Повеќе семејства кои немаат дом и се сместени во зградата на Старото нервно одделение во Штип, позната и под името „Диспанзер“, живеат со висок ризик за нивното здравје.
Објектот е пред распаѓање и условите за живот во него се нехумани, неколкуте руинирани згради често остануваа без струја, додека бездомните семејства поставувајќи дрвени ѕидови, адаптираа помали објекти за живот.
Локалните власти и државата имаат проект на хартија, но граѓанските активисти реагираат дека мора да направат многу повеќе за решавање на овој проблем, од кој се засегнати педесетина семејства меѓу кои и повеќе деца, пред сѐ на штипски Роми.
Според активистите од локалната заедница, во „Диспанзерот“ веќе имало случаи на смрт на неколкумина луѓе, а до сега немало сериозни обиди тој да се реши. Според Енисе Демирова од штипската организацијата Черења, која со години бара решавање на овој проблем за оваа голема популација луѓе, проблемот постои од 2011 г. и сите овие децении локалните политики не успеваат да создадат услови за живот на овие сиромашни семејства. Како што вели Демирова, „Старото нервно одделение“ во Штип останува голем проблем, но од друга страна и единствен дом за неколку ромски семејства“.
Локалните власти имаат извесна соработка со активистите, но тоа не е доволно бидејќи во објектот и понатаму се влошува хигиената, нестабилна е структурата на зградите и нема затоплување.
Во пожарот што избувна на новогодишната ноќ во 2016 година, целосно изгоре една од постабилните згради во комплексот. Домот го загубија 14 семејства, од кои само едно доби општинска барака за натамошен живот. Останатите, заедно со сите станари од „Старо нервно“, ја делат судбината во овие 12 години живот во импровизирани услови.
Општината Штип доби пари од Европската унија за изградба на типски куќи, но парите стојат неискористени, поради тоа што се јави проблем со локацијата.
Од дислокацијата на семејствата зависи уште еден значаен проект за Штип – а тоа е изградбата на студентски дом. На местото на привременото живеалиште на овие семејства, општинските власти во Деталниот урбанистички план имаат вцртано маркица за студентски дом. Меѓутоа и овој проект е на чекање, додека а семејствата да добијат сместување во типските куќи кои би ги изградила општината.
