Илустративна фотографија / Фото: Egor Komarov, Pexels
Седумнаесетгодишна девојка од Косово деновиве беше тешко повредена откако во неа удрил електричен тротинет на булеварот „Илинденска“ во Тетово. Возачот го напуштил местото, а тешките повреди кај малолетничката биле констатирани во тетовскиот Ургентен центар. Ова е еден од низата случаи што ја отвораат темата за безбедноста на пешаците и на возачите на електрични тротинети.
Полициските податоци покажуваат дека незгодите со овие превозни средства не се реткост. Од почетокот на годинава на подрачјето на СВР Тетово, кое ги опфаќа Тетово и Гостивар, се регистрирани 51 сообраќајна незгода со електрични тротинети. Во нив 43 лица се здобиле со телесни повреди, а осум со тешки телесни повреди.
Од вкупниот број незгоди, 30 се случиле на подрачјето на Тетово, а 21 на подрачјето на Гостивар. Во Тетово шест лица биле тешко повредени, а во Гостивар две. Според СВР Тетово, меѓу повредените се и возачи на тротинети и пешаци.
„Најчести жртви и повредени во овие незгоди се самите возачи на електричните тротинети и пешаци удрени од нив, меѓу кои значителен дел се млади лица и малолетници“, се наведува во одговорот од СВР Тетово.
Како причини за незгодите полицијата ги посочува неприспособената брзина, ненадејното престројување, непочитувањето на сообраќајните правила и недоволното внимание. Во одговорот се наведува и неносењето заштитна опрема (шлемови и рефлектирачки елементи).
Од полицијата велат дека спроведуваат засилени акциски контроли. За возачи на електрични тротинети се изречени вкупно 363 прекршочни мерки, од кои 247 во Тетово и 116 во Гостивар. Издадени се и шест писмени опомени, а се спроведуваат и превентивни активности со делење едукативни летоци.
Од СВР Тетово апелираат возачите да ја приспособат брзината, да користат заштитна опрема, да не користат телефони или слушалки додека возат и да не превезуваат други лица на тротинетот.
„Апелираме и до родителите со поголема одговорност да ја контролираат употребата на овие превозни средства од страна на нивните деца, со цел спречување потешки последици и заштита на човечките животи“, порачуваат од СВР Тетово.
З. Д.

