Речиси и да нема речен брег во државата без некој остаток од телевизор, електричен шпорет, фрижидер, заглавени меѓу корењата на растенијата. Наместо во специјализирани места за складирање и за рециклирање, искористените електронски апарати и друг вид електронски отпад, ја загадуваат природата.
Според последниот Извештај за проширена одговорност на производителите на Управата за животна средина – во првите шест месеци од 2022 година на пазарот се увезени над 4.233 тони електронска и електрична опрема.
Тоа значи дека еден значаен дел од дотраените апарати ќе бидат заменети. Меѓутоа, само мал дел – околу 20% од овој отпад, ќе заврши кај специјализираните компании за откуп и рециклирање на електричен и електронски отпад. Во Македонија има три такви компании.
За да обезбеди подобра едукација на граѓаните за собирање отпад, Здружението Регионален центар за застапување од Делчево, во соработка со Општина Делчево, Здружение Амброзија Пехчево и Здружение Здравец 2002 од Македонска Каменица, спроведоа повеќе активности, со кои граѓани од локални средини го зајакнуваат своето знаење за управувањето и одлагањето на електронскиот и електричниот отпад.
„Преку работа во групи учесниците споделија неколку пристапи за намалување на електронскиот отпад во регионот согласно расположливите ресурси и можностите“ – изјави Родне Деолска од Регионалниот центар за застапување – Делчево.

„Јакнење на капацитетите на претставници на граѓанскиот сектор и менторство – Можности и начини за справување со ОЕЕО и негово влијание врз животната средина“ беше темата на дводневната обука на која учествуваа претставници од граѓански организации од регионот Малеш – Пијанец.
„Обуката беше наменета за членови на ГО кои работат на полето животна средина, еколошки клубови и локални чинители кои преку својата секојдневна работа на различен начин придонесуваат кон зачувување на животната средина и управување со отпадот“, додава Делоска.
Едуцирање на граѓаните и волонтерите што се здобиваат со вештини за дијагностика и сервис на електронски и електрични уреди, е само мал дел од она што граѓанските организации можат да направат.

Сепак, главната одговорност за овој проблем леи кај институциите на централно и локално ниво. Единствено институционалниот влог може стратегиски да го решава проблемот со овој тип отпад којшто останува долго во природата не разградувајќи се.
Со новиот Закон за управување со електрична и електронска опрема и отпадна електрична и електронска опрема од јули 2021 година, се дефинирани обврски и за општината.
Поставувањето инфраструктура за собирање на електронскиот отпад е на општините, јавните комунални претпријатија и на специјализирани компании. Законот, како што наведува, бара поставувањето на ваквата инфраструктура во урбаните средини, туку на цела територија на земјава, вклучувајќи ги и руралните средини.
Програмата за управување со посебни типови отпад за периодот 2022-2031 година што ја има донесено македонското Министерство за животна средина и просторно планирање, поставува цел до 2027 година да се овозможи ефикасно собирање на 50% од Е-отпадот во земјава.