Дождот ја изгасна Градската депонија над Кочани кај селото Бели, чии жители со денови ги труеше чадот од запалениот отпад, кој ги надвисна куќите.
Кочанчани, во долината под депонијата споделуваа фотографии, меѓу која и таа каде чадот оформил печурка, по пример на нуклеарна бомба. „Нуклеарката на Кочани“, така ја насловија фотографијата во шега, но на жителите на Бели не им е до шега.
Група жители на 15 март организираше предупредувачки протест, а пред новинарите и македонската јавност, повотрно прозбореа, за како што го нарекоа, „канцерогениот чад кој им ги труе децата“, уште толку го оштетува здравјето на старите, а сите заедно, не смеат да отворат прозорец.
„Натрупаниот отпад постојано гори и се шири густ чад, а состојбата со загадениот воздух за жителите на Бели е неиздржлива. Селото е на само илјада метри воздушна оддалеченост од депонијата и не можеме да отвориме прозорец. Здравјето на сите ни е загрозено, а да не ги споменувам болните и изнемоштени луѓе. Чадот стигнува дури и до градот. Бараме Водовод да набави соодветна механизација, правилно да ја третира депонијата со алги и со затрупување со земја“, рече на протестот Димче Цебов, претседател на месната заедница на Бели.
Жителијте потсетија дека со секое палење на депонијата, што се случува неколку пати во годината, следат ветувања од локалните институции.

Но, состојбата воопшто не е променета, за што, како што вели Цебов, доволно зборува глетката пред секој кој поминува по регионалниот пат кон Пониква.
Вработените во Комуналното претпријатие Водовод, кое ја одржува депонијата, употребија механизација за затрупување. На помош беа повикани и пожарникарите за гаснењето на запалениот отпад.
Жителите на Бели потсетуваат дека пред некоја година беше применет третман со раствор од морски алги, што почна да се спроведува пред неколку години и се покажа како успешен. Меѓутоа, за Водовод тоа не е доволно ефикасен метод и не ги дал очекуваните резултати, затоа што имало намерно потпалување на отпадот.

Проблемот со градската депонија постојано тлее и повремено ескалира, со палењето на депонијата, богата со метан. Секој рекреативец, секој граѓанин желен за чистиот воздух на Пониква, на пат до планината, мора претхдоно да го помине „пеколот на Бели“ – градската депонија.
Жителите на Бели, поддржани од кочанчани повремено ќе излезат на протест, понекогаш ќе го попречуваат влезот на камионите полни со отпад, но решение засега нема.
Група граѓански активисти во мај 2022 година пред влезот на општинската зграда организира герила акција преку која порача „Кочани е како Чернобил“.
Кочани е дел од проектот за изградба на регионалниот систем за преработка на комунален отпад „Мечкуевци“ кај Свети Николе, каде ќе се носи и преработува комуналниот отпад од источниот регион. Проектот финансиран од Европската унија со 40 милиони евра сѐ уште е во рана фаза.