Еко активистите од Пробиштип се против отворање на нов рудник за злато и сребро

Граѓани на Пробиштип најавија тужба доколку продолжат активностите за отворање на нов рудник за злато и сребро – Плавица-Црн Врв.

Компанијата „Силекс“ од Кратово со странскиот партнер „Џенезис ресорсис“ од Канада, во 2007 година потпиша стратегиски договор, по што во 2010 година потврдија присуство на злато, сребро и бакар на овој локалитет и спроведоа геолошки истражувања.

Граѓанските активисти во борба за здрава животна средина бараат да се одземе концесијата за отворање нов рудник за злато и сребро „Плавица-Црн Врв“, за што се исполнети законските услови. Светлана Станојковска, еколошки активист вели дека има простор за одземање на концесијата за рудникот.

„Според законот за Минерални суровини временскиот рок од потпишување на Договор за концесија и барање и добивање Дозвола за експлоатација е четири години . Што значи рокот не е запазен – истечен е повеќе од две години. Законот за Минерални суровини член 51 се однесува на еднострано раскинување на концесијата за експлоатација , членот 54- став 1 од истиот закон се однесува на временскиот период, рок за поднесување на барање за издавање на дозвола за експлоатација и рок за започнување со експлоатација е четири години за енергетски и металични минерални суровини. Предлог закон за дополнување на Законот на животната средина (интервенирано во еден амандман) донесен на 07-05-2021 година  гласи: „Се забранува градење на тешка и загадувачка индустрија на пет километри од населени места и заштитени природни подрачја“ – изјави за Телма, Станојковска.

 На иста страна изгледа дека е и градоначалникот на Пробиштип, Драган Анастасов , кој во изјава за МИА истакнува дека градот и околината има повеќе загадувачи и дека уште еден ваков проект би бил премногу за граѓаните на Пробиштип. 

Подготовки за отварање на нов рудник - Плавица Врн Врв

„Сум разговарал неколку пати со менаџментот на „Плавица“ и укажани се сите наши забелешки како општина. Грешката, според мене, е направена уште во 2016 година, кога се дава концесија […] за да можат тие да прават истражувања на целата оваа територија. Стоиме на ставот дека ќе направиме се за да не отпочне со работа овој рудник“ – вели Анасатасов.

Територијата определена за рудникот е колку зафатнината на целиот град Пробиштип. Вкупниот опфат на локалитетот е речиси 17 квадратни километри и ги опфаќа двете општини Пробиштип и Кратово, со неколку месни заедници.

Пробиштипјани се „изгорени“ од темата загадување, вели Станојковска, која потсетува дека по глава на жител Пробиштип има најмногу тешка загадувачка индустрија во државава.

„Имаме и една жешка точка од вкупно 16 во државата, а тоа е старата јаловишна депонија која се наоѓа во центарот на градот, и при секој ветар посебно јужен ветар граѓаните дишат канцерогена силициумова прашина. Со децении на назад никако да започне санација на старата јаловишна депонија. Во однос на капацитети со Г1 тешка загадувачка индустрија имаме флотација за руда во центарот на градот, фабрика за акумулатори, а во склоп на фабриката има топилница за топење на старо олово – акумулатори, челичарница, старата јаловишна депонија, тука може да се додаде и а депонијата Озрен. Како шлаг на тортата доаѓа и идејата за отворање рудник со отворен коп за злато ,сребро и бакар“, вели Станојковска.

Граѓаните стравуваат за своето здравје и како што велат, последиците од загадувањето од индустријата, која се манифестира преку зголемениот број заболени од карцином, како и порастот на мозочни удари.

Одговорот е кај институциите. На граѓаните им останува последната латернатива – тужба против државата, повикувајќи се на своето уставно право на зрава и чиста животна средина.

Сподели

Facebook
Twitter
Pinterest
LinkedIn

УПАТСТВО ЗА ПРИСТАП ДО АУДИО ЧИТАЧ НА ВЕБ ПРЕЛИСТУВАЧОТ MICROSOFT EDGE