Децата ги прифаќаат своите врсници со попреченост, оние кои треба да работат повеќе се институциите

Внесувањето на децата со попречености во редовниот образовен процес останува да биде предизвик за училиштата, децата, родителите, но и за целокупното општество.

Ако се прашаат родителите на овие деца, инклузијата во образованието е вистинскиот начин нивните деца преку образованието да се воведат во животот и тој навистина функционира. Иако, има уште многу работа и предизвици.

Вака размислува штипјанецот Зоран Мијалков, татко на две деца со аутизам на возраст од 11 и 18 години. За тоа какви промени беа воведени во образованието во поглед на вклучувањето на овие деца, Мијалков укажува со примерот на неговите. 

Првиот син, Петар, пред десетина години бил тешко прифатен од останатите деца и средината, за разлика од 11-годишниот Никола, кој е добро прифатен од сооучениците, од останатите деца, со кои се дружи и надвор од училиштето.

„Порано не беше така, со првиот син немав такво искуство сега со вториот ми е многу добро искуството. Првиот е 18 години, а вториот син е 11 години, значи 

Зоран Мијалков

во рок од седум години разлика има подобрување во инклузијата на децата, но уште треба да се работи, бидејќи вообичаено децата со стручните служби имаат еден до два часа, а има сѐ повеќе деца со посебни потреби, вели Мијалков.

Мијалков, кој е на чело на здружението Сплотени срца, кое се бори за подобри услови на децата со попречености и нивните родители, вели дека има напредок во инклузивноста на процесот, но дека е потребно зголемување на стручните тимови во училиштата.

Овие училишни тимови според него, треба да бидат дополнети со дефектолози и логопеди, зашто е зголемен и бројот на деца со посебни потреби.

Елена Микшиќ

Дополнително, истражувањата на фондацијата Чекор по чекор покажале дека училиштата треба дополнително да работат, со цел да се подобри инклузијата и да се поддржи задоволувањето на посебни потреби на учениците.

„Има потреба од дополнителни дидактички средства, почнувајќи од постимулативна средина, од просторија каде што ќе може повеќе индивидуално да се работи. Не би сакале да кажеме дека има некоја мерка која сите школи треба да ја задоволат, но треба да развиеме еден начин на проценка на потребите на секое дете, на секое училиште и да работиме индивидуално и со децата и со училиштата, изјави Елена Мишиќ, тим лидер на проектот „Биди ин, биди инклузивен, биди инклудиран“.

Некои организации им помагаат на училиштата овозможувајќи им подобри услови за прифаќање на децата со попречености. Еден од начините е отворање на сензорна соба. Во Штип сензорна соба беше отворена во основното училиште Димитар Влахов, што се покажа како неопходна алатка особено за децата со аутизам.

„Во сензорната соба работи дефектологот на училиштето и таа соба помага многу во процесот на образование. Сензорната соба со сите инструменти и уреди успева да ги стимулира ученците, но и да ги смири доколку се вознемирени. Успева да создаде една атмосфера за да може да се вратат учениците во училница и да ја следат редовната настава, вели Невенка Величкова, директорка на ова основно училиште.

Невенка Величкова

Инклузивното образование не е грижа само на една институција, туку успехот зависи од степенот на комуникација и соработка сите – училиштата, родителите, локалните здруженија, други институции и поединци.

Сподели

Facebook
Twitter
Pinterest
LinkedIn

УПАТСТВО ЗА ПРИСТАП ДО АУДИО ЧИТАЧ НА ВЕБ ПРЕЛИСТУВАЧОТ MICROSOFT EDGE