Млади мајстори од Богданци и Стар Дојран во „пресметка“ со електронскиот отпад

Кога треба да се поправи куќен апарат, граѓаните на Богданци и Стар Дојран чекаат по неколку дена додека да дојде мајстор и да го стави во функција. Во овој регион има тројца искусни и барани мајстори и навистина е тешко да се дојде до нив.

Во меѓувреме, поради тоа што не можат да ги поправат, граѓаните се решаваат да се ослободат од апаратите и да набават нови.

Ова го вели Надица Маџирова од Полимат 13 од Богданци – граѓанска организација која смета дека решение во тоа што почнува со обука на четири млади волонтери, кои во наредните месеци се очекува да се вклучат во давањето на услуги за граѓаните.

„Луѓето чекаат со денови да дојде мајстор, а овој проблем е особено изразен за време на туристичката сезона. Распишавме јавен повик и ги повикавме младите до 30 години, избравме по двајца од Богданци и Дојран да се обучат и по некое време да се осамостојат во поправка на апарати и компјутерска опрема. Ангажиран е искусен мајстор, кој ќе работи со нив, а набавивме и квалитетни инструменти и алатки за работа“, изјави Маџирова од Здружението за развој, едукација и еколошка етика Полимат 13.

Двете општини за да помогнат во спроведувањето на идејата отстапиле по една просторија за обука и работа на мајсторите. Просториите ќе бидат на располагање во следните пет години и идејата е да бидат препознаени како место каде секој граѓанин ќе може да дојде, да го донесе апаратот за поправка. Доколку тој повеќе не може да се употреба, граѓаните ќе можат во овие простории да се ослободат од нив во специјализиран контејнер.

Недостатокот на мајстори не е единствениот проблем на околу 10.000 луѓе во двете општини Богданци и Стар Дојран. Дел од граѓаните, многу споро се навикнуваат дека дивите депонии не се место за електрониката. Во Богданци на пример, има една специјализираната компанија која до општинската зграда има поставено контејнер за фрлање електронски отпад, но тој не се користи често.

Така, просторот познат по чистата животна средина, местата за кампување, летување, рекреација и одмор, но и за производство на органска храна, често се загадува со дивите депонии и електронскиот отпад, расфрлан по реките, полињата и ридовите.

Поради тоа, активистите се и во насока на унапредување на животната средина. Маџирова вели дека работењето на терен во следните месеци до март следната година треба да го намали електронскиот отпад за 300 килограми.

Тимовите ќе работат на поправка на компјутерска опрема и мали апарати, кои ќе можат да се донесат во просторијата за работа, но не и на големите, како фрижидери, шпорети, перални, поради тоа што засега не располагаат со возило.

Активностите што сега се спроведуваат ќе имаат двојна корист – намалување на електронскиот отпад од една страна, а од друга четворица млади луѓе ќе можат да си обезбедат егзистенција, занает кој потоа може да се надоградува.

Сподели

Facebook
Twitter
Pinterest
LinkedIn

УПАТСТВО ЗА ПРИСТАП ДО АУДИО ЧИТАЧ НА ВЕБ ПРЕЛИСТУВАЧОТ MICROSOFT EDGE