Боров сируп, сируп од јаглика, багремов сируп, сируп од цветот на бозел, слатка од капини, малини, мармалади, продукти со мед, чаеви… Ова е само дел од долгата листа на традиционална храна, која настанува во работилницата за преработка за храна лоцирана во некогашната училишна кујна во Пехчево. Концептот на оваа адаптирана работилница е таков што секој што произведува храна може да ја користи.
„Тоа е современо опремена кујна, сертифицирана согласно правилниците за преработка и продажба на храна и HACCP стандардите. Служи како заеднички простор, во кој сите локални чинители може да закажат термин за приготвување и преработка на своите производи, притоа користејќи ја во целост опремата од работилницата за преработка на производите кои ќе ги набават“, објаснуваат од Локалната акциска група (ЛАГ) Малеш Пијанец, на чија иницијатива е отворена работилницата.
Во идејата за отворање на еден ваков простор од корист за сите, иницијаторите тргнале од тоа дека еден од адутите на Малешевијата, кога станува збор за туристичката понуда е храната. Малешевци се познати по специјалитетите и домашното производство на храна. Многу од локалните производители, кои туристите ги среќаваат на повеќе локации во Пехчево, Берово и Делчево своите производи што ги нудат, ги произведуваат во домашни услови.
Отворената работилница не само што им овозможува современ простор, туку храната што излегува од овде е според НАССР стандардите – меѓународно прифатен систем кој производителите ги обврзува да прават систематска контрола и проценка за безбедноста на храната.
Работилницата има уште една намена и е место каде се спроведуваат и различни обуки и настани за подготовка на традиционална храна. „Со тоа се придонесува за поголема соработка и претставува можност за пренесување на знаењата на помладите генерации и за постигнување на поголема инклузија. Во текот на 2021 година, просторијата на старата училишна кујна во Пехчево беше реконструирана и опремена согласно потребите и барањата на НАССР стандардите, по што објектот влезе во регистарот на Агенција за храна и ветерина“, вели Јасминка Пашалиска Андоновска, претседател на ЛАГ Малеш Пијанец.
Со отворањето на оваа работилница за преработка, од организацијата веруваат дека во иднина ќе се зголеми и подобри локалното производство и преработката на свежа храна, ќе се зголеми продажбата, локалната вработеност и позитивното економско влијание. Производите не само што им се нудат на туристите, туку во еден дел се пласираат во туристичките капацитети во Берово, Пехчево и Делчево. Поради тоа, од ЛАД Малеш Пијанец оценуваат дека можностите кои ги нуди оваа работилница за преработка на храна ќе бидат стимул за поинтензивна соработка на населението и туристичкиот сектор.