Граѓаните од Југоистокот побараа да се почитуваат референдумските одлуки против изградба на рудници

Еколошки чистиот Југоисток да остане регион без рудници, а Дојранското Езеро заштитено  во склад од граѓанското „НЕ“ за рудници на референдумските изјаснувања во летото 2017 година.

Ова уште еднаш го нагласија граѓаните од овој регион, кои ги вознемири информацијата дека пред Владата сега стигна обновено барање за доделување концесија за детални геолошки истражувања  за злато и бакар на локалитетот Башибос – Бајрамбос во Општина Дојран.

Скопската компанија „Сурскор“ од Скопје по втор пат побара дозвола да спроведе геолошки истражувања за присуство на вредните метали и покрај фактот дека граѓаните на Општина Дојран на референдум се изјаснија против изградба на рудници во регионот.

Ова барање Владата го разгледувала на 132 седницата од 28 февруари годинава, кога донела негативно мислење.

„Владата го задолжи Министерството за економија со решение да го одбие барањето за доделување концесија на „Сурскор“ ДООЕЛ Скопје“, пишува во одлуката.

Веројатно немаше да се крене алармот, доколку Владата својата негативна одлука ја објавеше веднаш, а не девет дена подоцна, реагираше граѓанската иницијатива Спас за Гевгелија.

Извор: Спас за Гевгелија

„Македонските политичари не смеат на овој начин да раководат со Македонија. Граѓаните мора да бидат информирани и вклучени во текот на целата постапка, бидејќи тоа е нивна уставна и законска обврска. Одлуките на Владата треба да бидат транспарентни, јавни веднаш достапни по нивното донесување. Зошто ѝ требаше на владата девет дена да ја извести јавноста за едно вакво суштинско прашање? Граѓаните може да бидат спокојни бидејќи во Дојран нема да се гради рудник, но останува горчливото чувство дали некој во некое идно време нема да се обиде на страна од јавноста да донесе некоја ваква одлука“, се истакнува во инцијативата.

Со демант на првичните вести се јави и градоначалникот на Стар Дојран, Анго Ангов, кој потврди дека пред одлуката на Владата, негативно мислење за барањето на скопската компанија, дала и Општината.

„Најодговорно тврдам дека ниту сум дал позитивно мислење за доделување на концесија за детални геолошки истражувања за злато и бакар на локалитетот Башибос – Бајрамбос во Општина Дојран, ниту пак имам намера да одам против волјата на граѓаните, односно против нивната одлука донесена на референдум на која јасно е ставено до знаење дека жителите од Дојран се против отворање на рудници на оваа територија“, напиша градоначалникот.

Останува Министерството за економија и официјално да ја информира заинтересираната компанија дека барањето за детални геолошки истражувања им се одбива. Граѓаните засега можат да бидат спокојни, меѓутоа, историјатот со барањата за детални испитувања покажува дека потенцијалните инвеститори не се откажуваат лесно од регионот богат со злато, олово и бакар.

За локалитетот  Башибос – Бајрамбос во Општина Дојран македонската влада во 2009 имала издадено дозвола за геолошки истражувања.

Потоа во 2017 г. барање за истражување на локалитетот, дојде и од Сурскор, откако беше одбиена Општината Дојран во март оваа година – сега поднесе ново барање.

Граѓаните на Дојран, Валандово, Богданци и Гевгелија летото во 2017 година излегоа на општински референдуми против изградбата на рудници во регионот. Референдумите беа успешни, со исклучок на тој во Валадново, каде што немаше доволен број излезени граѓани.

Сподели

Facebook
Twitter
Pinterest
LinkedIn

УПАТСТВО ЗА ПРИСТАП ДО АУДИО ЧИТАЧ НА ВЕБ ПРЕЛИСТУВАЧОТ MICROSOFT EDGE