Врсничкото насилство зема животи, а нема системски пристап во решавањето

Последниот случај од Белград, кога седмооделенец пукаше и уби осум деца и еден училиштен чувар, емотивно беше примен и во македонската јавност, која во дискусиите на површина го изнесе прашањето за врсничкото насилство.

Детето што пукаше, според првичните информации, било жртва на врсничко насилство. Главното прашање во оваа јавна дебата е – имаме ли систем кој ќе одговори на се’ поизразеното насилство во училиштата и меѓу младите, особено со насилството, кое се пресели во онајн просторот.

Граѓанската организација ЕХО од Штип со оваа тема се занимава од 2006 година. Деновиве врснички обуки волонтерски спроведува младинскиит клуб. Врсник на врсник полесно се доверува, вели претседателката Бети Пеева, која во овие години работа со врсничкото насилство забележува системски недостатоци.

„Децата и младите кои се жртви на врсничко насилство вообичаено се повлечени, кријат во себе, често не кажуваат никому, ниту на родителите, кои пак не знаат ништо. Педагошките служби се инертни со мали исклучоци, а и се необучени, особено за сајбер насилството. Педагозите и психолозите всушност се продукт на системот, кој не им овозможува да прават проценка“, смета Пеева.

Досегашната работа со младите, на неколкуте граѓански организации кои се фокусирани на нивната психолошка поддршка, покажува дека се под притисок на својата средина – доколку пријават врсничко насилство, сметаат дека ќе бидат гледани како слабаци или „кодоши“.

„И секако, треба, да се смени третманот на младата жертва на врсничко насилство. Кај нас тоа што се прави е во случај на врсничко насилство, неместо системот да се занимава со сторителите, жртвата се „отстранува“

Додека младите се изложени на овој притисок, вели Пеева, родителите немаат претстава што се случува со нивното дете.

„Во последно време многу често има случаи на деца кои се жртви на насилници, но, родителите ги немаат покрај себе, бидејќи еден е во странство, друг во трка по егзистенција, речиси и да не го гледа. Имаме случаи на еднородителски семејства, кога главните воспитувачи се бабите и дедовците, кои гледаат дека нешто не е во ред со детето, но не знаат што точно со него се случува“, вели Бети Пеева.

Затоа, како што рече Пеева, многу е важно родителите па и педагошките служби да знаат да препознаат дека едно дете е жртва на врсничко насилство.

Според неа, потребен е стручен пристап и обучен кадар кој ќе знае да порепознае кога еден млад човек почнува да се повелекува како резултат на тоа што постојано е малтретиран од своите врсници.

„И секако, треба, да се смени третманот на младата жертва на врсничко насилство. Кај нас тоа што се прави е во случај на врсничко насилство, неместо системот да се занимава со сторителите, жртвата се „отстранува“, се преместува во некој дргу клас“, кажа Пеева.

Обуки за педагошките служби, поголемо (вистинско) присуство на родители дома и разговор со децата, институционален одговор на зачестените случаи на врсничко насилство, кое бара сериозен приод – ова се неопходни чекори за едно општество да покаже здрав однос кон младите.

Сподели

Facebook
Twitter
Pinterest
LinkedIn

УПАТСТВО ЗА ПРИСТАП ДО АУДИО ЧИТАЧ НА ВЕБ ПРЕЛИСТУВАЧОТ MICROSOFT EDGE