на определено работно време од нула месеци, значи дека нема никаква заштита за работниците. Од друга страна, на работавачите им дава можност да отпуштаат работници кога сакаат, без притоа да имаат некакви обврски. Весна побарала од фирмата во решението за отказот да стои дека не е по нејзина вина, за да може да биде барем привремено обезбедена и да зема паричен надоместок во случај на привремена невработеност, бидејќи има 15 години работен стаж.

– Првично ми беше кажано: „Во ред е, тое е твое последно барање, нам тоа ништо не ни менува како ќе гласи отказот. Ако тебе ти менува нема проблем“. За подоцна да дознаам дека не ми следува ова право од Агенцијата за вработување, вели Весна.

Работничката посочува дека токму поради ова таа, но и поголем дел од работниците немаат никаква заштита од државата, а поради тоа ја изгубиле и довербата во институциите.

– Институциите треба да реагираат на тоа, треба да се на терен. Треба да има некаков увид, инспекции кои ќе проверуваат како се постапува со нас работниците. Мене последната плата ми беше далеку под минималната плата. Дали го гледа тоа некој? Треба да се земе предвид дека тоа што го пишува во закон, ние го немаме како работници. Немаме доверба во институциите, ниту во компаниите. И секое следно работно искуство за мене лично би значело да бидам претпазлива. Да внимавам на договорите и што потпишувам, додава Весна.

Голготата не завршува со отказот

Откако здружението Гласен Текстилец реагирало до инспекциските служби по добиените сознанија за Весна, од поранешната фирма таа добила и закана за тужба. Ѝ се јавиле и ѝ се заканувале дека ако не ја повлече пријавата во Државниот инспекторат за труд, ќе ја тужат.  Весна вели дека не ѝ е јасно што треба да повлече за да не ја тужат, бидејќи пријавата не од неа, туку е поднесена од Гласен Текстилец.

– Јас кажав дека кај нив немам никаков потпис и не должам ништо. Ако некој нешто должи, тогаш тие ми должат мене. Тоа што им го должев како службени предмети, го раздолжив последниот ден. Врз која основа ќе ме тужат тие мене, не знам. Но, не паѓам под влијание и притисоци, закани. Ако сакаат, ќе се гледаме на суд, потенцира Весна.

Фотографија од приватна архива

Според неа, во една нормална држава работникот треба да биде ценет, затоа што како, што вели,   работниците ја градат  државата. Смета дека институциите треба да ги штитат работничките права.

Согласно Законот за работни односи (ЗРО), работникот не смее да започне со работа пред да склучи договор, а кога доаѓа прв ден на работа, тој веќе мора да е пријавен во Агенцијата за вработување. Поаѓајќи од ова, претпоставката е дека секој работник го прочитал, се согласил и го потпишал договорот. Секој работник треба да знае на колку време е ангажиран и дали е ангажиран на определено или на неопределено време.

Ова е став на Маја Атанасова од Македонското здружение на млади правници, која во коментар за новодетектираните случаи на кршење на законот, потсетува дека пријавувањето на работникот во Агенцијата го врши работодавачот, кој има обврска пријавувањето да го спроведе во согласност со склучениот договор за вработување. Тоа, според Атанасова, значи дека ако договорот е на еден месец, и пријавувањето ќе биде на еден месец, ако е на 15 дена и пријавувањето ќе биде толку.

– Законот за работни односи (ЗРО) не предвидува минимално времетраење на работен однос, но од друга страна, предвидува дека секој работник треба да биде со регулиран работен однос (договор, пријава во АВРСМ). Трендот на користење на договорите на определено време како можност работодавачите да се ослободат од работниците е навистина алармантен и неопходно е да се промени оваа пракса. Договорите на определено време се договори кои имаат своја краткотрајна цел –  да се заврши определена работа или да се одработи нешто за одредено време. Целта на овие договори не е да го држат работникот во неизвесност, туку да го регулираат работниот однос, а со тоа и работниот процес, смета Атанасова.

Агенцијата за вработување не гледа вина за овие случаи

Откако четири работнички добија откази, а во нивните М1М2 обарсци се утврди дека некој со еден клик напишал нула месеци за работниот ангажман во фирмите во кои работеле, од Агенцијата за вработување на РСМ објаснуваат дека тие се институција, каде се спроведува пријавување и одјавување во задолжително социјално осигурување, врз основа на документација доставена од работодавач.

– При пријавување на работниот однос на определено време, компјутерскиот систем на АВРСМ е прилагоден на законските прописи кои ја регулираат материјата на пријавување во задолжително социјално осигурување. Системот овозможува времетраењето на работниот однос да биде изразено во месеци, но и во денови (доколку е пократко од еден месец). Напоменуваме дека регистрирањето на работниот однос во системот на АВРСМ претставува само пријава во задолжителното социјално осигурување, а основен документ каде се детално уредени правата и обврските на работникот и работодавачот од работниот однос е договорот за вработување, што го потпишуваат и работникот и работодавачот. Во него како основен елемент, меѓу другото, е наведено и времетраењето на работниот однос, отказниот рок и други задолжителни елементи, се вели во писмениот одговор за Локал Актив од АВРСМ.

Од Агенцијата посочуваат дека при пријавувањето во задолжително социјално осигурување, работодавачот воопшто не го доставува договорот за вработување.

– Независно од наведениот период за времетрање на работен однос во Пријавата за потреба од работник и М1 пријавата во задолжително социјално осигурување, работникот останува пријавен во задолжително социјално осигурување сé додека работодавачот не достави документација во АВРСМ за М2 – одјавување од задолжително социјално осигурување. Притоа, на работникот за целиот период за кој што бил пријавен во задолжително социјално осигурување, работодавачот има обврска да му плати плата и придонеси. Во овие случаи АВРСМ нема никаква надлежност за контрола, од причина што согласно Закон, М2 одјавата од задолжително социјално осигурување може да се изврши единствено по доставена документација од работодавачот, се вели во писмениот одговор од АВРСМ.

Во  одговорот се наведува и дека во пракса имало повеќе случаи каде работодавачот во ППР-образецот и М1 пријавата има наведено определен период на времетраење на работниот однос, но работникот останал пријавен многу подолг период.

– Таков е и конкретниот случај за кој што ни се обраќате, каде работникот останал пријавен во задолжително социјално осигурување многу повеќе од периодот наведен во М1 пријавата. Доколку работникот е оштетен, тоа во секој случај не е поради М1 пријавата во задолжително социјално осигурување, туку поради евентуалното непочитување на договорот за вработување што го склучиле работникот и работодавачот, односно непочитување на одредбите од Законот за работните односи со кој се уредува засновањето и престанокот на работниот однос, додаваат од АВРСМ.

Фотографија од приватна архива

МТСП: Законот не познава договори со нула месеци

Од кабинетот на министерот за труд и социјална политика во техничката Влада, за Локал Актив потврдуваат дека Законот за работните односи не предвидува постоење на договори со 0 (нула) месеци/часови. Забележуваат дека, согласно Законот, договор за вработување се склучува за период чие времтраење однапред не е определено (работен однос на неопределено време) и за период чие времетраење однапред е определено (работен однос на определено време). Договорот за вработување во кој не е утврдено времето за кое е склучен договорот, се смета за договор за вработување на неопределено време. Прашањето е дали ова толкување значи оти овие договори со нула денови за кои говори текстот се тоа – договори кои траат неопределено?

– Во секој случај, во насока на спречување на злоупотреби на Законот за работни односи, а согласно членот 14 од истиот Закон, Министерството ќе ги провери со АВРСМ овие наводи и ќе преземе мерки за заедничко надминување на проблемот, одговорија од Министерството за труд и социјална политика.

Директорката на Државниот инспекторат за труд (ДИТ), Весна Томовска забележува дека инспекторите реагираат на претставките кои ги добиваат од работници, од Гласен Текстилец и од синдикатите, веднаш по добивањето на ваквите пријави. Таа вели дека за нив како инспектори е важно работникот да е пријавен, без разлика дали три, пет дена, два или повеќе месеци.

– Работникот може да биде пријавен според потребите на работодавачотт и на 15 дена. Во законот нема ограничувачка одредба дека пријавата мора да е најмалку еден месец. Нам ни е важно работникот ако работи и три или пет дена, да е пријавен и да има заснован работен однос. Тоа е важно за инспекцискиот орган, вели Томовска.

Но, од овој пример со добивање откази врз основа на договори со времетраење од нула месеци, Томовска заклучува дека работниците мора да си ги знаат своите работнички права. Како што вели, работниците секогаш треба да инсистираат да ги добијат договорите за вработување на кои ставиле потпис.

За проблемот со обрасците со нула месеци, Томовска разговарала со надлежните од АВРСМ.

Фотографија од приватна архива

– Системот ги генерира податоците што ќе ги внесе човекот, а не обратно. Во Агенцијата гледале во пријавата дека [станува збор] за потреба од работник до еден месец. Тие велат, ние не можиме да интервенираме во системот ако работодавачот го одјавува надвор од пријавата за потреба, и сега тука треба системски да се реагира. Затоа е многу важно и постојано апелираме дека, за да се заштитат работниците, мора да бараат договори за вработување и да прочитаат што потпишуваат, вели Томовска.

Решението за „проблематичната нула месеци“ во обрасците на работниците кои останаа без работа, според директорката на ДУТ, лежи  во новиот закон, со кој е предвидено формирање на нова Управа. Оваа Управа ќе работи на регистрирање на пријавите и одјавите на работниците.

Но, дотогаш, важи апелот од Гласен Текстилец до работниците:

„Внимавајте какви договори потпишувате. Секогаш треба да имате примерок од договорот кај себе. Извадете М1М2 образец од Агенцијата за вработување и проверете го времетраењето на образецот. Доколку е нула, реагирајте веднаш и до нас,  до Агенцијата, па и до работодавачот“, апелираат од Гласен Текстилец.

Не помалку важно е работниците да знаат дека имаат право да бараат заштита, првенствено од Државниот трудов инспекторат и од синдикатите, а понатаму и во судски постапки. Атанасова од Македонското здружение на млади правници потсетува дека прв чекор е да се обезбеди дека секој работник го има својот договор за вработување, а доколку работодавачот одбива да му го даде, тоа да го пријави во трудова инспекција, бидејќи за таква повреда е предвидена глоба за работодавачот и за одговорното лице на работодавачот.

*Денис Ампев е активист на здружението Гласен Текстилец

**Викторија Димитрова е новинарка

Сподели

Facebook
Twitter
Pinterest
LinkedIn

УПАТСТВО ЗА ПРИСТАП ДО АУДИО ЧИТАЧ НА ВЕБ ПРЕЛИСТУВАЧОТ MICROSOFT EDGE