Врсничкото насилство – системски проблем, кој системски треба да се решава

Авторка: Матеја Богдан*

Седнати во круг, млади од различна возраст на една од средбите на младинскиот клуб на штипската организација ЕХО, разговараат за врсничко насилство. Сите имаат искуство за споделување – тие самите, или пак нивен близок член на семејството, биле жртва на еден или група насилници.

Во групата, млада студентка, низ зборови натопени со траума, бес и немоќ, сподели искуство на нејзиното семејство поврзано со насилството што го доживеал нејзиниот брат во едно од штипските основни училишта: “Од хиперактивно момче, тој се претвори во молчалива сенка од дете, кое дури почна да измислува милион причини да не оди на училиште. Стана боксерска вреќа на група предводена од насилник-соученик, кој го дочекуваше пред портите на училиштето и се пресметуваше со него. Му го фрлаа ранецот во корпата за отпадоци. Се случуваше да се врати дома со скината маица. Еднаш новата маичка му ја исекоа со ножици. Еден ден си дојде со модринка на окото. Јасно беше дека е злоупотребен, но тоа не го признаваше“, раскажа девојката. 

Врсничкото насилство, во стручната меѓународна литература познато под името Bullying, претставува: употреба на сила, закана или намера за злоупотреба или агресивна доминација над другите. Ова однесување најчесто се повторува и претставува дополнителен стрес за оној/онаа кој/која е предмет на малтретирањето. Суштински предуслов претставува перцепцијата од страна на насилникот и останатите, за социјалната или физичката нееднаквост, која го разликува булингот од конфликтот. Иако не постои универзална дефиниција за булинг, сепак е општо прифатено дека тоа е подвид на агресивно однесување што се карактеризира со предуслов за постоење на најмалку три критериуми: непријателска намера, нерамнотежа на моќта и повторување во одреден временски период. (од публикацијата „Врсничкото насилство во основните училишта во Град Скопје, Издавач Фондација Фридрих Еберт Канцеларија Скопје)

Откако немале дилеми дека детето трпи и физичко насилство, родителите пријавиле кај училишните служби. Меѓутоа, пријавата не дала резултат. Насилникот бил одличен ученик, првенец во одделението, па службите пристрасно го одбраниле, а ученикот – жртва го обвиниле, не ислушувајќи го докрај, бидејќи бил познат како хиперактивен, ученик со послаб успех.

Кога родителот увидел дека службите не презеле ништо, контактирал со родителите на насилникот. Но, и тоа не довело до промена. Кратко траело примирјето. Набргу повторно почнало задевањето. „Излегуваше од дома, мислевме дека оди на училиште. Не се враќаше дури не дојде време да завршат часовите. Набргу разбравме дека воопшто не одел на настава“, сведочеше девојката.

Булингот завршил со завршувањето на основното и преместување во ново, средно училиште. Но, ранецот со трауми и последици момчето си ги понело со себе. „Денес, брат ми не сака интеракција со врсници, повлечен е и бара вина кај себе. Смета дека тој самиот е виновен зашто му вршеле насилство. По ова трауматично искуство, сметам дека воспитувањето е една од главните причини за насилството на насилникот. Хендикепирани сме и не

можеме да делуваме во воспитувањето дома, ама можеме да се надеваме на промена во училишните служби, кои за жал, не знаат како и не сакаат да се соочат со овие проблеми, туку ги третираат како детска игра за да се ослободат од нив побрзо, без да сфатат дека тоа остава трајни последици кај жртвата“, го заврши сведоштвото девојката.

Физичко насилство во основно, психичко во средно училиште

Тоа што за службите е третирано како „детска игра“, за овие млади луѓе е тежок товар кој го носат цел живот со себе. Споделија најчести примери за „детска игра“ со длабоки психички последици во детските души. Симнување шорц на девојките од група момчиња во трчање на час по физичко. Потчукнување по задниот дел од телото во минување. Безобразни погледи на градите на девојчињата. Посебен третман на исмејување на „бубалиците“ – децата кои сакаат да учат. Предмет на исмевање и физичка пресметка со слабо, несигурно момче, кое не може да им се спротивстави. И на оваа листа како да нема крај. 

Ако за основците е карактеристично физичкото насилство, средношколците и тинејџерите вршат повеќе психичко насилство, каде доминираат навредите и исмевањето. Ова е заклучокот на младите едукатори од „ЕХО“, кои во текот на изминатите три години, колку што ги спроведуваат обуките,  разговарале со стотина деца.

Како што велат, изборот на облека е најчест предмет за исмевање. Дали некој носи оригинална, „брендирана“ и скапа облека или „неоригинални“ патики, па дофрлуваат и одбиваат да го дружат.

Јована Киров е една од младите волонтерки на „ЕХО“, која работи на едукација за препознавање врсничко насилство. Таа вели дека насилството подеднакво го применуваат и момчиња и девојчиња, но и момчињата и девојчињата се подеднакво жртви на насилство.

Фотографија на Михаил Нилов (pexels.com)

„Момчињата повеќе практикуваат физичко насилство, туркање и тепање, а девојчињата емоционално и психичко – користејќи се со манипулации и навреди. Физички посилните вршат насилство врз физички послабите, наоѓајќи им ја слабата точка и токму таму удираат. Повеќето жртви се затворени и повлечени, различно се справуваат и отвораат за степенот колку трпат насилство. Насилството ја исцрпува жртвата емотивно и треба да се започне со внимателен разговор и да се стекне доверба кај жртвите. Потребна е отвореност, искреност, ислушување докрај и тоа што ќе го кажат да се земе сериозно предвид и да се преземат соодветни мерки“, вели Киров.

Во истражување на оваа организација минатата 2022 година, биле анкетирани млади од 13 до 26 годишна возраст. Според наодите, 76,4% од испитаниците одговориле дека биле сведоци на насилство: најмногу испитаници – 55,3%, пријавиле индивидуално физичко или психичко насилство, а 50,8% пријавиле социјално насилство. 45,7% од испитаниците пријавиле дека биле жртви на сајбер насилство.

На прашањето каде најчесто се случува насилство, 46,7% од испитаниците одговориле на јавен простор, а 39,7% во училиштата. Интересно за анализа е и прашањето во каков облик најчесто е застапено врсничкото насилство. На ова прашање 76,4% одговориле во вид на исмејување и омаловажување, 65,3% како озборување, 53,8% удирање, кубење, клоцање, 42,2% со исклучување од група.

На прашањето кој најмногу практикува врсничко насилство одговорот е подеднакво употребуваат и момчињата и девојчињата и исто така подеднакво и момчињата и девојчињата се жртви на врсничко насилство.

На прашањето во кого имаат најмногу доверба да пријават насилство, младите одговориле дека најмногу би му се довериле на близок член на семејството со 63,8%, на другари 16,6%, а на полиција само 10,1%.

Тоа што се случува во училиштето, останува во училиштето

Наместо сериозен приод кон овие млади, кои одвај собрале сили да се доверат, па потоа и да пријават, се случува игнорирање на насилството или во краен случај, училишните служби случајот го решаваат со преместување на учениците во друго училиште. Најчесто, тој што го преместуваат е ученикот жртва на насилството, а не насилникот. 

Во прилог на ова е и податокот од Секторот за внатрешни работи во Штип, каде што се собираат податоците за целиот Источен регион. Од почетокот на година до средината на мај има само четири пријави на врсничко насилство. „Сите пријави се за физичка пресметка. Има и една поплака за сајбер насилство, но таа понатаму е предмет на приватна тужба, доколку за тоа се одлучи малолетникот и неговото семејство“, изјави Гордана Панајотова, портпарол на СВР Штип.

„Никој не смее да ги повредува децата. Возрасните треба да ги заштитат децата од насилство…“. Ова е содржина на членот 19 од Конвенцијата за правата на децата, која е усвоена и од Македонија. Друга одредба од Законот за заштита на децата, која конкретно ги забранува сите форми на насилство под сите околности и предвидува дури и обврска за сите граѓани, да го пријават секое насилство врз децата веднаш штом ќе дознаат за таков чин. Законот за основно образование бара од училиштата да донесат посебен правилник или куќен ред, како да се постапува во случај на насилство и тоа да го објават јавно на своите интернет страни.

Од петте основни училишта во Штип, само ООУ „Ванчо Прке“ има ставено линк кој води до Упатството за постапката за пријавување и заштита на ученик жртва на која било од формите на насилство, злоупотреба и занемарување.

Основното училиште „Гоце Делчев“ на седницата на Советот на општината Штип побара и доби одобрување за измена на Статутот на училиштето, каде се додава определба за борба против врсничкото насилство, што е обврска наложена од Законот за основно образование.

Институционален одговор

Психолошко – педагошките служби се клучни во справувањето со случаите на врсничко насилство, вклучувајќи и сајбер насилство. Споменатото Упатство предвидува три степени на одлучување дали еден случај на насилство ќе се решава во училиштето или за него треба да се вмешаат и останатите институции, вклучувајќи ја и полицијата. Решението е на раководството на училиштето, базирано на проценката на стручните служби. По случајот со пукањето во белградското училиште „Владинир Рибникар“, кога 13 годишен ученик уби осум свои соученици и еден училиштен чувар – во македонската јавност беа изнесени информации за преоптоварени стручни служби.

Психолог од едно штипско училиште, кој сакаше да остане анонимен, вели дека сепак, сѐ зависи од тоа како овие служби си ја сфаќаат работата и како ѝ приоѓаат.  Според неа, постојат три главни цели кон кои се стреми секој психолог. „Првата цел е учениците да го познаваат психологот во нивното училиште. Втората цел е да не се плашат од него. Третата цел е да се менуваат стереотипите на родителите преку промена на пристапот на самите психолози. За првата цел, психологот вели дека е многу важна училишната клима. Психологот секогаш треба да е достапен за учениците. Учениците треба да го познаваат и секогаш да можат отворено да му пристапат и да разговараат со него и тоа не само во случаи кога се случил некој немил настан, туку за каква било друга потреба. Втората и третата цел се испреплетени – многу е лошо тоа што во општествениот менталитет е всадено дека кај психолог се оди за некаква казна или санкција поради што се предизвикува страв кај учениците и тие не сакаат да соработуваат и да комуницираат со психолозите. Сето ова го отежнуваат и родителите кај кои

психолозите наидуваат на голем отпор токму поради истите стереотипи дека разговор со психолог треба да има само оние кои имаат сериозен проблем, притоа не знаејќи да дефинираат што е тоа сериозен проблем“, вели психологот.

Според неа, Македонија е општество кое се фокусира на казна, па затоа, тврди дека е потребна  промена на светогледот. Вели, „некои деца никогаш не слушнале пофален збор. Кога не си слушнал за ништо добро, нормално е дека ќе вршиш само насилство. Потребни се редовни разговори на учениците со психолозите за да се увиди во што е добро едно дете, па да се мотивира и стимулира да работи во таа област и да се специјализира“.

Кога се случува насилство, кога страдаат децата, понекогаш се губат детски животи. Тоа значи дека системот потфрлил, смета проф. д-р Олга Кошевалиска, деканка на Правниот факултет во Штип. Професорката, која предава малолетничко казнено право, вели дека вината секогаш наоѓа во системот.

Фотографија од едукативни работилници за врсничко насилство на ГО „ЕХО“

„Системот е тој кој потфрлил и не препознал на време дека постои булинг, тука настаните укажуваат дека треба да се размислува на креирање и зацврстување на правилни вредности кај младите, но и преземање мерки кои може да го превенираат тоа. Во прв чекор, вработување на повеќе психолози и педагози во стручните служби на училиштата кои реално би имале шанси да работат со децата, да имаат можност од прво до деветто одделенија да разговараат со секое дете поединечно, и да имаат предвид за нивната анксиозност, нивното однесување, дали е проблематично, или пак можеби да стимулираат однесување кое значи натпреварувачки дух и слично“, изјави Кошевалиска.

Професорката потсети дека насилството е предмет на работа и на други институции, иако често не можат да одговорат на законските обврски што им се дадени. „На децата им стојат на располагање мерките на помош и заштита во рамките на Центрите за социјална работа и педагошките служби во училиштата. Но, тие треба реално да го остварат тоа што им е работна задача. Тие се преоптоварени со административна работа и не можат да одговорат на сите укажувања. Понатаму, Центрите имаат дефицит на човечки ресурси и на ресурси за работа. Тие треба да отидат на терен и да видат што се случува во семејството каде што е пријавено насилството. Ако куќата е во оддалечено место – тие немаат возило и не можат да отидат и да видат што се случува со детето жртва на насилство. Значи, тоа се банални причини и воопшто не се посветува внимание на тоа“, рече Кошевалиска.

Законот

Законот за основно образование предвидува одговорност за родителите и одредени чекори и мерки кои треба да се преземат во случај кога ученик учествува во физичко или други форми на насилство. Членот 64-а пропишува родителот, односно старателот да се упати на советување, ако ученикот учествува во тепачки или други форми на насилство, ако ученикот покажува асоцијално или антисоцијално однесување, или се однесува неморално или неетички.

Според законот, во вакви случаи и одделенскиот раководител повикува на советување најмалку еден родител. Ако поканата се однесува за асоцијално или антисоцијално однесување на ученикот, односно негово неморално или неетичко однесување, пред да се испрати поканата, се бара стручно мислење од педагошката служба. Педагошката служба, во рок од десет дена од приемот на барањето доставува стручно мислење за однесувањето на ученикот.

Фотографии од едукативни работилници за врсничко насилство на ГО „ЕХО“

Министерството за образование неодамна донесе десет препораки, што беа усвоени од Владата, кои се однесуваат на училиштата и општините. „Со седмата препорака им се укажува и препорачува на општините и на Град Скопје во новата Годишна програма за работа на училиштата да се развијат и дополнително да се зајакнат превентивни програми за промоција на добросостојбата на учениците, заштита од насилство, злоупотреба и запуштање, спречување дискриминација, соработка со родителите, односно старателите. Исто така, потребни се и активности за развивање на емоционални вештини и компетенции, за намалување од ризикот од психички нарушувања, појава на анксиозност и депресивност, а посебен фокус да има кон учениците кои се под зголемен ризик“, изјави на презентирањето на препораките,  министерот за образование Јетон Шакири.

Општина Штип, овие препораки ќе ги преточува во Стратегија за борба против насилството. „До есен, односно до септември со почетокот на учебната година, планираме изготвување на нови програма и стратегија. Грижата за престојот на учениците е на училиштето и мора да спроведеме одредени активности, вклучувајќи и стратегија за начините на држење на состојбата под контрола“, изјави Снежана Санева, раководител во Општина Штип.

Додека луѓето од институциите говорат за програми, стратегии, упатства, препораки, статути, младите, како момчето од почетокот на оваа сторија, низ животот си ги носат траумите од искинатата нова маица, фрлениот ранец и модринките, кои физички не болат толку, колку психичките рани.

*Авторката е активистка на Едукативната хуманитарна организација – ЕХО од Штип

Сподели

Facebook
Twitter
Pinterest
LinkedIn

УПАТСТВО ЗА ПРИСТАП ДО АУДИО ЧИТАЧ НА ВЕБ ПРЕЛИСТУВАЧОТ MICROSOFT EDGE