Повеќе месеци жители на штипското село Стар Караорман, чии имоти, како што велат, се загрозени со ископувањето на песок во реката Брегалница, повремено излегуваат на протест.
Близу до местата каде што се одгледува ориз, жито и други земјоделски култури, тешка механизација копа и изнесува песок од коритото на реката.
Жителите на Стар Караорман реагираат дека активностите на ископување на песокот создаваат ерозија на брегот, додека водата, која ја користат за наводнување паѓа далеку под нивото што им овозможува наводнување. Исто така, проблем е уништувањето на пристапниот пат до нивните ниви.
„Никој нема да им забрани да црпат песок, но нека отидат да црпат од Софилари, Пенуш па надолу. Нема што да влегуваат од таму од каде што почнуваат и завршуваат нашите ниви. Зошто не го исчистат средорекот што му пречи на течението на реката?! Тие сега ќе ја ископаат реката, ќе ѝ направат еден брз тек. Брзата вода пак го руши брегот“, реагира жител на протестите.
Селаните побараа на терен да дојдат инспекторите. На 29 декември 2022 година излегоа инспектори од Државниот инспекторат за заштита на животна средина (ДИЗЖС). Според увидот на терен, компанијата Еко Харт ДООЕЛ Штип, ископувањето на песокот го врши со дозвола по издаден проект. Сепак укажано им е дека има помали неправилности.
„Од причина што месното население не сака да се работи во близина на нивите, се препорачува отпочнување на работни активности од стационажа 0+000 за да се запази динамиката на работни активности според дозволата и да се заштити брегот на десната страна на река Брегалница по нејзиното течение каде што има ерозија на десниот брег. Да се постави табла со известување за забранет пристап на неовластени лица, од причина што на место на ископ има тешка механизација, се врши ископ и може да има несакани последици за лица кои се движат неовластено на предметната локација“, соопшти ДИЗЖС.

Меѓутоа, со навлегувањето на сезоната на земјоделски работи, жителите на Стар Краорман реагираа дека работите на терен не се подобрени. Песокот и натаму се исцрпува на ист начин.
Овој проблем беше истакнат од опозицијата во Собранието на Македонија каде во пратеничко прашање до министерката за заштита на животната средина Каја Шукова, пратеникот Борислав Крмов праша како министерството ќе го санира проблемот, тврдејќи дека во зафатот се работи за, како што рече, „невидено уништување на насипите од песок бидејќи реката е три или четири пати проширена и сега е на чекор до нивите, кои се загрозени“.
Во Собранието, заменичката министерката Христина Оџаклиеска најави писмен одговор, иако како што рече „апсолутно се согласува дека експлоатацијата на песокот и чакалот треба да биде контролирано“.
„Експлоатацијата на песокот и чакал треба да биде строго контролирано, затоа што се издава дозвола за одржување на речното корито и за одржливо користење на песок и чакал. Затоа минатата година го донесовме законот за инспекциски надзор во животната средина за да се зајакне соработката меѓу државните и општинските инспектори и е добро граѓаните што укажуваат за заеднички да реагираме за се надминат проблемите“, рече Оџаклиеска.
Во меѓувреме проблемите на терен продолжуваат, додека жителите на Стар Караорман остануваат на барањата да се стави ред во копањето на песокот во близина на нивните ниви.