Search
Close this search box.

Во Струмица јавно многу се зборува за врсничко насилство – но речиси воопшто нема пријавени случаи до институциите

Автори: *Марија Танушева и **Зоран Ѓоргиев

Според неодамнешно локално истражување за врсничкото насилство, меѓу средношколската популација во струмичкиот регион има перцепција дека врсничкото насилство е распространето во училиштата.  

Но, кога ќе побарате податоци од училиштата и од надлежните институции за бројот на официјални пријави до нив, изгледа како овој проблем воопшто да не постои. Индикација дека младите знаат што е булинг се резултатите од онлајн анкетата која Организацијата на жени од Струмица ја спроведе кон крајот на минатата година.

Оваа иако не-репрезентативна, но индикативна анкета е направена на група од 121 ученик на возраст од 15 до 19 години во трите средни училишта во градот. Анкетата сугерира дека и покрај препознавањето и свесноста, ретко кој од младите пријавува случаи на врсничко насилство кај стручните служби во училиштата.

Средношколците Ивана и Андреј укажуваат на постоењето на сајбер насилството кое станува сѐ почесто и потоа се прелева во физичкиот свет. Затоа апелираат на што поголема превенција.

Изјавата се користи со одобрение на родителите

„Мене такво нешто еднаш ми се случи, ама не беше нешто страшно и успеав да го решам проблемот. Запознаен сум со сајбер булингот и булингот воопшто и мислам дека тоа треба да се спречи. Знам деца кои биле и повредени од тоа – не сакам никогаш да ми се случи мене или на некој близок што го знам“, вели петнаесетгодишниот Андреј.

Шеснаесетгодишната Ивана има сличен став. „Ги следам коментарите на сите социјални мрежи. Според мене, посебно сајбер насилството во последно време зема се поголем замав. Сметам  дека го има сѐ повеќе и почесто и затоа мислам дека ние како млада генерација треба да работиме и да ги поттикнеме нашите врсници да се вклучат во одредени акции со кои ќе работиме на намалување, а не на поттикнување на насилството меѓу врсниците“, вели Ивана.

Изјавата се користи со одобрение на родителите

Еден скршен заб

Но, дали тоа за што овие млади луѓе тврдат дека е вистина е доволно за да предизвика да биде преземена некаква мерка? Во струмичката полиција оваа учебна година имало само една пријава за настан во кој на ученичка ѝ бил скршен забот, но нема конкретни податоци дали тој случај полицијата го води како булинг, ниту пак се наведуваат причините поради кои дошло до нападот. Претставници на полицијата за Локал Актив ја дадоа оваа информација:

„Во текот на оваа учебна година – од 01 септември 2023 година до денес – во СВР Струмица е пријавен еден настан, во кој ученичка била нападната од соученик, при што ѝ била нанесена тешка телесна повреда. Настанот се случил во основно училиште во Струмица, а пријавител е родителот на нападнатата ученичка. За настанот е поднесено известување до надлежен обвинител од Основно јавно обвинителство Струмица, според пропишаното во Законот за права на децата“.

Случајот го потврдија и од Основното јавно обвинителство во Струмица. Предметот бил формиран и веќе било поднесено барање до судијата за деца во струмичкиот Основен суд за поведување подготвителна постапка.

Законот за основно образование предвидува мерки за спречување насилство врз учениците. Во Членот 65 се забранува телесно, психичко и сексуално малтретирање и казнување на ученикот и понижувачко однесување и постапување кон него. Исто така со членот 66 е регулирана улогата на директорот на училиштето и постапката за пријавување и заштита на ученик-жртва на насилство.

Би можело да се очекува дека многу од инцидентите на врсничко насилство и булинг не се толку сериозни како овој со скршениот заб на една девојка. Во тој случај за очекување би било таквите случаи да бидат пријавени барем до службите во училиштата – обезбедувањето, педагогот, психологот, директорот или одделенскиот наставник? Но нашето истражување укажува на тоа дека во струмичките школи или не се води евиденција за бројот и типот на вакви случаи, или службите во школите не сакаат да ги споделат овие информации или пак учениците не пријавуваат дури ниту во школите. А според образовните служби, во некои училишта се обезбедени услови учениците кои биле цел на булинг или насилство да можат да пријават чувствувајќи се безбедни дека за нив нема да има последици.  

Така, во ООУ „Видое Подгорец“ од Струмица воведена е можноста за анонимна пријава, а поставени се и сандачиња за пријави. Педагогот во ова училиште, Сања Ташева, вели дека има пријави за насилство, не наведувајќи информација за колку за колку пријави се работи. При тоа, според неа, подеднакво пријавуваат и момчињата и девојчиња. Меѓутоа, сѐ уште постои страв да се пријави дете – насилник со име и презиме.

„Пријавувањето е многу индивидуално и зависи од децата. Некои дечиња прво го пријавуваат кај родителите па родителите реагираат, други го пријавуваат кај стручните служби, па претставник на стручната служба пријавува кај одделенски раководител, некои пријавуваат кај одделенски раководител. Децата најмногу пријавуваат онаму каде што се чувствуваат најсигурни. Во однос на врсничкото насилство, стручните служби настојуваат да бидат отворени и достапни за децата да се чувствуваат сигурно доколку имаат проблем истиот да го пријават. Да не бидат само служби каде се оди доколку се направи некој прекршок. Интенцијата е да се тргнат предрасудите за стручните служби како одделение за казни”, вели Сања Ташева, педагог во ООУ „Видое Подгорец“ во Струмица.

Родителите, општо земено, покажуваат кооперативност, објаснува Ташева, но имало и ретки случаи каде родителот не прифаќал дека неговото  дете  се  однесува  насилнички.

Комерцијална фотографија

Искуството  на  Борка  Дончева,  наставник   од  СОУ„Јане  Сандански“  во  Струмица  покажува  дека  превентивните активности,  работилници  и  пред  се  многу  разговори  со  учениците  на  крај даваат  резултат.  Во  досегашното  искуство  таа  се  има  соочено  со  многу различни деца,  секое посебно за себе. Во однос на прашањето за кое што и се  сретнавме,  присуството  и  борбата  против  врсничкото  насилство,  ни посочи  дека  последните  години  како  резултат  на  кампањите  за  врсничко насилство, постојаното зборување и истакнување на важноста да се  знае, да се препознае и да се пријави врсничкото насилство, намален е бројот на случаи на врсничко насилство во ова средно училиште. 

„Во текот на минатата година немаме забележано случај  на физичко  насилство  меѓу  сооучениците,  меѓутоа  сајбер насилството  овде  исто  како  и  во  основните  училишта  е  многу  присутно. Одредени несоодветни зборови кои што децата ги користат во меѓусебната комуникација,  истите  ги  сметаат  за  нормални.  И  во  рамките  на училиштето постојано се презмеаат активности да се разговара со децата, да  им  се  посочува  важноста  да  бидат  охрабрени  да  пријават  врснично насилство“,  вели  Борка  Дончева.

Со Законот за средно образование се забранува дискриминација а согласно член 51, телесното казнување и психичкото малтретирање на ученикот е забрането. Во Членот 58 став 1, родителот/старателот се упатува на советување, доколку ученикот учествува во тепачки или други форми на насилство.

Локален совет за превенција

За безбедноста во училиштата и врсничкото насилство за период од една година веќе трипати се расправа на Локалниот совет за превенција. ЛСП е општинско тело формирано 2008 година кое се грижи за превенција на актуелни и потенцијални социо-политички или економски проблеми во општината а во него се вклучени претставници на повеќе релевантни институции – како на пример локални судови, локалната полиција, директори на училишта и претставници на граѓански организации и.т.н.

Во ЛСП, оваа тема била отворена по иницијатива на градоначалникот на Општина Струмица, откако претходно тоа било препорачано од Министерството за образование и наука (МОН).

Но, на седниците на ЛСП не биле изнесени примери кои би можеле да ја илустрираат сериозноста на проблемот, ниту пак биле донесени никакви заклучоци за решавање на проблемот. Секретарот на ЛСП Ѓорѓи Аризанов, тврди дека општината е подготвена да одговори на потребата за спречување врсничко насилство, но и дека тој проблем во Струмица не е голем. 

„Општ впечаток и заклучок е дека во Струмица нема случаи од поголем размер на булинг. Единствено што се појавува тоа се некои изолирани случаи за кои секогаш навремено се реагира. Сите училишта и го имаат изработено план за работа и го имаат доставено назад до општината. Поголем дел од училиштата имаат и свои извештаи за спречување, соработка со ЛСП во кои стои и тоа што тие самите презеле за спречување на булингот“ , вели Аризанов.

Седница на Локалниот совет за превенција

Темата врсничко насилство во мај оваа година по трет пат се вратила во општинските тела кога на предлог на еден член на Советот на општината било посочено дека тука сепак има проблеми. Но, и на таа седница било заклучено дека станува збор за изолирани случаи кои  се решаваат со соодветни мерки преземени од страна на директорите на училиштата.

„Еден од последните заклучоци од 2024 година и главен заклучок е вториот дел или делот по детектирање на проблемот и постапувањето со децата. Факт е дека се наидува на проблем или слаба соработка со Центарот за социјална заштита. Секој наставник, педагог, директор кој го детектира случајот должен е по писмен пат да го извести МВР, ОЈО и слично, а тие институции или друга институција во која е детето згрижено потребно е по писмен пат да го известат Центарот за социјална заштита. Овде се работи за постапување со дете во ризик. Центарот за социјални работи е должен да постапува по известувањата од институциите каде се наоѓа детето. Овие институции се должни заемно да известуваат за однесувањето на детето, како и за сите други околности што според законот се смета за ризик“, информираше Аризанов од Локалниот совет за превенција на општина Струмица.

Улогата на родителите

Но, според Ленче Христова – извршна директорка на Организација на жени Струмица, која работеше на проект за врсничко насилство, спроведената онлајн анкета на нејзината организација покажала дека врсничкото насилство е секако присутно во струмичките училиштата. Но таа додава дека работата на училиштата и институциите не може да се очекува да направи промена без сериозен акцент да се стави на улогата што во спречување на ова насилство може и треба да ја имаат родителите, бидејќи очекувано, учениците жртви на вакво насилство најмногу доверба имаат кај родителите.

„Осуммина млади, жртви на насилство, за решавање на проблемот се имаат упатено кон родителите, две деца одговориле дека се обратиле кај родителите и службите  во училиштето, додека три деца рекле дека не се охрабрени и не веруваат дека може некој да им помогне да се реши проблемот. На прашањето во кого имаат доверба да побараат помош во случај на насилство, 64%  од  децата  одговориле дека имаат најголема  доверба  во родителите,   6 %  во  родителите  и наставниците, 4 % во  класниот раководител и службите во училиштето, 3 % во родителите  и  полицијата,  додека  9  %  немаат  доверба  да  пријават врсничко  насилство“,  информираше  Христова.

 Дека едукацијата – формална и во рамките на семејството – е многу важна за да може овој тип насилство да се препознае колку што е можно порано смета и професорот Никола Смилков од Факултетот за образовни науки (ФОН) од Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип. Според него, посебно борбата против сајбер насилството треба што поскоро да влезе во образованието.

„Ние имаме информатика како предмет, но треба да се збогати со содржини за препознавање и борба против сајбер насилството. И мислам дека тоа треба да бидат првите содржини кои ќе се изучуваат по предметот на информатика. И не само информатика, тука зборувам и за другите предмети. И ликовно образование исто така треба да биде застапено од таа графичка страна сајбер насилството“,  вели  професор Никола Смилков.

 Концепцијата  за  основно  образование  од  2021  година  исто  така  како приоритетна цел има обезбедување  безбедни  институции  за образование  и обука, без насилство, говор на омраза, дезинформации и дискриминација.

Национална стратегија за млади 2023-2027 (Стратегиска цел 4): Зголемена свест и имплементација на мерки за намалување на врсничко насилство, родово базирано насилство, сајбер безбедност и дигитална хигиена во рамките на образовните институции:
1. Интеграција на сајбер безбедност и дигитална хигиена во наставна програма за информатика почнувајќи од средното образование.
2. Зголемување на свеста на родители за сајбер безбедност и дигитална хигиена помеѓу учениците во средното образование.
3. Кревање на свест помеѓу младите, родителите и просветните работници, за формите и влијанието на сајбер-врсничкото насилство со цел да се создаде заеднички пристап кон отпорноста на младите од сајбер насилство.
4. Воспоставување на формализирана соработка помеѓу Националниот центар за одговор на компјутерски инциденти и образованите установи со цел зголемување на свест за сајбер безбедност.
5. Подобрување на капацитети на педагози и психолози како и одделенски раководители за градење на здрава и безбедна училишна средина во насока на превенција и заштита од врсничко насилство и подигнување на чувството на сигурност на учениците.
6. Креирање и подобрување на механизми за пријавување, заштита и спречување на сексуално во рамки на образовниот процес.
7. Воведување на механизми за спречување и санкционирање на врсничко насилство во средни училишта.
8. Проценка на ефикасноста на мерките за пријава и санкционирање на сторители на врсничко насилство и работа за коригирање на однесувањето.
9. Креирање на систем за евидентирање на случаи со врсничко насилство во училиштата на државно ниво.
10. Креирање на механизми за системска поддршка во рамки на училиштата за жртви од врсничко насилство.

Национална стратегија за млади

Македонија во 2022 година подготви Национална стратегија за млади 2023-2027 година. Во неа е идентификуван проблемот на сајбер булингот. Во неа се вели дека „од аспект на безбедноста, […] важен e сајбер просторот и потребата за сензибилизрање на младите за заканите кои постојат во него. Дури 55% од младите се изјаснуваат дека се често соочени со врсничко насилство онлајн, а 26.7% сметаат дека онлајн вознемирувањето од страна на пријатели и познаници е најголемата закана онлајн. Истовремено, 63% од младите никогаш не добиле обука или формално запознавање со проверка на информации онлајн, интернет однесување за заштита од сајбер насилство, заштита на лични податоци и датотеки, и заштита на онлајн содржини“.

Со Стратегиската цел 4, поврзана со безбедноста, предвидено е, државата воопшто, но и секоја од општините да работат на „зголемена свест и имплементација на мерки за намалување на врсничко насилство, родово базираното насилство, сајбер безбедноста и дигиталната хигиена во рамките на образовните институции“. Особено релевантно за темата врсничко насилство е целта која Македонија си ја поставила за „кревање на свест помеѓу младите, родителите и просветните работници, за формите и влијанието на сајбер-врсничкото насилство со цел да се создаде заеднички пристап кон отпорноста на младите од сајбер насилство“ како и за „воведување на механизми за спречување и санкционирање на врсничко насилство во средни училишта“.

Токму општината и институциите имаат конкретни задачи зададени од Националната стратегијата за млади. Како стратегиска цел во овој документ е наведено „креирање на мрежа за комуникација со надлежни органи за полесно пријавување на семејно и врсничко насилство, злоупотреба на супстанции, интернет зависност, рани знаци на бихејвиорални и ментални нарушување кај млади лица“.  Во Стратегијата се наведува и воведување на нови воспитно педагошки мерки за санкционирање на врсничко насилство.

Локалниот совет на општина Струмица е издвоен како еден од советите во државата кој навистина посветено функционира, но целокупниот систем во државата треба да направи повеќе за оваа меѓу-институционална комуникација за рано предупредување за можно насилство да функционира подобро.

*Марија Танушева е граѓанска активистка од Организација на Жени – Струмица.

**Зоран Ѓоргиев е новинар.

Сподели

Facebook
Twitter
Pinterest
LinkedIn

УПАТСТВО ЗА ПРИСТАП ДО АУДИО ЧИТАЧ НА ВЕБ ПРЕЛИСТУВАЧОТ MICROSOFT EDGE