Авторка: Енисе Демирова*
Дојдоа за да останат привремено. Но, 35 ромски семејства или околу 250 луѓе, поминаа повеќе од една деценија во напуштените објекти на Старото штипско нервно одделение – уште познато и како „Диспанзер“.
Тие претходно живееја во дивата населба „Стара Кланица“, која се наоѓа покрај реката Брегалница. Но, во 2009-та и потоа во 2011-та, две големи поплави го уништија нивното претходно живеалиште.
Од „Стара кланица“ во „Старо нервно“
Во една од поплавите животот го загуби едно и пол годишно дете, а нешто подоцна се вклучи алармот кај институциите. Но, проблемот не беше решен – тој беше само преместен од едно на друго место.
Општината Штип од „Стара кланица“ ги премести овие семејства во „Старо нервно“ и таму тие беа заборавени со години. Половината од нив се деца, кои детството го поминуваат живеејќи во неверојатно лоши услови.
Мајката на починатото дете, која со семејството е станар на еден од објектите на „Старото нервно одделение“, вели дека во прво време кога се сместиле, во објектите немало ниту струја ниту вода, а канализацијата била нефункционална.
„Во 2009 година живеевме во „Стара кланица“, кога моето синче, кое имаше само една и пол година, се удави во надојдената Брегалница. Го најдовме дури утредента зад куќичката. Од немајкаде продолживме да живееме таму. Во меѓувреме ми се родија близначиња – машко и женско, и само што проодеа, пак се случи поплава. Беа поплавени сите куќи и веќе утредента сите нѐ сместија овде, во Старото Нервно одделение. Оттогаш, еве, поминаа повеќе од 10 години живееме тука со страв и за нашето здравје и за здравјето на моите деца“, раскажува мајката.
Преселбата не им ги подобрила животните услови. Наишле на руинирани објекти, каде повеќе семејства користеле еден тоалет. Оттогаш ништо не е подобрено – но вложени се многу нешта.
Децата ни се разболуваат, нехигиена што да ви кажам! Дури и во
Исечок од животот во „Старото“ нервно
училиштето не ги прифаќаат, и затоа децата често отсуствуваат од училиште. Не им се лутиме, имаат право, ама овде не можеме да одржиме хигиена. Уште во 2013 година ветија дека ќе нѐ сместат во станови, но сега, нема ништо од тоа. Во 2016 година на Нова Година изби пожар овде. Нашата барака не беше опфатена во пожарот, но други 14 семејства повторно останаа без покрив над главата. Страшно беше, имаше снег и беше многу студено. Им поставија шатори и тогаш повторно ветија дека ќе ни изградат нови живеалишта. Општината ни излезе во пресрет. Водата и струјата ја плаќаат тие до ден денес. Но од становите ништо. Со изградба на тие станови, ќе можеме започнеме да живееме нормален живот“, вели оваа мајка на три деца.
ЕУ додели грант за изградба на типски куќи
Во 2020 година Општина Штип заедно со Општина Берово и Здружението за еколошки одржлив развој – Зелен Институт од Скопје добија проект од Инструментот за претпристапна помош (ИПА II) на Европската Унија за Ромите и луѓето кои живеат во длабока сиромаштија. Тригодишниот проект официјално стартуваше од 1 јануари 2021 година.
Општината Штип во одговорот на прашањата на „Локалактив“ наведува дека од одобрените 799.950 евра за проектот, 400.000 евра се наменети за изградба на 47 типски куќи за жителите кои живеат во „Старото Нервно“ одделение и уште 12 други бездомни семејства.
За оваа сосема нова населба, во проектот беше одредена локација во населбата „Света Недела“, па потоа се разгледуваа некои други локации, на крај Општината повторно се врати на старата локација.
Поставувањето на типските куќи, подразбира и изградба на инфраструктура – пат, вода, канализација. На повеќе од две годни од почетокот на овој проект, како што одговорија од Општината Штип, се преиспитува уште еден битен момент – дали ќе има пари за сѐ?
„Во периодот што следи ќе се направи анализа за тоа дали средствата предвидени за изградба на типските куќи се доволни за сите Ромски семејства кои живеат во Старото нервно одделение“, одговорија од Општина Штип.

Овие одобрени 400.000 евра, одамна се легнати на сметката на општината, но реализацијата на проектот во Штип се одвива многу бавно, за разлика од Општина Берово каде проектот привршува.Дали Општината навистина ќе ги изгради ветените типски куќи и зошто не се градат куќите за семејствата кои живеат во Старото нервно одделение, побаравме одговор од Општина Штип.
„За изградба на типските куќи е изготвен урбанистички проект и е одобрен. Следна фаза е изработка на основен проект потребен за добивање на градежно одобрение. По добивањето на градежното одобрение ќе се изврши избор на изведувач и ќе се започне со градбата на типските куќи за семејствата од Старото нервно одделение“, појаснуваат од Општината.
Тоа значи дека проектот сѐ уште е во административна фаза, додека на терен не се работи ништо. Како што дознаваме, има уште дилеми. Извесно е дека ќе се поставуваат веќе готови куќи, но, за да се постават тие, се прават урбанистички дополнувања.
Потоа, потребна е експропријација на дел од парцелата, што исто така може да трае со месеци.
Прашањето што го упативме до Делегацијата на Европската унија, од каде се администрира и следи спроведувањето на овој проект е, дали ќе стигне Општината Штип да ги заврши сите овие активности, до завршувањето на проектот?
„Крајниот рок за завршување на проектот е декември 2023 година – јануари 2024 година. Постои можност да се продолжи рокот за неколку месеци, но мора да има издржана причина. Доколку не се искористат одобрените средства, парите се враќаат назад како неискористени средства од страна на државата“, одговори Нафи Сарачини од Делегација на ЕУ во Скопје.




За разлика од Штип, во Берово работите привршуваат
Додека во Штип работите се уште во почетна фаза, во Берово завршена е легализацијата на 25 домови на ромски семејства, а реконструирани се 11 од предвидените 15 куќи.
Домовите на пет семејства добија струја, други седум домаќинства беа приклучени на електричната и водоводната мрежа. Изграден е уличен крак од 100 метри.
Градоначалникот на оваа општина, Звонко Пекевски, ни изјави дека има уште работа, но полека се заокружува.
„Има уште административна работа со легализацијата, имаме уште 4 куќи за реновирање, изградба на уште 130 метри од канализационата мрежа, внесување на овој дел во Генералниот урбанистички план за Берово. Има предизвици, но со добра координација и добра волја, сѐ се решава“, изјави Пекевски.
Берово од овој европски проект доби 200.000 евра, а 21.000 евра, обезбеди од сопствениот буџет. Очекуваат проектот да заврши на 31 декември, кога, би требало да ги комплетираат работите.
Соња Мемедова, жителка на Старо нервно вели дека им се ветува подобар живот, но тоа не е исполнето
Во Штип живот во урнатини
Во Штип, во исчекување на конкретна акција на терен, животот во „Старо нервно“ продолжува по старо.
Во истите, суб-стандардни услови. На станарите, освен Општината им помага и граѓанската организација Здружението на мултиетничко општество за човекови права од Штип. Нејзиниот претседател, Ерол Адемов има двојна улога и е вклучен и како координатор од Општината за овој проект.

„Во рамки на проектот заеднички спроведовме кампања за информирање на ромското население за пристап до општинските социјални и здравствени услуги на ниво на заедницата. Вклучивме двајца локални медицински лица, седум волонтери од локалната ромска заедница и ромски здравствени медијатори. Кампањата за информирање на ромското население за пристап до општинските социјални и здравствени услуги, на ниво на заедницата. Подигнувањето на свеста и се одвива од врата на врата, кај ромско население во Штип и во Берово. Граѓаните вклучени во кампањата добиваат совети и едукација за хигиена, добивање лични документи, пристап до здравствена заштита, како и совети за планирање на семејство“, изјави Адемов.
На крај останува нејасно зошто е потребно толку време за овој проект да започне со имплементација и Штип да реши толку горлив проблем, кога веќе има обезбедено финансии?
Отсуство на политичка волја, незаинтересираност на општината или објективни околности, но факт е дека 35 сиромашни семејства или околу 250 лица, меѓу кои
жени и деца, и понатаму да живеат во страв за безбедноста на здравјето и сигурноста, додека во изминатиот период имаше и неколку смртни случаеви.
Овој проект и иселувањето на ромските семејства од „Старото нервно“ одделение го кочи и проектот за изградба на современ студентски дом на ова место, кој ќе почека некои подобри времиња за реализација.
*Авторката е активистка од Здружение на Ромите Черења од Штип.