По повеќе од две години неактивност, компанијата ДИС енергија од Скопје, започна да го расчистува теренот и да ја подготвува изградбата на мини хидроцентралата на Мала Река, во близина на Кочани.
Градежните машини започнаа со пробивањето на патот, додека граѓанските активисти, кои се против овој проект, ги дочека забрана за пристап и предупредување дека на теренот се работи со експлозив. На терен излегоа и инспекторите од Државниот инспекторат за животна средина (ДИЖС).
„Констатирано е дека во моментот на надзор на самата локацијата нема активности, но претходните три денови со механизација имало активности за формирање на пат на левата страна од Мала река во должина од околу 100 м. Контактиран е управителот на правниот субјект и тој е повикан да дојде на состанок во седиштето на ДИЖС со целокупната документација за изградба на малата хидроцентрала. По увид во документацијата ќе следат информирање на јавноста и соодветна инспекциска постапка“, соопшти ДИЖС.
Граѓански активисти од Кочани против изградбата на оваа мини хидроцентрала, поради тоа што сметаат дека никогаш не биле прашани ниту информирани. Нема докази дека се одржала задолжителната јавна расправа, на која би ги кажале своите аргументи против изградбата. Како што велат, повеќе пати до сега реагирале дека хидроцентралата би претставувала опасност за акумулацијата Гратче поради песокот што би се таложел на дното на браната.
Институциите до сега ги одобрија сите барања на инвеститорот. Со тоа, нема никаква административна пречка изградбата на хидроцентралата да почне. Сепак, граѓанските активисти велат дека ќе направат сѐ да ја спречат изградбата на објектот, за кој велат дека има толку вода, колку да произведува струја како еден обичен просечен колектор на кој било покрив на кочанска куќа.

Сашко Стефановски од организацијата За здрав живот во Кочани вели дека институциите ги довеле активистите до ѕид и на инвеститорот му ги дале сите документи, вклучително и градежната дозвола. Сепак, тие не се откажуваат.
„Се договараме околу формите на протест, не се откажуваме. Последниот аргумент ни е врзан за локалниот пат, кој води до местото предвидено за изградба, каде не е дозволено движење на тешка механизација, која сега ја користи инвеститорот. Таму единствено што е дозволено е движење на лесни возила. Патот лесно ќе биде уништен од камионите и другата механизација, но многу 3вверојатно да набават времена дозвола од општината, со ветување дека патот ќе го вратат во првобитна состојба. Праксата покажа дека инвеститорите никогаш не ги враќаат патиштата во првобитна состојба“, изјави Стефановски, кој е и поранешен советник во Советот на општина Кочани.
Засега отпорот на граѓанските активисти е единствената пречка која стои на патот на реализација на овој проект. Граѓаните реагираат дека во текот на постапката на добивање дозволи, покрај граѓаните и граѓанските организации, никогаш не била вклучена независната експертска јавност. Исто така бараат некој да одговори дали како засегната страна е вклучена подружницата на ЈП Водостопанството „Брегалница“, која е сопственик на браната Гратче. И конечно, прашуваат каде е грижата за природата и последиците од промената на екосистемот што ќе настапи со изградбата на мини хидроцентралата.
Од скопската компанија ДИС енергија во повеќе наврати појаснуваа дека ги имаат сите документи и дека до сега не почнале со изградбата поради своја проценка. ДИС енергија ист ваков објект изгради во Турско Рударе, општина Пробиштип. И таму граѓанските активисти повеќе пати протестираа и реагираа дека останале без вода за наводнување, а бараа и добија реконструкција на дел од водоводот. Таму проектот е целосно завршен и во функција, додека граѓаните сѐ уште бараат да им се исполнат барањата.