Акциски план со пет конкретни мерки усвои Општината Штип, како резултат на барањата на Европскиот суд за човекови права (ЕСЧП), кој пресуди дека штипското основно училиште „Гоце Делчев“ ги изолира учениците Роми од Македонците во посебни паралелки. Со ова според судот во Стразбур е направена дискриминација.
Училиштето, според пресудата, го прекршило членот 14 од Европската конвенција за човекови права. Одлуката доаѓа пет години после поднесената тужба од дваесетина семејства чии деца, при уписите во прво одделение во ова училиште, во 2018 година биле запишани во две одделни паралелки составени само од ромски деца.
Учесниците, оваа година се во шесто одделение и понатаму учат во паралелки составена само од Роми. Нивните родители ја почнале постапката кога тие тргнале во прво одделение. Но, ова не е единствената „чиста“ паралелка. Во ова училиште има четири класови составени само од ученици Роми и уште три со ромски и по некој ученик од турската етничка заедница.
По оваа пресуда, државата Македонија, на семејствата кои тужат, треба да им исплати 45.600 евра, или по 1200 евра по семејство. Во заедничката тужба се приклучени и семејства Роми од Битола, чии деца се исто така сегрегирани на училиште. Меѓутоа, обештетувањето е само еден сегмент од пресудата. Потешкиот дел за општините и училиштата е да покажат дека навистина работат на интеграцијата на учениците Роми.
Усвоениот акциски план, што го донесе Советот на општината Штип во април годинава, е одговор на барањата од пресудата со конкретни краткорочни, среднорочни и долгорочни мерки.

Работната група, која работеше на мерките, оценува дека проблемот е актуелен повеќе од десет години. Родителите од македонска националност го перципираат ова училиште како ромско и прават сѐ да го избегнат запишувањето на нивните деца таму.
Снежана Санева, раководител во Општината Штип вели дека ова е проблем што се обиделе да го решат и претходните раководства на училиштето. „Овие обиди тешко успевале бидејќи географски најмногу ромски семејства живеат на оваа територија и почитувајќи го законот во делот за реонизација, не е спорно што ромските деца се запишуваат во ова училиште. Проблем е што децата од другите националности ги запишуваат децата во други основни училишта, користејќи ја законската можност да се запишат каде сакаат, доколку во посакуваното училиште има доволно места и за деца што по адреса не припаѓаат на тој реон“, рече Санева.
Со тоа, како што објасни раководителката, децата од македонска националност сѐ повеќе се одлеваат од ООУ „Гоце Делчев“, така што на наставниот кадар не му останува ништо друго освен да оформи чисто ромски паралелки. Со текот на времето од училиште со доминантен број на македонски ученици, стана образовна институција со 67 отсто ученици од ромска националност. Со Акцискиот план, освен новата реонизација, со препорака да се почитува про уписот во прво одделение, се предлага поголема работа на терен со родителите од македонска националност, односно менување на перцепцијата на ООУ „Гоце Делчев“ како ромско училиште.
-На ваков начин се прави обид за создавање на позитивна клима и реален соживот меѓу Македонците и Ромите, пишува во усвоениот Акциски план. На родителите Роми ќе им се предложи упис на нивните деца и во други училишта, за што општината би организирала превоз до училиштата. Со ова, децата Роми би се дисперзиале по повеќе училишта, додека на ООУ „Гоце Делчев“ ќе му се овозможи да формира мешани паралелки.
Здружението за права на Ромите Черења, во 2018 година работеше на проект за поголем опфат на Ромчињата во училиштата. Претседателката Енисе Демирова, оценува дека овој тренд на избегнувањето на ООУ „Гоце Делчев“ е од поодамна и е резултат на односот на родителите Македонци, кои го избегнуваат ова училиште и без оглед на домашната адреса, децата ги запишуваат во други училишта. „Треба да се работи со македонските родители и нивните деца. Ние не сакаме да се изолираме, туку тие нас нѐ изолираат. Ќе дојде време кога и ООУ „Димитар Влахов“ – училиште во чиј реон се ромските населби – ќе се соочи со истиот проблем“, изјави Демирова.
Од општината сметаат дека проблемот не се решава преку ноќ, туку бара години работа и придржување на пропишаните мерки во акцискиот план. Дополнително, проблемот се усложнува со Законот за основно образование, кој во чл.63 во став 1 пропишува дека „родителот има право да го запише детето во ОУ во реонот каде живее“, но потоа во став 3 вели „родителот може да го запише детето во друг реон ако за тоа има согласност“. Односно, доколку има место. Училиштата даваат согласност бидејќи паралелките никогаш целосно не се пополнуваат, со оглед на намалувањето на бројот ученици.
Општината најавува трибина, на која ќе се потсети на реонизацијата и задолжителното почитување, додека во разговори со родителите Роми, да им се укаже на можноста да ги запишат децата во другите училишта, за што ќе има организиран превоз. Во Штип работат пет централни основни училишта, каде доминираат деца од македонска националност (77,93%), следат Роми (15,96%), Турци (3,38%) и останати
.