Околу 800 жители од каменичките села плаќаат за улично осветлување, а се движат по мрак

Жителите на неколку села, дел од општината Македонска Каменица на мирен протест ги повторија барањата, што пред неколку месеци ги упатиле до градоначалникот и до Советот на општината.

Со месеци плаќаат такса за учично осветлување преку сметките за струја, а осветлување немаат. Всушност, како што рекоа граѓаните на протестот, во некои маала од селата нема ниту бандери, ниту светилки, а кога побарале да им биде поставено улично осветлување, им било речено дека треба сами да си постават бандери.

Жителите на селата Луковица, Тодоровци, Саса, Моштица и Цера бараат да бидат ослобедени од плаќање комунална такса, кога веќе не можат да добијат улично осветлување. Според нивните пресметки, се работи за околу 800 жители, кои секој месец плаќаат по 200 денари, не добивајќи услуга.

Имале и средба со градоначалникот Димчо Атанасовски, кој уште пред неколку месеци им ветил решение, но ветеното решение го нема.

„Градоначалникот ни вети дека ќе формира комисија, која ќе оди од село до село по што ќе не’ ослободат од плаќање. Таква комисија не сме виделе, ниту некој нешто не’ прашал“, изјави на протестот Здравко Стаменковски од Саса.

„Имаме избран градоначалник, имаме Совет, има одлука за ослободување, која не се спроведува. Согласни сме да плаќаме улично осветлување, но таму каде има и не за секое броило што не се користи“, изјави Јорданчо Цветковски.

Градоначалникот Димчо Атанасовски на насобраните им рече дека тој не е човекот кај кого треба да се обратат, бидејќи Советот на општината е тој што донесува одлука.

„Според законот сите плаќаат за улично осветлување. За ослободување од плаќање формирана е комисија, која моментално е на терен, но еден од членовите не е на работа, поради тоа што Советот не го изгласа ребалансот на буџетот за платата. Советот треба да донесе Правилник и да се изгласа одлуката за ослободување, претседателот на Советот ја потпишува, по што градоначалникот ја спроведува“, објасни Атанасовски.

Претседателката на Советот, Анета Стојчевска рече дека проблемот настанал од Правната служба, која им подготвила, а тие усвоиле непречистен текст на Правилникот за ослободување од плаќање на комуналната такса.

Одлуките на Советот, како што изјави, градоначалникот одбил да ги потпише и ги оспорил пред Уставниот суд. Прв пат одлуката за ослободување била изгласана на 31 јануари годинава, а бил донсен и Правилник, но подоцна како што изјави, им било кажано дека треба пречистен текст на Правилникот.

„Во февруари пак се гласаше и се усвои, ама пак ваквата одлука не била со пречистен текст. Целта не ни е да ги оштетиме граѓаните. Одлуката е дадена на Уставен суд и сега чекаме“, им рече на насобраните граѓани претседателката Стојчевска.

Незадоволните граѓани засега остануваат заглавени во административен лавиринт. Решение побарале и од ЕВН. Од компанијата им било речено дека со секое броило се плаќа и такса за улично осветлување. Доколку не сакаат да плаќаат за улично, тогаш ќе треба да го откажат броилото.

Граѓаните наведоа и примери каде луѓе кои имаат нула денари за потрошена струја, бидејќи не живеат таму а 200 денари за улично

и покрај тоа што нема поставен систем на улични цветилки. Со такса бил задолжен и сопственик за броило што е поставено на нива за систем за црпење вода.

За да не се соочат со исклучување на струјата поради неплатен долг за комунална такса, дел од граѓаните редовно ги плаќаат и тие 200 денари комунална такса. Други одлучиле да не плаќаат и секој месец долгот им се зголемува.

Правилникот што е оспорен предвидува ослободување од плаќање на такса,  таму каде општината нема поставено систем на улично осветлување.

Претседателката на Советот Стојчевска вели дека ќе ја чекаат одлуката на Уставниот суд по оспорената одлука, но тоа може да потрае со месеци. За тоа време граѓаните плаќаат за услуга што не ја добиваат.

Сподели

Facebook
Twitter
Pinterest
LinkedIn

УПАТСТВО ЗА ПРИСТАП ДО АУДИО ЧИТАЧ НА ВЕБ ПРЕЛИСТУВАЧОТ MICROSOFT EDGE