Еколошки проблем во село Црник, бара многу креативност и малку добра волја за да се реши

Автор: Зоран Биковски*      

Река преполна отпад, ливади кои личат на огромни депонии. Контејнер не може да се сретне никаде.

Ова е сликата од селото Црник, „гордоста на Општина Пехчево според соживотот“, како што за него велат локалните жители, бидејќи во ова мултиетничко село блиски соседи се Роми, Турци и Македонци.

Но, Црник потклекнува пред отпадот, кој се мери во тони. Општината Пехчево и петстотини и седумдесетмината жители на најголемото село во оваа општина, цели десет години не можат да се договорот за главниот комунален проблем – собирањето на локалниот отпад.

Жителите одбиваат да ги платат сметките, бидејќи, тврдат – Комуналното претпријатие не го собира отпадот. Претпријатието пак, престана со активноста во селото поради неплатените сметки.

Општината не може да ја преземе надлежноста во собирањето на отпадот, додека не бидат потпишани договорите со жителите, кои одбиваат да ги потпишат додека не добијат уверување дека ќе им се исполнат барањата.

Во решавање на оваа ситуација посредуваат дури и граѓански активисти. Проблемот што станува сѐ поголем, селото го претвори во вистинска депонија.

Двете страни не отстапуваат - забарикадирани во своите барања

Жителите бараат да дојдат камионите на комуналното претпријатие и да го исчистат селото.

Себастијан Алиевски е еден од жителите кој бара да добие канта за собирање отпад и организирано изнесување на ѓубрето:

„Камионот за собирање ѓубре нема дојдено повеќе од три месеци. Тука депонија, таму депонија, секаде депонија! Можат да се заразат и децата. Таму кај игралиштето е преполно ѓубре, а си играат таму мали деца. Од Горна маала го фрлаат ѓубрето во реката, а и храната од кујната исто се фрла во реката. Кога беше замрзнато, некои во реката фрлаа од тенџере до лажица. Потребно е да се казнува, а тоа е работа на комуналниот инспектор“, кажа Алиовски.

И родителите од селото се плашат за здравјето на своите деца.

„Треба да помине камионот, сите да се договориме, хигиената е најважна и за децата и за селото – за сите“, смета Туркијана Арнаутова, мајка од селото.

Нејзиниот соселанец, Сунај Абдулов е загрижен дека целиот Црник ќе прерасне во депонија ако и понатаму не се изнесува ѓубрето.

„Ако треба по 500 денари ќе плаќаме, а не по 170. Тука може да поминува камионот ама не сакаат, никогаш нема ни поминато. А поминуваат камиони, шлепери минуваат, ама не сака Комуналното. Тие нека го збираат отпадот редовно, ние  редовно и ќе си плаќаме. Ова е срамота, ние тоа не можеме да го истрпиме“, вели Абдулов.

Општинското Јавното комунално претпријатие бара од домаќинствата да плаќаат по 170 денари за редовно да се собира отпадот и да се постават нови контејнери.

Жителите пак,  треба да ги потпишат договорите, врз основа на кои ќе им се наплаќа услугата. И тука настанува проблемот. Двете страни се забарикадирани во сопствени барања од кои не отстапуваат.

Историјат на проблемот

Проблемот во Црник сепак има долга историја. Дел од жителите никогаш не плаќале за изнесениот отпад.

Како што објаснуваат, пред десет години кога прв пат биле донесени контејнери во селото, жителите биле толерирани и не им се наплаќало поради високиот процент на невработеност.

Во 2014 година за прв пат е воведена наплата за услугата во износ од 99 денари. Но, и со оваа цена, наплатата била минимална поради, како што велат мештаните, високата невработеност.

Општината и натаму ги толерирала, па и покрај слабата наплата, ѓубрето се изнесувало.

Но, во 2020 година Општината повела судски процес во обид да ги наплати долговите од жителите на Црник.

Меѓутоа, овој судски спор, Општината Пехчево го загубила, бидејќи собирањето на отпадот и фактурирањето се одвивало без потпишани договори.

За да не дојде до застарување на долгот, Јавното комунално претпријатие ги тужело должниците и долговите се евидентирани кај нотар.

Така, во март 2022 година, претпријатието престана да го изнесува отпадот. Три месеци подоцна, смрдеата во селото станала неподнослива, поради што жителите побараа од граѓанската организација КХАМ, активна во регионот за овој тип проблеми, да посредува за да се решат многу отворени прашања меѓу Општина Пехчево, Комуналното претпријатие и селото Црник.

Граѓанските активисти ја презедоа улогата на олеснувач во процесот. На првата средба двете страни ги искажаа своите барања.

Селаните изнесоа шест конкретни барања, меѓу кои и да се избришат застарените долгови кон Јавното комунално претпријатие, двајца жители од селото да се вработат во јавното претпријатие за селаните да бидат сигурни дека во иднина вакви проблеми нема да се случуваат и да се обезбедат контејнери и квалитетна вода за пиење до повисоките маала во селото.

Институциите презедоа обврска за да исполнат дел од барањата, но велат дека не можат да реализираат две од барањата кои се однесуваат отпишувањето на долговите како застарени и на вработувањето на двајца жители од селото.

Како што соопштија претставниците на локалната власт, тие според нив, немаат моќ или не е во нивна надлежност да ги задоволат овие две барања.

Локалните институции имаа само едно барање: да се потпишат договорите за обезбедување комунални услуги и секое домаќинство да плаќа по 170 денари за изнесување на комуналниот отпад.

Енвер Патров, жител на Црник беше овластен од Комуналното претпријатие да ги подели предлог договорите на потпишување на жителите.

Десетина дена потоа беа поставени контејнери во центарот на селото, почна собирањето на отпадот, се ангажираа 10 лица за јавни работи. Кај Црник беше исчистено коритото на реката од натрупаното ѓубре.

„Од страна на општината што беше ветено, тоа е и реализирано. Направена е реконструкција на водоводот на сувата комора, поставен е и нов хлоратор со што се овозможува цело село да има вода за пиење и до највисоките места. Сменети се прозорците во домот преку средства од Министерството за локална самоуправа. Во договор сме за реконструкција на градинката. Подготвен е и проект за реновирање на тоалетите во Основното училиште во селото“, изјави тогаш Елица Јовевска, шеф на кабинетот на градоначалникот на Пехчево.

Непотпишан договор не е договор

Но, шест месеци подоцна, состојбата повторно се влоши, и може да се каже дека таа е полоша и од претходно. Сега не само што не доаѓа камионот за собирање на отпад, туку веќе ги нема ниту контејнерите, додека селото е претрупано со отпад и е пред опасност од заразни болести.

Иако жителите тврдат дека ги потпишале договорите, тие не му се предадени на Комуналното претпријатие, кое, пак, и понатаму не може да наплатува за услугата.

Енвер Патров, кому му беше дадена обврската да ги собере потпишаните договори со Комуналното претпријатие од жителите, кај себе има 64 потпишани договори. Но, како што објаснува, тој нема одобрение да ги предаде во Комуналното претпријатие, додека, како што бараат жителите, директорот не го посети секое домаќинство посебно. Неколку пати го канел директорот, но со одговор дека е зафатен  – тој барал договорите да му се предадат.  

На односот на жителите реагираше Светлана Стамболиска, општински инспектор за животна средина.

„Мислам дека во Црник најмногу се вложува. Преку Министерство за животна средина оваа година се чистеше дивата депонија. Срамота е да не сакаат да плаќаат жителите по 170 денари. Едноставно, не ги потпишаа договорите и тоа не е коректно. Најлесно е да се казнуваме, но тоа не е решение“, вели Стамболиска.

Со цел да се најде решение, на 27 март беше организирана нова средба.

По барање на жителите на Црник, во селото неодамна дојде, сега веќе сменетиот  директор на Комуналното претпријатие Борис Поповски, 

кој им кажа на селаните дека во зимскиот период највисоките делови од селото се непристапни за камионите, но дека за останатите локации во селото нема да има никаков проблем. Сепак, за тоа да се реализира, потребно е, им повтори, само да се потпишат договорите.

„Ние сме подготвени да одговориме на обврските. Не можам да ги поништам застарените сметки бидејќи не е во моја надлежност. Контејнерите за селото Црник се во дворот на Комуналното претпријатие и ги чекам договорите за да ги однесеме. Еве дури сега ги добивам првите 65 потпишани договори, ги очекувам и преостанатите 30 договори“, изјави Поповски.

За жителите проблем се заостанатите сметки

Директорот Поповски објасни дека сметките за застарениот долг е предаден во надлежност на нотар и претпријатието не може да направи ништо, но за во иднина, треба да се воспостави однос услуга – плаќање за таа услуга.

„За периодот во кој не е собиран отпадот поради дефектот на камионите не доставивме фактури за плаќање, и се извинивме. Мора да научиме дека мора да си ги подмируваме обврските инаку без тоа нема да има кој да го собира отпадот. Мора да бидеме јасни доколку во куќа живеат две или повеќе семејства ќе се плаќаат две сметки. Знам дека глетката е страшна, заразата лебди над село Црник, но треба секој да знае, дека оној што нема да потпише договор, а фрла ѓубре во контејнер или надвор ќе плаќа високи глоби“, најави доскорешниот директор Поповски.

Во меѓувреме најавена е нова средба на жителите на Црник, градоначалникот и директорот на Комуналното претпријатие.

Во меѓувреме смената на директорот Поповски од позицијата во ЈКП, процесот на потпишување на договори веројатно ќе биде успорен.

Така пред претстојното затоплување на времето, проблемот со отпадот во Црник, останува отворен.

Но, не само отпадот, пред жителите и локалната власт за решавање е  важното прашање за статусот на селскиот водовод и недоволната количина чиста вода за пиење.

Селаните пред повеќе години сами го изградиле водоводот преку самопридонес и одбиваат да го предадат на управување и одржување на општината, која пак сепак, смени застарени делови од системот и редовно ја хлорира водата.

Од друга страна, општината има законска обврска да го преземе водоводот и да се грижи за здравствено  – хигиенската исправност на водата и одржување на системот.

Доколку го предадат водоводот на општината, тоа подразбира поставување на 

водомери од 7000 денари, што жителите ќе треба да ги платат, а потоа и редовно плаќање на месечните сметки за потрошената вода.

Вака, тие имаат бесплатна вода за пиење и наводнување на дворовите, но често пати, поради тоа, без вода за пиење остануваат повисоките места во селото.

*Авторот е активист за граѓанската организација КХАМ од Делчево.

Сподели

Facebook
Twitter
Pinterest
LinkedIn

УПАТСТВО ЗА ПРИСТАП ДО АУДИО ЧИТАЧ НА ВЕБ ПРЕЛИСТУВАЧОТ MICROSOFT EDGE