Од оваа генерација на 3500 матуранти од 13 училишта од 13 градови од Источниот, Северисточниот, Југоисточниот и Вардарскиот регион на Македонија, околу 24 отсто или околу 900 матуранти, нема да студираат, туку планираат веднаш да заминат во странство.
Но, и од оваа бројка што ќе го продолжи образованието, 21 отсто сакаат да студираат во странство. Во одговорите на 1096 матуранти во прашалниците на Правниот факултет од Штип, универзитетите во Словенија се најчестиот избор за студии. Следни земји по интерес е Бугарија – со универзитетите во Софија и Пловдив, со што повторно заживува интересот за студирање во оваа соседна земја и Грција со универзитетот во Солун.
Истражувањето „Млади, миграции и образование“ што го работеа студентите на Правен факултет под раководство на професор Страшко Стојановски заклучува дека за разлика од слично истражување спроведено пред 5 години, сега податоците упатуваат на тоа дека сега има за 8 проценти поени повеќе млади кои се определиле да студираат и да работат во странство.
Професорот Стојановски вели дека тоа се должи на зголемениот стандард на граѓаните во овие плански региони. „Ако пред пет години само пет до шест отсто од семејствата имале месечни примања од над 60.000 денари, денеска овој процент изнесува околу 33 проценти, што може да се должи на инфлацијата, но во исто време може да се смета дека е подобрен социјалниот статус“, вели Стојановски.
Што се однесува до конкретниот интерес за студии во Словенија, Стојановски забележува на како што рече „агресивниот пристап“ на оваа странска држава во привлекувањето на студенти. „Немаме систематичен пристап и би рекол имаме поагресивен пристап на промоција на Универзитети од други држава, тука пред сѐ би укажал на Словенија, каде што имаме голем интерес, не се работи на образовна политика. Многу е јасно, ние социолозите можеме да забележиме дека се работи за класична демографска стратегија на Словенија да привлече население не само од Македонија“, туку од поширокиот регион, рече Стојановски.
Медицина и информатика е главниот избор на средношколците од овие 13 градови во четирите плански региони. Повторно, се избираат професии кои се барани во странство, но се добро платени и дома.
Анализирајќи го односот на младите кон универзитетите, Стојановски забележува дека избираат универзитети кои се повисоко рангирани, значи бараат квалитетно образование и универзитети со меѓународно признати дипломи. Младите главно се определуваат за државните универзитети, а помалку за приватните. Предничи Универзитетот Свети Кирил и Методиј, иако како што рече Стојановски, има благо приближување на Штипскиот универзитет Гоце Делчев.
Правејќи споредба меѓу најновото истражување и тоа што истражувачите го правеле пред пет години, забележливо е дека пораснал бројот на одлични ученици. Истражувањето заклучува дека тоа е индикатор дека компетитивноста и во средните училишта се зголемила, борејќи се за ученици и за сопствен рејтинг. Стојановски вели дека или имаме добри генерации или, пак, во системот имаме намалување на критериумите.