Струмичани сакаат да селектираат отпад, ама велат нема каде

Дури 91% од граѓаните на Струмица несовесно фрлаат ѓубре, додека речиси половината сметаат дека општината не прави доволно за собирање на отпадот.

Ова се заклучоците од анкетата што меѓу граѓаните на Струмица ја спроведе организацијата Зелен Институт од Скопје.

Дополнително, мобилната апликација „Селектирај отпад“ со која граѓаните можат да пријават  до јавното комунално претпријатие дека имаат селектиран отпад, по што доаѓа службата и од дома им и ги собира контејнерите, ја искористиле само 50-тина луѓе.    

Иако мнозинството испитаници на анкетата сметале дека досегашните заложби во борбата против загадувањето од депониите се недоволни, сепак, прашани за конкретни мерки кои ги преземаат советниците од оваа иницијатива, граѓаните најчесто го препознаваат чистењето отпад, апелите до градежните компании да не фрлаат градежен шут на несоодветни локации и работата во Советот на општината особено поврзана со носење одлука за селекција и рециклирање. 

Отпадот е горливо прашање во регионот, со голем број диви депонии преполни со пластика и биомаса, кои ја загадуваат почвата и водите, но и лесно се палат и го загадуваат воздухот.

Лилјана Поповска од оваа организација вели дека изненадува податокот дека од јули 2022 година до јануари на струмичани им е на располагање мобилната апликација „Селектирај отпад“, но незначителен број граѓани ја искористиле. 

„Имаме смешно мала бројка граѓани кои се пријавиле преку апликацијата. Потребна е здрава информативна кампања за граѓаните да знаат каде, како и кој може да им го подигне отпадот и како тој да се селектира. Во меѓувреме, додека се развие информативната кампања, јавното претпријатие треба да биде подготвено за помасовно селектирање од граѓаните“, изјави Поповска.

Извор: Зелен Институт

Апликацијата „Селектирај отпад“ ја изработи валандовчаноцот Марио Томов и во јули 2021 година им ја стави на располагање на општините и нивните граѓани.

Во Валандово, Струмица и Кумново, собирањето отпад од дома го работат јавните претпријатија по пријава на граѓаните.

Во скопските општини Центар, Ѓорче Петров, Аеродром , Кисела Вода и Карпош, го прави компанијата „Селектирај отпад“. На апликацијата има мапа со точки и термини за собирање отпад, што го носат граѓаните до камионот на компанијата.

Граѓаните добиваат жолта кеса за отпад од хартија и сина за пластика и лименки.

За разлика од Струмица, каде има мал интерес за апликацијата, според „Зелен институт“ во Валандово се собираат тони отпад од граѓаните.

Претставници на стрмичкото јавно претпријатие се пожалија дека има исклучително слаб интерес од страна на граѓаните, додека Митко Гогов од граѓанската иницијатива СТИГА Е!А Е  предложи да се воспостават така наречени еко-маала, кои би селектирале и би биле пример за останатите.

Според анкетата на „Зелен институт“ – 85,0% од испитаниците рекле дека во близина немаат контејнер за рециклирање, а 98,8% рекле дека би селектирале ако имаат услови за тоа.

Граѓаните се грижат да се намали загадувањето (92,5%) и сметаат дека градоначалникот и советниците треба итно да овозможат услови за поголема селекција и рециклирање (96,2%) на отпадот.

Сподели

Facebook
Twitter
Pinterest
LinkedIn

УПАТСТВО ЗА ПРИСТАП ДО АУДИО ЧИТАЧ НА ВЕБ ПРЕЛИСТУВАЧОТ MICROSOFT EDGE