Група од 150 невработени лица во Македонија, ќе може да се обучат и потоа да се вклучат во социјалниот систем за давање на услуги на лица со попреченост. Во моментов во некои делови од земјата има недостаток на професионалци кои би ги давале услугите како нега во домот или лична асистенција, кои се инаку предвидени со Законот за социјална заштита.
Програмата за развој на Обединетите нации УНДП, во партнерство со Министерство за труд и социјална политика и Агенцијата за вработување , го објави повикот за невработени лица во рамките на својот проект „Економија на грижа“. „Со оваа иницијатива, 150 невработени лица ќе добијат можност за посета на бесплатни тримесечни обуки за негуватели и асистенти реализирани на локално ниво, по што ќе имаат отворена можност за вработување во приватни установи за социјална заштита на стари лица и здруженија на граѓани. Идните работодавачи ќе вработат 100 обучени нововработени негуватели кои ќе испорачуваат социјални услуги за помош и нега во домовите на крајните корисници“, објави УНДП.
Аплицирањето се одвива во 30 центри за вработување при Агенцијата за вработување со едноставно пополнување на пријавата. Според УНДП, во рамките на програмата #careeconomy во 2021 и 2022 година, 470 невработени лица веќе ја поминале стручната обука, а 212 од нив се вработиле во 25 здруженија на граѓани како даватели на социјални услуги на локално ниво.
За потребата од даватели на услуги и законското регулирање Локал актив пишуваше неодамна во сторијата „Возрасните луѓе кои живеат со попреченост: Беспомошни, а без помош“.