Проектот Камп градинка на отворено во Штип – нов пристап во учењето за најмладата популација

Група од петнаесетина деца на возраст од 3-6 години секој викенд поминуваат во градинка на отворено или како што е позната како камп градинка под будното око на двајца граѓански активисти – извидникот Бојан Анднов и психологот Ана Марија Павлова од Штип.

Децата поминуваат 4-5 часа на отворено, шетаат, ја запознаваат природата и низ игра учат за тоа како се филтира водата, како се приготвува храна, како настанува јагленот, за растенијата и животните, зависно од темата на работилницата за тој ден. На крај од дружењето, следуваат прашања од децата за кои се зборува. Така е секој викенд, иако Бојан и Ана Марија би сакале тоа да биде секојдневно, бидејќи како што велат, има интерес од децата, сакаат и родителите, но кај нас градинките, односно воспитно-образвовната работа е поврзана со просторни и други услови.

Едноставно, не постои законска можност за градинка на отворено, како на пример во Полска, Балтичките или скандинавските држави, каде што тоа е една од опциите за родителите. Затоа, по враќањето од студиите по психологија од Литванија, Ана Марија Павлова, заедно со Бојан Анднов и неговото извидничко искуство примениле алтернатива на постоечките градинки, за што ја основаа граѓанската организација  „Едукација во природа Камп“.

Идејата за ваква градинка им  дошла од еднонеделно волонтирање во ваква градинка во Литванија. Кога увиделе колку едноставно таму функционираат нештата и покрај секојдневните врнежи, сфатиле дека кај нас има далеку подобри временски услови за ваква градинка.

Градинката постои од октомври 2022 година и низ неа поминале околу 150 деца. Покрај тие од 3-6 години, поради интересот, вклучена е уште една група од 7-10 години.

„Децата се слободни, играат и учат на отворено, собираме камења, подготвуваме храна, имаме реквизити, ја запознаваат природата. Тоа е предноста на градинката на отворено. Недостаток е што немаме простор, што го решаваме со поставување на голем шатор“, вели Бојан Андонов.

Извор: Фејсбук страна на ГО „Едукација во природа КАМП“

Како што вели, природата им помага на децата да го почуствуваат просторот и природата, па дури и да ги совладаат своите стравови. „Неодамна имавме тригодишно дете што имаше страв од пајаци. Успеа да го совлада за 20 минути“, објаснува Бојан.

Засега најголемата пречка за секојдневно функционирање на градинката на отворено се стереотипите на родителите, кои се сметаат дека временските услови се ораничување за престој на нивните деца во природа.

„Засега имаме голема поддршка од родители на социјалните медиуми, но не доволно и во пракса. Има само мал број родители кои го разбираат концептот. Сепак не доволно за да формираме група со која секојдневно ќе работиме. На родителите им се допаѓа идејата детето да им помине ден-два во ваква средина, но сѐ уште не се подготвени целосно да се предадат и да ги оставаат децата секојдневно преку неделата.  Затоа овој период повеќе сме фокусирани на еднодневни настани со групи од други градинки, отворени и пробни денови, настани за пошумување и слично“, велат Бојан и Ана Марија.

„Тимот со кој ние соработуваме се тим студенти на магистерски студии по бизнис логистика, така да тие ќе ни помогнат да ја доразвиеме нашата идеја и како подобро да функционираме на долг рок, за да бидеме самоодржливи, вели Ана Марија Павлова.

Има уште многу да се работи на развој на оваа идеја, која засега е нов интересен концепт, но многу зависи од подготвеноста и отвореноста на родителите кои растеле во затворениот и сигурен простор на класичните градинки.

Сподели

Facebook
Twitter
Pinterest
LinkedIn

УПАТСТВО ЗА ПРИСТАП ДО АУДИО ЧИТАЧ НА ВЕБ ПРЕЛИСТУВАЧОТ MICROSOFT EDGE