Врсничкото насилство бара итен и координиран одговор на локалните заедници

Локалните заедници мора фокусирано и координирано да работат на подигнувањето на свеста кај децата и нивните родители за физичките и емоционалните ефекти на врсничкото насилство, кое е во пораст во повеќе локални средини во Македонија.

Ова го велат претставници на повеќе граѓански организации во Источниот и Југоисточниот регион, кои во декември почнаа да спроведуваат проекти поврзани со проблемот, за кој велат дека во македонското општество не се смета за сериозен и покрај проблемите кои тоа ги предизвикува во развојот на малолетниците.

Според наодите од неодамнешно истражување спроведено во Штип, од Едукативно-хуманитарната организација ЕХО од овој град – 76,4% од испитаниците одговориле дека биле сведоци на некаков тип насилство. 45,7% одговориле дека биле сведоци на сајбер насилство, а дури 39,7% биле сведоци на насилство во училиштата.

Испитаниците сметале дека и момчињата и девојчињата е подеднакво веројатно да бидат причинители на врсничко насилство, како што е подеднакво веројатно да бидат жртви.

Додека 63,8% од испитаниците би имале најмногу доверба во членовите на семејството за да пријават насилство, таква доверба кон полицијата би имале само 10,1%

Врсничкото насилство, или булингот како што популарно се нарекува, може да добие различни форми – од праксата на потсмевање, преку која жртвите се симболички исклучувани од социјалниот круг на нивните врсници, па сѐ до физичко насилство, чиј ефект, покрај психичките фрустрации, се и телесните повреди кај децата.    

Локалните граѓанските организации се согласуваат дека овој проблем мора брзо да почне да се решава, а за тоа клучна улога имаат институциите на локално и национално ниво и особено образовните институции но и семејните состави.

На веб страницата на Организацијата на Жените од Свети Николе, која исто така работи на проекти поврзани со овој проблем, се вели дека „За да се промени однесувањето кај децата кои применуваат насилство, возрасните треба да ја разберат нивната перспектива и причината зошто тие бираат да се однесуваат на тој начин. Така, не е доволно детето да се казни, затоа што и самата казна би можела да ги влоши нештата. Со детето треба да се работи трпеливо: да му се променат ставовите, гледиштата и убедувањата во врска со насилното решавање на проблемите“.

За организацијата ЕХО од Штип, пак, покрај во семејните состави, проблемот треба да се решава и на институционално ниво – во рамките на образовниот систем.

Од оваа организација се вели дека „целта на дејствувањето не граѓанските организации, но и на општините, треба да биде организирана и постојана едукација и зголемување на знаењето на младите девојки и момчиња за препознавање на насилството од врсници, што може да се очекува да се промени нивната свест“.

Проектите кои до сега беа спроведувани, на оваа тема во рамките на источниот и југо-источниот регион, направиле извесно придвижување во позитивна насока, но тоа не може да се смета ниту за значајно, ниту за доволно.

За координирана акција на сите релевантни страни, тврдат граѓанските организации,  потребни се фондови и нови и свежи идеи за пристап кон децата.

Сподели

Facebook
Twitter
Pinterest
LinkedIn

УПАТСТВО ЗА ПРИСТАП ДО АУДИО ЧИТАЧ НА ВЕБ ПРЕЛИСТУВАЧОТ MICROSOFT EDGE