Јавните општински претпријатија добиваат пари од граѓаните – но многу од нив не кажуваат како ги трошат

Колку пари годишно од граѓаните собираат јавните општински претпријатија и за што се трошат – ова е еден од податоците кои Законот за локалната самоуправа инсистира на јавно и транспарентно објавување.

Меѓутоа, овие податоци, најчесто не им се познати на граѓаните, ниту имаат можност некаде да ги најдат и да ги прочитаат. Ова е заклучокот од пообемната анализа на Институтот за стратегиски истражувања и едукација (ИСИЕ) од Скопје, за транспарентноста и отчетноста на 44 јавни претпријатија во државата, меѓу кои и неколку од општините Штип, Пробиштип, Виница и Чешиново – Облшево.

Дури и кога некој ќе се потруди и потроши време да дојде до службениот гласник на општината, објавените извештаи или не се целносни или само содржат општи информации, кои не даваат слика на работењето.

Друг податок, што треба лесно да се најде на интернет страните на јавните претпријатија е составот на органите што го управуваат и раководат и нивните биографии. Меѓутоа, од овие 44 јавни претпријатија, само 6 ги имаат објавено биографиите на членовите на Управниот одбор. „Дури кога побаравме одговор, две општински јавни претпријатија ни одговорија дека не знаат кој им е во составот на управните одбори и нѐ упатија да се обратиме до основачот“, изјави д-р Дарко Спасевски, еден од истражувачите од ИСИЕ.

Со законските измени од декември 2022 година во Законот за јавни претпријатија, изборот на членовите на управните и надзорните органи треба да се врши по пат на јавно објавен конкурс, што дополнително се очекува да ја зголеми транспарентноста во работењето на јавните претпријатија. Сепак, анализата која неодамна беше презентирана во Штип, укажува дека јавните претпријатија нецелосно се транспарентни пред граѓаните кога се во прашање трошењето на јавните пари. Нивна законска обврска е на видливо место на интернет страната да ги објавуваат буџетите, завршните сметки, годишните и кварталните извештаи.

Меѓутоа, од 44 претпријатија, само 27 ги имаат објавено своите тримесечни извештаи, додека само 24 јавни претпријатија ги објавиле податоците кои се задолжителни за јавно објавување.

Спасевски оценува дека транспарентноста и отчетноста е нужна за граѓаните да можат да ја извршат контролата на претпријатието на кое му плаќаат и од кое добиваат услуги. Од таа контрола зависи и квалитетот на услугите. Во пракса, граѓаните немаат каде да ја проверат отвореноста, како што и самите одговориле дел од јавните претпријатија – поради тоа што овие претпријатија немаат интернет страница, што според Спасевски, не треба да биде изговор. Имено, во тој случај, извештаите може да се објавуваат на интернет страницата на општината, како основач на овие претпријатијата.

Советот на општината ја врши контролната улога, поради што една од препораките е поголема активност на советниците како претставници избрани од граѓаните преку институтот советнички прашања.

Истражувачите препорачуваат и задолжително објавување на конкурсите за избор на членови на управниот одбор и на извештаите од работењето на јавното претпријатие, како и зголемување на антикорупциските мерки, како законска обврска.

Сподели

Facebook
Twitter
Pinterest
LinkedIn

УПАТСТВО ЗА ПРИСТАП ДО АУДИО ЧИТАЧ НА ВЕБ ПРЕЛИСТУВАЧОТ MICROSOFT EDGE