Возрасните луѓе кои живеат со попреченост: беспомошни, а без помош

Авторка: Златица Влахова*

Вера Спасова, медицинска сестра во пензија, последен пат излегла од дома во октомври 2020 година. Таа има 88 години и е слепо лице.

Проблемот на оваа штипјанка има два заплета: првиот се случи во 2019 година, кога беа направени измени во Законот за социјална заштита. Со новите амандмани, за луѓето кои живеат со тешка попреченост, а се постари од 65 години, повеќе не беше предвидена можност тие да ја користат услугата личен асистент.

Според вториот заплет, пак, иако овие луѓе продолжија да имаат законско право да ја користат услугата помош и нега во домот, тие во практиката не можат тоа да го сторат. Причина за ова е што во целата општина Штип не постои ниту едно претпријатие кое е овластен давател на услугата за оваа ранлива категорија луѓе, иако постојат индивидуални стручњаци, сертифицирани за таква активност.

Вера, така, ниту може да користи личен асистент, бидејќи законски не ѝ припаѓа, ниту пак може да користи нега во домот од личност со која би можела и да прошета по штипските тревници, да разговара за секојдневните нешта или, пак, да ја раскаже својата животна приказна, на човек кој ја разбира нејзината состојба.

„Проблемот кај мене е што сум сама“, вели таа. “Кога имам болки не можам да се масирам, не можам ниту да си одржувам по дома. Еднаш во неделата да ми зачисти некој, по потреба да ми помогне, не можам. Имам потреба да одам и до очен лекар, ама не можам да отидам. Толку мене ми треба, еднаш во неделата некој да дојде, да прошетам малку, да се раздвижам. Многу пати си викам како сум трчала јас и сум помагала – сега како дојде ред, нема мене кој да ми помогне“.

Возрасните луѓе и нивното право

Законот за социјална заштита, предвидува два типа услуги за лицата со најтежок вид попречености. Услугата помош и нега во домот опишана во членот 75, предвидува, за луѓето кои имаат „најтешка попреченост, комбинирана попреченост со највисок степен, потполно слепи лица и стари лица“, најмногу 80 часа месечно дома да ги посетува овластено лице кое ќе им помогне во секојдневните домашни работи.

Оваа услуга е различна од услугата лична асистенција, која исто така е предвидена со овој  Закон. Како што вели членот 76 од овој закон, личната асистенција е всушност индивидуална помош од овластен асистент за најранливата популација – не единствено за домашните работи, туку и помош во севкупното функционирање на овие индивидуи, вклучително и поддршка на нивното работно место или на училиште, во зависност од нивната возраст.

Според Пописот на населението и домаќинствата од 2021 година, во општините Штип, Пробиштип и Карбинци, има вкупно 335 лица со оштетувања на видот постари од 65 години и тие ги исполнуваат условите за користење на услугата нега во домот. Од нив, педесетина се членови на Здружението на слепи лица во Штип.

Овие лица го имале правото да користат личен асистент до 2019 година. Но, тогашната македонска влада, таа година, се согласи да го задоволи барањето на семејствата на деца со тешка попреченост и на парламентот му предложи да ја спушти возрасната граница за користење на лична асистенција на товар на државата. Со гласањето на измените во Собранието, личната асистенција стана законско право од 6 наместо, како претходно од 18 годишна возраст па нагоре.

Измените на Законот за социјална заштита од 2019 г. предвидуваат, помош од личен асистент за лицата од 6 до 65 годишна возраст.

Дел од Член 76 „Услугата лична асистенција опфаќа индивидуална помош и поддршка за деца од шест години и возрасни лица до 65 годишна возраст, со намален функционален капацитет, со цел да се овозможи независно и самостојно живеење, активно и рамноправно учество во заедницата, како и вршење на секојдневни активности, кои лице без попреченост вообичаено ги врши без поддршка“.

Така, возрасните граѓани кои живеат со најтешки видови попреченост, се исклучени од правото да користат личен асистент.

Ова беше, несомнено, исклучително потребна промена во законот, бидејќи сега децата од училишна возраст кои живеат со тешка попреченост можат да посетуваат училиште и со тоа да добијат подобра шанса да успеат во својот живот.

Но, за друга популација граѓани се појави проблем, бидејќи владата со истовремена одлука, ја ограничи горната возрасна граница за користење личен асистент. Со измените беше изгласано, лицата над 65 години да го загубат ова право. Практично за да се оствари правото на еден дел од популацијата, истото право ѝ беше укинато на друг дел.

И покрај ускратеното право за најстарата ранлива популација, сепак со овие измени на  законот, на лицата постари од 65 години им остана можноста да ја користат услугата помош и нега во домот – дури и без личен асистент, повозрасните луѓе со тешка попреченост можат да имаат лице кое се грижи за нив – вклучително и да ги придружува додека излегуваат за куса прошетка или пазарење.

Меѓутоа, тоа што законот го дал како право, во Штип во пракса не може да се спроведе, бидејќи во општината нема ниту едно правно лице – регистриран давател на услугата нега во домот. 

Правилникот за начинот и обемот на социјалните услуги  донесен во 2019 од Министерството за труд и социјална политика МТСП, предвидува услугата помош и нега во домот да се дава од страна на лиценцирани или овластени даватели на социјални услуги. Тоа се, се вели во Правилникот, „физички лица кои вршат работа во социјална заштита како професионална дејност согласно Законот за социјалната заштита. Непосредни даватели на услугата помош и нега во домот се негуватели“.

И по измените на Законот за социјална заштита од 2019 г. возрасните луѓе, над 65 годишна возраст, кои живеат со тешка попреченост имаат прво ја услугата помош и нега во домот.

Дел од Член 75 „Со услугата помош и нега во домот, се обезбедува помош во вршење основни и инструментални активности од секојдневниот живот до 80 часа месечно, за лица со намален функционален капацитет кои не можат сами да се грижат за себе, со цел да се оспособи корисникот за само-помош, односно да ја врати, стекне или одржи способноста самиот да се грижи за себе, за да продолжи да живее во сопствениот дом и да води независен живот во заедницата“.

Но, и покрај ова законско право, возрасните граѓани, кои живеат со најтешки видови попреченост, во општина Штип, во практиката не ја добиваат оваа услуга бидејќи за нејзино давање во целата општина не постои ниту едно правно лице кое може да биде овластен давател на ваква услуга.

Иронијата е во тоа што, во Штип има вкупно 36 сертифицирани негуватели – индивидуи кои наместо да го користат своето стекнато знаење, сѐ уште не се неангажирани, бидејќи не постои овластен давател на услуги.

Меѓу сертифицираните е и Вероника Зафировска, која едукацијата ја завршила во април 2022 година.  Кога очекувала да почне со работа, ѝ било кажано дека државата нема пари за оваа услуга.

„Повеќе од една година  го имам сертификатот со кој легално би можела да работам како негувател на стари лица и лица со попреченост. Но, уште кога завршивме со потребната обука од Црвен Крст  – Штип, ни беше посочено дека државата нема пари за да ја плати оваа услуга, а дејноста за која сме сертифицирани би можеле да ја вршиме доколку сами најдеме семејства кои имаат потреба и би плаќале за нашата услуга“, вели Вероника Зафировска лиценциран давател на услугата помош и нега во домот.

Нејзината колешка Маја Јевремовиќ, се сертифицирана уште претходно, заедно со група од 11 други луѓе. Но ниту еден од нив никогаш не започнал со давање на оваа услуга. Револтирани, се обратиле до Центарот за социјални работи во Штип.

„Од Црвениот Крст во Штип ни рекоа дека за нас нема предвидено пари во државниот буџет, поради што се обратив и до Центарот за социјални работи

Од таму добив образложение дека не е проблемот во тоа што нема пари, туку во тоа што нема соодветен овластен давател на оваа услуга. И тука приказната завршува“, вели Маја Јевремовиќ.

Во членот 19 од Правилникот на Министерството за труд и социјална политика, пишува дека услугата помош и нега во домот се обезбедува од: „јавна установа за социјална заштита која поседува дозвола за давање услуги на помош и нега во домот; приватна установа за социјална заштита која поседува дозвола за давање услуги на помош и нега во домот; или здружение кое поседува дозвола за давање услуги на помош и нега во домот“.

Додека се чека овластен давател на услугите кој би ги ангажирал овие луѓе, единствено решение Маја го наоѓа во напуштањето на државата. Добиениот сертификат планира да го искористи во Австрија, каде заминува следниот месец.

МТСП: За социјални услуги има 7,5 милиони евра

Од кабинетот на министерката Јованка Тренчевска, тврдат дека за социјални услуги, вклучително и за услугата помош и нега во домот само за оваа година се одвоени 7,5 милиони евра.  Тоа е 5 милиони евра повеќе од лани, кога биле предвидени 2,5 милиони евра.

Советникот во кабинетот на министерката Тренчевска, Душко Томшиќ, објасни дека пари за социјалните услуги има, но за да се искористат, граѓаните треба да поднесат барање до општинските Центри за социјална работа.

По одобрувањето од Центарот, како што вели членот 7 од Правилникот, почнува користењето на услугата нега во домот, која може да биде за лична нега, но може да се искористи и како помош при движење надвор од домот, користење јавен превоз, превоз со такси-возила и слично. Услугата е ограничена до 80 часа месечно, односно најмногу 4 часа на ден.

„И покрај тоа што немаат можност да користат асистенти, помошта во домот им ги овозможува сите нивни потреби. Личниот асистент е повеќе врзан со мобилноста, образование, работа, додека на повозрасните, посоодветна е услугата помош и нега во домот“, изјави Томшиќ.

Давателите на услуги добиваат по 300 денари од час. Еден давател на услугата, со 160 работни часа може да заработи и над 40.000 денари бруто надоместок.

Наместо од институциите, помош се бара од локалните граѓански организации

Објаснувањето на советникот, укажува на тоа како треба да изгледа оваа услуга. Но, во случајот со општина Штип, повторно се враќаме на проблемот на практиката – тоа што не постои овластен давател на оваа услуга, што е, пак, услов за ангажирање на веќе сертифицираните негуватели.

Општинските и централните институции не се од голема помош – затоа, луѓето кои имаат потреба од нега, наместо кај нив, се обраќаат во граѓанските здруженијата на кои им се членови.

Претседателот на Здружението на слепи лица на град Штип, Драги Витанов смета дека решение може да има ако се промени актуелниот закон, со што кога веќе нема реални можности за давање на услугата нега во домот, ќе може барем овие лица да ја користат услугата Личен асистент до длабока старост, без ограничувања.

„Одлуката на владата наиде на голем револт кај членовите на здруженијата на слепи лица во Македонија, постари од 65 години, затоа што за нив потребите се уште поголеми. Јас како претседател, со дел од пратениците разговарав да се предложи пред Парламентот таа граница до 65 години да се укине. Со тоа, личните асистенти да можат да ги користат лицата од шест годни па сѐ до длабока старост. Јас сум еден од тие, кој за жал, го изгубив правото на личен асистент, затоа што веќе наполнив 65 години. За среќа, ги имам  моите деца и сите активности на здружението ги организирам кога тие се слободни да ми помогнат“, изјави Витанов.  

Кој е одговорен?

Прашавме во Министерството за труд и социјална политика, како планира да ја реши законската неправда со измените во 2019 година сторена кон старите и лицата со попреченост после 65-та година.

Решението, како што рече советникот Томшиќ, е во законските измени, кои подолго време чекаат на усвојување во Собранието и кои заедно со уште десетици други закони се заглавени. И тој, смета дека е направен пропуст со ограничување на возраста и очекува со усвојување на законските измени, овој пропуст да биде исправен.

Во одговорот на новинарско прашање во септември 2022 година, тогашната министерката Јована Тренчевска го впери прстот кон локалната власт, истакнувајќи дека не треба да се чека само на државата, туку дека и општините преку проекти можат да работат на решавање на овој проблем.

Општината се надева преку донаторски проекти ќе одговори на потребите на слепите лица. Вања Џамбазова Николовска, советник во Одделението за јавни служби во Општина Штип, вели дека од општината во текот на претходните години аплицирале до Министерството за труд и социјална политика. Но, биле одбиени.

Сепак, како што вели Џамбазова Николовска, тука не запираат во напорите да го решат прашањето за грижа за лицата постари од 65 години во Штип.

„Во 2020 година кога беше направен јавниот повик од страна на МТСП, општина Штип аплицираше заедно со Црвен крст – Штип, за развој на социјални услуги. Поточно, аплициравме отворање на Дневен центар за стари лица и Центар за помош во домашни услови. Но, од страна на Министерството не ни го одобрија проектот. Ги вложуваме сите напори за да ја развиеме оваа услуга, така што се надеваме дека оваа година кога ќе излезе повторно повикот за развој на социјални услуги, ќе аплицираме за ваков тип услуга. Верувајте,  потребата постојано се зголемува, знаеме дека не само на локално ниво туку и на државно ниво. Голем број млади брачни двојки, па и повозрасни се иселуваат,  така што бројот на стари лица коишто се сами во домот, се зголемува, а со тоа и потребата е многу голема“ – вели Џамбазова Николовска.

Институционалните ниско координирано функционирање на институциите на сите нивоа на државата, вака создаваат големи психички проблеми кај најранливите граѓани. Во основа дискриминирачкиот однос кон овие луѓе, кај нив создава чувство дека се напуштени од сите, вели психологот Ангелина Галабовска.

 „Да се има правото, но не и можноста за користење на услугата нега во домот од една страна и да се користи услугата лична асистенција и во еден момент да се изгуби тоа право од друга страна, не само што значи целосно укинување на социјалниот живот на лицето со попреченост, туку кај нив се јавува и силно чувство на неправда – дискриминација и отфрленост од општеството. Чувство на отфрленост, често води до депресија кај овие лица“, тврди Галабовска.

Како други општини во Македонија се справуваат со истиот проблем?

Во оваа законска празнина, додека трае меѓусебното префрлање на институциите, некои општини проблемот го решаваат со донации.

Како за споредба, Општина Неготино проблемот со грижа за лицата постари од 65 години го решава преку грантови од УНДП, како и преку проекти за општествено корисна дејност преку општината.

Општина Карпош во 2021 година го отвори центарот „Нега центар – Карпош“ со 20 стручно обучени негуватели, кои во домашни услови им нудат помош на 60 корисници со навршени 65 години, кои не можат да се грижат за себе. Центарот функционира така што негувателите  обезбедуваат помош до 80 часа месечно во одржување на личната хигиена на корисниците, поддршка во одржување на домот и обезбедување на потребни продукти, земање медицинска терапија, готвење и слично.

Според Пописот на населението и домаќинствата од 2021 година, во општините Штип, Пробиштип и Карбинци, има вкупно 335 лица со оштетувања на видот постари од 65 години и тие ги исполнуваат условите за користење на услугата нега во домот. Во Источна Македонија има вкупно 5994 граѓани со попреченост постари од 65 години, кои имаат потреба макар и од минимална помош на друг.

Закон има, обучени даватели на услугата помош и нега во домот во Штип има, пари во буџетот има, но соодветни лиценцирани даватели на оваа услуга, нема.

Во оваа општина, инаку покрај споменатите 36 сертифицирани за нега во домот, кои не се ангажирани, има и 26 обучени и лиценцирани даватели на услугата лична асистенција. Тие се ангажирани преку два лиценцирани даватели на таа услуга –  Општинскиот центар на Црвен Крст – Неготино и ЕСИ Нели – Скопје. Овие лични асистенти опслужуваат близу педесетина лица со попреченост од Штип, Пробиштип, Кочани и Карбинци.

Мала надеж дека може да има поместување од оваа точка е информацијата од Општина Штип е дека од неодамна општината започна со процес на аплицирање кај Светска банка и  отворениот повик.

Апликацијата предвидува самата општина да се лиценцира како соодветен давател (оператор), кој би ја нудел услугата помош и нега во домот, со што конечно старите и лицата со попреченост постари од 65 години би го добиле законски загарантираното право.

Во меѓувреме, најзасегнатите граѓани се надеваат што поскоро да се изгласаат законските измени, со кои ќе им се овозможи да ги користат услугите од лични асистенти, што во Штип веќе работат. Законското имплементирање сега зависи од тоа колку истите оние пратеници кои овие лица ги избрале на избори како гласачи, сега ќе имаат слух за нивните проблеми и ќе ги поддржат побараните измени.

*Авторката е активистка на Здружението на слепи лица на град Штип

Сподели

Facebook
Twitter
Pinterest
LinkedIn

УПАТСТВО ЗА ПРИСТАП ДО АУДИО ЧИТАЧ НА ВЕБ ПРЕЛИСТУВАЧОТ MICROSOFT EDGE