Search
Close this search box.

Зимата завршува – дали до наредната ќе заборавиме на аерозагадувањето во Малешевијата?

Авторка: Родне Деолска* 

Со поставувањето на мерната станица за мерење на квалитет на воздухот во Берово, во 2022 година, се разниша митот за беровско како еколошка оаза со чист планински воздух. Првите резултати од станицата жителите на Берово ги примија со неверување, но во зима вредностите секој месец покажуваа дека воздухот е загаден. Според извештајот од станицата, во декември 2023 година, 19 дена била надмината 24 часовната гранична вредност на ПМ 10 честички во воздухот. Во јануари такви денови имало 11.

Даниел А., млад беровчанец, вели дека во овој период од годината загадувањето најчесто се забележува во попладневните часови.

– Најчесто се чувствува мирис на неоргански материи и горење на синтетички материјали. Од дискусија со мои блиски сме сфатиле дека голем дел од произведувачите на пелети произведуваат пелети со сомнителен квалитет и состав чие користење очигледно е, а и се докажува дека е, еден од поголемите загадувачи. Ова го кажувам затоа што во  последно време луѓето се насочуваат кон автоматизирано греење со пелети, вели Даниел.

Државниот мониторинг систем за мерење на квалитетот на амбиентниот воздух, со кој управува Министерството за животна средина и просторно планирање (МЖСПП), се состои од 21 фиксна мониторинг станица, како и една мобилна станица која се преместува во различни општини каде нема мерни станици. На границата на Источниот регион има само една мерна станица и тоа во Берово.

Професор Дејан Мираковски, ректор на Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип и раководител на Лабораторијата за животна и работна средина „Амбикон“, вели дека Берово има одличен воздух во текот на поголем дел од годината. Но, со доаѓањето на зимата, во месецитe на стабилна атмосфера се појавуваат сериозни проблеми со загадувањето. Така е и со неколку други градови во Источна Македонија.

 – Во зависност од локацијата на која се наоѓа местото, имаме места со концентрација на поголеми загадувачи во текот на зимскиот период, претежно котлинските места се екстремно подложни на тие процеси на температурна инверзија. Генерално, замената на системите за греење со системи кои се поквалитетни и со помали емисии и замена на горивата се нешто што треба да се направи ако сакаме да имаме чист воздух во текот на зимските денови, изјави за Локал Актив Мираковски.

Според Мираковски, користењето цврсти горива, но и користењето системи за греење кои се релативно стари произведува огромни количини на суспендирани честички во воздухот кои предизвикуваат високи концентрации на загадување.

Во Македонија, според Институтот за јавно здравје, годишно има 3.828 смртни случаи кои можат да се препишат на изложеноста на измерените концентрации на ПМ 2.5 честички, што е 17.7 отсто од вкупната смртност во државата, а изразено поинаку, на тековните нивоа на аерозагадување се припишуваат 319.4 смртни случаи на 100.000 жители. Ова се податоци од „Извештајот за здравјето и здравствената заштита на населението на РСМ во 2022 година“ објавен од Институтот за јавно здравје, во делот кој се однесува на аерозагадувањето и ризиците по здравјето. Жителите од Истокот влегуваат во оваа трагична статистика.

Граѓаните пријавуваат- јаглен и отпад се гори во печките

Во текот на 2023 година, во периодот јули – декември, во Берово се направени 11 вонредни надзори по дојава од граѓани и здруженија за што се поднесени прекршочни пријави до физички лица за неправилно одлагање или спалување отпад.

Ако треба да се утврди најактуелна тема или „најизгуглан“ збор во текот на зимата во државата, тоа сигурно би било аерозагадувањето. Алармот се вклучува во месеците од октомври до март, кога и податоците од мерните станици покажуваат највисоки вредности. Загрижувачки податок е дека во Македонија годишно има 3.828 смртни случаи кои можат да се препишат на изложеноста на тековните концентрации на ПМ2.5 честички, што е 17.7 отсто од вкупната смртност во државата, или поинаку кажано, на тековните нивоа на аерозагадување се припишуваат 319.4 смртни случаи на 100.000 жители во земјава.
Ова се податоци на Институтот за јавно здравје објавени во „Извештајот за здравјето и здравствената заштита на населението на РСМ во 2022 година“.

Катерина Скендерски, инспекторка за животна средина во Општина Берово, вели дека аерозагадувањето најмногу се должи на користење недоволно суво огревно дрво, користење отпад од дрвна индустрија, стари и неодржувани горилници, согорување градинарски отпад, палење стрништа, а значаен удел има и употребата на јагленот како реагенс.

 – Нема прецизна законска регулатива која би ни помогнала нам инспекторите да го контролираме користењето на јагленот. Сулфатите се мерат од акредитирани лаборатории, употребата на јагленот не е забранета, а тешко се докажува квалитетот. Берово е град кој се грее главно на дрва, меѓутоа некои семејства сé уште го користат јагленот како реагенс за загревање бидејќи финансиски е подостапен. Во комбинација со метеоролошките услови, во деновите со ниски температури, кога има потреба од поголемо загревање на домовите, се покачува и нивото на загадувачи во воздухот. Берово нема тешка индустрија и на територијата нема поголеми индустриски капацитети – вели Скендерски.

Таа додава дека, доколку правилно се толкуваат резултатите од мерните станици  ќе се види дека Берово не е толку загадено, а тие како општина ќе се трудат градот да остане воздушна бања на Балканот и покрај тешкиот удар од пожарот што ја зафати Малешевијата во 2021 година.

 

– Нашите напори се да се направи едукација на идните генерации за селекција на отпадот и за негово правилно одлагање, правилно одржување на шумите, планско и одржливо користење на природните ресурси. Зачувување на природниот начин на производство, органски методи на овоштарство и пчеларство, поттикнување на развојот на туризмот со акцент на одржливост и планско користење, изјави за Локал Актив Скендерски.

Дрво, нафта, пелети се горат во делчевските домови и институции

Во блиското соседство, но не со помалку „аеро проблеми“, во Пијанечката котлина е градот Делчево. Таму граѓаните, освен огревно дрво, за затоплување најчесто користат пелети и нафта.

Љупчо Симоновски, инспектор за животна средина во Општина Делчево вели дека иако во градот нема поставена мерна станица, инспекциската служба врши редовни контроли. Ова особено во периодот ноември- март, кога вообичаено е пикот на аерозагадувањето.

Инспекторот вели дека загадениот воздух во овој период најмногу се должи на користење недозволени средства за горење, како што се пластика, текстил и сурови дрва. Минатата година во врска со овој проблем се направени 12 редовни и вонредни инспекциски надзори, но пријави нема, истакнува Симоновски. Според него, решение за овој проблем е користењето суво огревно дрво и редовни контроли од страна на инспекциската служба.

Граѓаните кои Локал Актив ги анкетираше во Делчево велат дека за време на грејната сезона се соочуваат со низа проблеми, а аерозагадувањето е едно од нив. Рада Ѓеоргиева живее во станбена зграда во центарот на Делчево, а бидејќи е во поодмината возраст, од минатата сезона решила наместо дрва да користи инвертер клима за греење. Во зградата во која живее пред само неколку недели се запалил оџак што укажува на тоа дека граѓаните немаат ни доволно развиена свест за чистење на оџаците пред и по завршувањето на грејната сезона. Рада вели дека веќе неколку години има и здравствени проблеми со дишењето. Загадениот воздух, но и пожарот во самата зграда, имале големо влијание врз нејзиното нарушено здравје.

Фотографија од Делчево

– Цел ден го поминавме во чад и смрдеа од запалениот оџак, којзнае од кога не бил исчистен. Територијалната противпожарна единица (ТППЕ)- Делчево интервенираше на време, но потоа со денови не се дишеше во зградата. Јас живеам на шестиот спрат и многу ретко излегувам на тераса. Додека трае зимата навистина тешко се дише, вели Рада.

Крум Николовски е поранешен инспектор за животна средина во Општина Делчево. Неговите искуства говорат дека во последниве десет години начинот на греење на делчевци се „збогатил“. Освен дрва, користат отпадна синтетика, пластика, а автомеханичарските работилници се загреваат со искористени моторни масла што е канцерогено исто како и согорувањето пластична амбалажа. Денес, од аспект на граѓанин – пензионер, Николов смета дека она што се случува последниве години е последица на несовесноста и сиромаштијата на граѓаните. Според него, и нерегулираното и неконтролирано производство и користење на пелети доведува до загадување.

– Неколку производствени капацитети од дрвната и текстилната индустрија во Делчево оставаат негативен отпечаток на здравјето на граѓаните и животната средина. Дел од нив се греат на мазут и остатоци од текстил што самите го произведуваат. Покрај примарната дејност, дел од индустријата дополнително произведува и пелети направени од остатоци од лакирани дрва, дрва со смола и сл. И бидејќи кај нас системот не функционира како што треба и нема регулирано и контролирано производство на пелети, доаѓа до загадување и од овој ресурс за греење, за кој многумина мислат дека е еколошки добар, дециден е Николовски.

Каде се институциите во приказната за загадувањето?

Нашите соговорници прстот го вперуваат во домаќинствата, како предизвикувачи на аерозагадувањето. Меѓутоа, ги забораваат институциите, училиштата, градинките и болниците кои користат нееколошки горива, како нафта или мазут за загревање.

Дигиталниот регистар на Министерството за животна средина и просторно планирање има база на податоци и мапа на сите јавни објекти под надлежност на државната и локалната самоуправа. Во овој регистар има податоци за видот на гориво кое го користат за загревање, неговата потрошувачка и капацитетот на ложиштето. Таа анализа покажува дека вкупно 709 институции во земјава се греат со нееколошки системи кои како енергенси користат дрво, мазут, нафта и пелети. Во источниот регион институциите се греат најмногу на дрво, екстра лесно гориво (нафта), пелети, струја или централно греење. Единствено Центарот за култура во Кочани се грее на јаглен, за кој има препорака да се замени со дрво.

За аерозагадувањето зборуваме само пред почеток на грејната сезона

Едни од најгласните поборници за чист воздух и зачувување на животната средина се граѓанските организации, особено оние кои работат во областа. Најчесто нивните активисти со оваа проблематика се занимаваат само во есенските и зимските месеци, а во текот на летниот период речиси и ги нема. Разговаравме со луѓето од Милјеконтакт Македонија, организација која поддржува иницијативи на граѓански организации за животна средина, природа и одржлив развој. Тие се согласни дека аерозагадувањето во одредени градови и делови на државата е сериозно, што остава последици по здравјето на луѓето. Меѓутуоа, тие нагласуваат и дека има мноштво различни информации кои погрешно се толкуваат од страна на нестручни лица, а се пласираат и сериозни дезинформации, поради што  аерозагадувањето често се користи за политички цели и интереси.

– Мерните станици во државата, што ја мерат концентрацијата на ПМ честичките во воздухот, даваат мерења коишто се собираат и се анализираат во различни временски интервали и се вадат просеци и средни вредности што треба да ја дадат сликата за загадувањето. Дневните мерења не можат да се земат како кредибилни податоци за тоа дека некаде загадувањето се зголемило. Врз основа на просеците од мерењата на мерните станици на Министерството за животна средина, од кои една е во Берово, може да се види дека во континуитет квалитетот на воздухот во Берово не е толку влошен, како што се чини од податоците за поединечни временски периоди што се пласираат во јавноста од страна на медиуми или поединци. Се практикува и мерење со некалибрирани инструменти, кои што исто така даваат некредибилни податоци, забележуваат од Милјеконтакт.

Лого на организацијата Милјеконтакт Македонија

Од организацијата сугерираат мерки, како воспоставување регионални или локални единици на Министерството за животна средина кои ќе се занимаваат со теренски истражувања и собирање податоци, како и вложување во иницијативи за еколошка писменост кај граѓаните. Освен тоа, треба да се зголемат капацитетите на инспекцискиот надзор во државата, а во исто време, треба сериозно да се пристапи кон измени и дополнувања на подазаконските акти со кои се уредуваат попрецизно надлежностите на инспекцискиот надзор. 

Државните инспектори за животна средина лани на Истокот имале 223 надзори

Државниот инспекторат за животна средина (ДИЖС), од јули до декември 2023 година, на територијата на општините од Источниот регион има извршено 104 редовни, вонредни и контролни надзори, од кои најмногу во Штип (вкупно 31), а при 13 надзори има откриено откриени неправилности.

Второ на листата е туристичко Берово со 16 надзори и четири направилности, потоа следуваат Кочани и Карбинци каде имало 10 надзори, Пробиштип има осум, а Делчево, Пехчево, Македонска Каменица и Чешиново-Облешево имаат по шест инспекциски надозри. Инспекторите биле во посета на Виница во четири наврати, а најмалку во најмлата општина во регионот, Зрновци и тоа само еднаш.

Во првата половина на 2023 година, од јануари до јуни, инспекторите во 11 општини на Источниот регион имале 119 надзори, а неправилности констатирале при 35 надзори. И во овој извештај најмногу работа на терен имале во Штип, каде се евидентирани 39 надзори, следи Пробиштип со 17, Кочани има 14, а Виница и Карбинци имаат по 11 надзори. Во Делчево и Чешиново-Облешево имаат по пет, Македонска Каменица четири, претпоследен е Пехчево со два и Зрновци со еден надзор. 

И во време на донесени програми, препорачани мерки за заштита, совети за намалување на загадувањето, граѓаните преземаат различни чекори. Оние во поодминати години ги напуштаат урбаните средини и сé почесто одат во селата. Останатите кои немаат избор, низ градовите се движат со ФФП2 или КН95 маски за лице, но факт е дека за овој проблем треба сериозно залагање од сите засегнати страни. Аерозагадувањето е сепак глобален проблем, за чии последици сме сите ние директно одговорни. 

*Родне Деолска е активистка на Здружението на граѓани – Регионален центар за застапување – Делчево.

(Новинарка-ментор: Викторија Димитрова) 

Сподели

Facebook
Twitter
Pinterest
LinkedIn

УПАТСТВО ЗА ПРИСТАП ДО АУДИО ЧИТАЧ НА ВЕБ ПРЕЛИСТУВАЧОТ MICROSOFT EDGE