Живот без адреса

Авторка: Енисе Демирова*

Усвојувањето на Предлог измените на Законот за легализација на бесправно изградените објекти со нетрпение го очекуваат десетици ромски семејства од Штип, чии барања за легализација изминатите години, беа одбиени од различни причини.

Се работи за вкупно 338 одбиени барања за легализација на имот, кои доколку се усвои законот, повторно ќе може да бидат поднесени. Сепак неизвесно е дали евентуалните нови критериуми за легализација, предвидени со законските измени, ќе обезбедат основа за барањата да бидат задоволени.

Од до сега поднесените 1027 барања од Роми, Општината Штип одобрила 423 и нивните домови се легализирани, 188 барања се одбиени, 150 се два пати заведени и одбиени, додека на 266 сѐ уште се работи, односно се во постапка.

Без адреса на живеење, (бидејќи дел се без определени куќни броеви и улици), членовите на овие семејства имаат тешкотии да извадат лични документи, да се пријават во Агенцијата за  вработување, да се лекуваат, да поднесат барање за социјална помош, па дури и да ги запишат своите деца во училиште.

Она што му следува на секој македонски граѓанин од раѓање, за овие семејства станува комплицирано за остварување.

Додека поминат законските измени, овие граѓани живеат во својот нелегализиран дом на една адреса, додека официјално живеалиштето им е кај роднини, пријатели или таму каде со нотарски договор фиктивно имаат стан под кирија за да добијат документи.

diva gradba 1
Дел од штипска населба за која граѓаните чекаат одлуки за легализација на имотот

Ова е со знаење на институциите, кои, велат некои од овие граѓани, дури и ги упатуваат да најдат „дупки во законот“, бидејќи нема друг начин да го надминат проблемот со адреса на живеење.

Меѓу овие граѓани без адреса е и Селамин Демиров од Штип, кој по неколку години чекање да му биде легализирана куќата, од општината добил негативно решение. Вели дека без имотен лист, не може да ги продолжи личните документи. „Ни истекоа сите рокови, а ни требаат нови лични карти – видно изнервиран Селамин Демиров прашува што да прави без лична документација.

Граѓанските активисти, кои на овие луѓе им даваат правна помош, го советувале Демиров да побара продолжување на личната карта на старата адреса, иако одамна не живее таму.

Меѓутоа, ова практично решение Демиров може да го чини поништување на пријавата и бришење од евиденцијата за живеалиште, како што ни одговорија од Службата за водење на матични книги на Министерството за внатрешни работи.

„Кога Министерството за внатрешни работи ќе утврди дека пријавата за живеалиштето, односно престојувалиштето, како и промена на адреса на станот содржи невистинити податоци, донесува решение за поништување на пријавата и бришење на лицето од евиденцијата за живеалиште. При промена на адресата на станот на живеалиштето, граѓанинот е должен во рок од 30 дена да поднесе 

 барање за замена на личната карта со нова со приложување на потребните докази за обезбеден стан за живеење  по основ на сопственост или договор за закуп“, одговорија од Службата за водење матични книги.

Нелегализирани домови и живот „на црно“

Но, таквите случаи, како тој на Селамин Димиров не се само личен проблем на граѓаните. Училиштата постојано алармираат дека не можат да стапат во контакт со родителите на децата кои се пријавени на една адреса, а живеат на друга. Во ООУ „Гоце Делчев“, каде над 60 отсто се ученици од ромската заедница, проблем се и уписите на прво-одделенчиња, а поканите им се враќаат со назнака „непознат примач“.

Психологот Вања Христова – Серафимова, вели дека кога ги повикуваат родителите на разговор, им праќаат покани на адресата што ја имаат оставено при упис на децата, но од 60 испратени покани 15 отсто им се враќаат.

„Друг проблем е што на една адреса на улиците „Радански пат“, или на „Косовска“, „Широк дол“ , „АСНОМ“, на еден куќен број се пријавени  десетици луѓе. Проблем се децата кои се дојденци од други градови од Македонија и сега живеат во дивоградби во населбата кај Мирјанината црква. Тие родители воопшто не ги знаеме, немаме никакви контакти од нив. Немаат телефони или телефонските броеви сега што ни ги оставиле, сега се недостапни. Исто така ни е битно да ја имаме точната адресата на живеење заради почитување на реонизацијата  при упис на ученици“, објасни за Локал Актив Христова – Серафимова, психолог во ООУ „Гоце Делчев“.

За овие проблеми запознаени се и општинските власти, кои најавија дека од претстојната учебна година нема да ги запишуваат децата во прво одделение доколку родителите не дадат точни податоци на местото на живеење.

Според статистичките податоци од Пописот на населението во 2021 година, како припадници на ромската заедница се изјасниле вкупно 46.433 жители на Северна Македонија. Од овој број, голем дел од ромското население во земјата живее во 10 општини: Битола, Гостивар, Дебар, Виница, Куманово, Кичево, Кочани, Прилеп, Тетово и Штип (21.143 Роми). Речиси половината живеат во главниот град Скопје (20.803), од кои 11.267 во најголемата ромска општина во земјата, Шуто Оризари, додека останатите нешто над 10% живеат во други општини низ целата земја. Во Штип, кој е петтиот град по бројност на ромската заедница, живеат 2301 Ром. Ако се земе предвид податокот дека до сега 1027 барања за легализација до општината Штип стигнале од Роми, излегува заклучокот дека ретко кое ромско домаќинство живеело во легален дом.

Како всушност настана проблемот?

Со донесувањето на Законот за легализација во 2011 година, во обидот да ги легализираат своите дивоградби, многу семејства кои живеат од социјална помош, вклучително и ромски семејства наидоа на тешкотии да ги комплетираат документите. Покрај познавањето на процедурата, за покренување на постапката за легализација, требаат пари.

Најскапиот документ е геодетскиот елаборат, а потоа и доказ дека имаат броило, односно се приклучени кон системот за снабдување со електрична енергија, што чини околу 20.000 денари.

Многумина не можеа да разберат што точно се бара од нив, поради што повеќе граѓански организации понудија правна помош. Сабина Асанова, претседател на здружението Рота од Штип, ја ангажирал Националниот ромски центар Куманово. Нејзината задача беше да им помогне на Ромите во комплетирањето на документацијата за легализирање на дивоизградени објекти. 

Асанова за ЛокалАктив сподели различни пречки на кои наишле во комплетирањето на документите, почнувајќи од елаборатот.  

„Проблем беше и приложувањето сметка за струја. Бидејќи на нивно име немаат приклучок за електрична енергија, граѓаните требаше да дадат изјава на нотар. Но, за тоа голем дел од нив  не беа информирани, па со помош преку разни проекти за легализација тие потребни документи им беа обезбедени. Но, и покрај тоа, од општината добиваа решенија за прекин на постапката поради недостаток на документи, вклучувајќи и лични карти… Исто така најчесто граѓаните беа одбивани поради тоа што земјиштето се води на друго лице, не е во сопственост на државата,  поради што странката е потребно да обезбеди согласност од сопственикот заверена на нотар“, кажа Асанова.

Во време кога ги граделе дивоградбите, како што објаснува Асанова, голем дел од овие семејства купувале земјиште од приватни лица, платиле за земјиштето, но не направиле пренос на сопственоста. Години подоцна, земјиштето сѐ уште се води на име на претходниот сопственик, иако е купено од луѓето кои изградиле куќи таму.

Untitled design (2)

Има и примери, кога ова земјиште го наследиле повеќе сопственици, што дополнително ги комплицира обидите на новите сопственици да го префрлат на свое име. Сѐ заедно, дополнително ја комплицира постапката, па често барањата за легализација се одбивани и поради отсуство на доказ за сопственост на земјиштето.

Двојни бројчиња за двојно поголеми компликации за граѓаните

Специфичен случај се двојните архивски броеви за 150 предмети, кои еднаш веќе биле одбиени од Општината Штип поради нецелосната документација. Граѓаните кои ги поднеле овие предмети биле вратени за да ја комплетираат документацијата. Кога овие граѓани ги обезбедиле дополнителните документи и ѝ ги поднеле до општината, тие за нив добиле архивски броеви, различни од оние под кои биле заведени оригиналните предмети.

Така фактички општината создала два архивски броја за еден ист предмет – еден предмет со еден архивски број со нецелосните документи за кои побарала дополнување, и уште еден предмет со друг архивски број за документите кои граѓаните дополнително ги поднеле за да го комплетираат оригиналниот предмет.

Така се добиле по два нецелосни предмети за еден ист објект – 150 предмети биле водени под 300 архивски броеви. И сите овие предмети, вака оформени, Општината ги одбила, поради нецелосна документација.

Овој пропуст на општинската администрација бил на штета на граѓаните, кои биле одбиени со решенија за нецелосна документација.

Меѓу 150-те одбиени барања со двојни броеви е и тоа на Рамизе Османова, која објаснува дека по комплетирањето на целокупната документација до општината, добила „бројче“.

Со Законот за третман на бесправно изградени објекти од 2011 година, за првпат се овозможи легализацијата на дивоградби. До сега на ниво на целата држава легализирани се 296.810 објекти со решенија од матичните општини – тие се впишани во Агенцијата за катастар на недвижности. Законот и рокот за поднесување барања за легализација во неколку наврати претрпе измени, додека во 2021 година беше продолжен рокот на важност за уште пет години со цел да се решат заостанатите 140.000 барања. Министерството за транспорт и врски во 2022 година во Собранието достави нов закон за легализација, а со кој би се опфатиле дивоградби изградени до јануари 2021 година, но со плаќање на казни определени со овој закон.

„По извесно време од општината дојде комисија на лице место, ја сликаа фактичката состојба и заминаа. Бидејќи поминаа неколку години и не добивме никаков одговор од Општината, се обратив до канцеларијата Сабина Асанова и ангажираниот адвокат. Сабина Асанова ме упати да дадам изјава во нотарска канцелари и од тогаш до денес немам никаков одговор за легализирање на куќата“, изјави Османова.

Без имотен лист за новата куќа, успеала да добие лични документи на старата адреса, каде порано живеела. 

Раководителот на Секторот за урбанизам во Општина Штип, Лазар Хаџи Николов, потврдува дека се работи за 150 предмети на граѓани од ромската заедница, кои два пати биле заведувани во архива под две различни бројчиња за секој. Решението, според Хаџи Николов е во новиот закон за легализација, што чека на усвојување на Собранието.

„Овие граѓани ќе може повторно да бараат легализација кога ќе поминат законските измени. Но, не се знае дали условите за легализирање ќе останат исти“, изјави Хаџи Николов.

Општинскиот референт за односи во заедницата Ерол Адемов, истакнува дека поради ова нерешено прашање, младата генерација Роми може да има проблеми со обезбедување лични документи во иднина:

„Ако се има пред вид дека од вкупно 1027 барања на Роми до општината Штип за легализација  на дивоизградени  објекти, 188 барања биле одбиени затоа што не ги исполнувале условите, 150 барања имале дупли бројчиња, тоа се 338 премети или куќи кои се’ уште се водат како дивоградби. Тоа се најмалку 1000 граѓани, Роми кои живеат на една адреса, а по лична карта се водат на друга. Не се знае судбината на младите Роми, кои допрва треба да вадат лична карта и треба да докажат документ  – имотен лист на име на еден од родителите или договор за закуп за да може да оствари право на лични документи, изјави Адемов.

Надежите во новиот закон

Со цел да се забрзаат долгогодишните постапки за легализација, од Општина Штип информираат дека е формиран тим за побрзо и посоодветно решавање на барањата. На работа на заостанатите предмети се ангажирани Беами Шакиров и Верица Ренџова, кои веќе направиле база на податоци за сите тековни предмети коишто се однесуваат за легализација. Нивна задача е да им помагаат на сите активни комисии за легализација коишто работат на решавањето на предметите.

Адемов вели дека, освен одбиените или комплицираните предмети, во постапка се дополнителни 266 предмети за кои сѐ уште нема конечно решение. Тој додава дека заедно со неговите колеги од Секторот за урбанизам во општината, го администрираат целиот процес од комплетирање на документацијата до целосната легализација.

Меѓутоа, процесот на легализација за овие ромски семејства се одвива бавно, додека се множат проблемите со истекувањето на личните документи. Во институциите ги знаат проблемите што ги предизвикуваат истечените лични документи, што пак повлекува остварување на одредени права.

Мабера Камбери од Министерството за труд и социјална политика истакнува четири главни проблеми за граѓаните, кои останале без документи. „Остварување на правото на здравствена заштита е најголем проблем, потоа образованието, вработување и социјална заштита. Поради сложениот систем на документација, службите имаат проблем во меѓусебната комуникација во вакви случаи кога од различни причини граѓаните немаат лични документи. Поради тоа предложивме Центрите за социјална работа да бидат адреса за привремено живеење. Но, поради стопираниот Закон за лична карта во Собранието, засега ни тоа не е можно“, изјави Камбери.

Untitled design )
Населба во општина Штип

Ова што е предложено, важи за лицата кои никогаш не биле запишани во матичните книги, но може да се примени и за тие како Селемин Демиров, кој поради нелегализираниот дом, не може да ги продолжи личните документи.

Засега никој од надлежните не го споменува и задолжителниот процес на замена на личните документи во февруари 2024 година, обврска која произлегува од Преспанскиот договор. Дури тогаш на испит ќе бидат институциите, кои ќе треба да им излезат во пресрет на граѓаните кои не можат да ги обезбедат.

*Авторката е активистка од Здружение на Ромите Черења од Штип.

Сподели

Facebook
Twitter
Pinterest
LinkedIn

УПАТСТВО ЗА ПРИСТАП ДО АУДИО ЧИТАЧ НА ВЕБ ПРЕЛИСТУВАЧОТ MICROSOFT EDGE