Авторка: Сузана Мицева*
Да се излезе надвор од „рамките“ и да се даде остра општествена критика – ова ангажирано мото ги движи слободните уметници во Струмица. Чувството во таа работа е, велат дел од нив, ослободувачко. Сепак, неретко, притисокот да се создаде одличен производ е преголем. Уметниците во градот се сретнуваат со серија проблеми: опаѓачката публика и недостатокот на системска работа за култивација на нови публики, недостатокот на финансии за да ги покријат основните трошоци за нивната работа, но и недостатокот на простор за да уметнички да се изразат.
Со еден таков предизвик се соочи младиот режисер Дејан Ангелов кога работеше на претставата „Каин“. Таа имаше масивна сценографија и моќни светлечки ефекти, па пробите бараа да има утврдена фиксна локација, која ќе служи како сцена. Но, тимот на здружението Транзен, кое беше продуцент на претставата, не располагаше со слободен простор за користење. Од тие причини и подготовката и премиерата, со неколкуте изведби во Струмица, се одржаа во ресторан – сала која вообичаено се користи за организирање свадби и други свечени настани.
„Според мене, уметноста по дефиниција секогаш е пркос. Како прво, самото занимавање со уметност е еден вид протест. Уметноста не е храна, не е нешто материјално. Истовремено, тие што се занимаваат со уметност ја тргнуваат настрана целата материјална благодат во служба на нешто поголемо или во служба на уметноста. Во таа смисла, таае пркос на нуждата. Во провинцијалната средина, луѓето се навикнати да живеат по шаблони. Да дојдат од работа, да им е готова вечерата, да пуштат телевизија. Ние треба да ги разиеме тие шаблони. Уметникот не се задоволува со таа рамка,“ вели Ангелов.
Тој додава дека е мачно проби во тесни сопчиња без сценографија, без можност за импровизирање. За да се добие квалитет, потребна е барем базична поддршка од институциите. „Основното нешто што нам ни треба како група, како луѓе коишто прават независна сцена е простор. Токму затоа „Каин“ ја работевме во алтернативен простор-ресторан. Мислам дека тоа е важно за нас и за другите коишто би ни се придуржиле во иднина. Да има простор каде непречено би твореле, би работеле, а истовремено публиката да доаѓа и да гледа независен театар“.

Тоа, според него, не е невозможно да се направи. Но за тоа е потребна волја. Англеов има предлог – „Сцена 112“ која се наоѓа во Центарот за култура е одличен простор. Тој бара слободните уметници да имаа можност да го користат и така таму да прават, како што вели, „прекрасни проекти“.
Градот Струмица, секоја година издвојува средства за култура, но според него, повеќе пари треба да се издвојуваат специфично за млади уметници, затоа што тие поинаку не можат да дојдат до израз. Вели, „мора да има некаков фонд со кој би се поддржале младите културни уметници“.
Независната сцена како мегдан за бунтовниците
Дваесет години во алтернативната сцена, повеќе на страната на бунтовниците, отколку на конформистите – вака, за ЛокалАктив ја опишува својата креативна и активистичка работа, поетот Митко Гогов. Тој вели дека се смета за дел од андерграунд сцената бидејќи таму има најголем простор за искажување. Гогов се обидува да го разјасни овој термин.
„Тоа е човек кој во суштина твори, кој не очекува било каков резултат, твори за да твори. Тоа е суштината на фразата „Уметност заради уметност“. Во таа насока, сметам дека Струмица е добра база на уметност заради уметност. Не затоа што сакаме да се претставиме, туку затоа што сакаме да споделиме. Уметноста е споделување, споделувањето е грижа“, вели Гогов. Смета дека проблемите на независната сцена извираат од лошата поставеност на културата во институциите. Тој потсетува на повеќемесечните протести на актерите од струмичкиот театар кои бараа промена на директорот на театарот.
„Општината ги знае нашите потреби. Но, јас секогаш кажувам: За да има „андерграунд“, треба да има „граунд“, односно, треба да има некоја основа.
Ние прво треба да работиме уметничките раководители на театарот, на галеријата, на центарот за култура воопшто да се сменат за да добиеме „граунд“, некоја основа, за да правиме андерграунд, односно алтернативна, независна, субкултурна сцена“.
За финансирањето или користењето на друг тип поддршка, Гогов вели дека независната сцена најчесто сама се снаоѓа. Смета дека базична поддршка е добредојдена, но, супштината на овој тип создавање е да е направено со минимум средства, во нестандардни услови.
„Ние секогаш правиме настани без покритие. Не дека за тоа што сме правеле, а сме побарале поддршка од општината не било поддржано. Секогаш општината излегувала во пресрет на програмите. Но, идејата на независното, алтернативното, е да покаже таму каде што површината не допира. Има нешто слободарско, либерално, ослободувачко во тоа изразување“.
Што е алтернативната култура?
За критичарот и писател Далибор Плечиќ, значењето на поимот култура значително е променето во последните децении. Вели дека на тоа најмногу влијаеле културолошките студии кои потекнуваат од Англија, а кои потоа се селат прво во Америка, па подоцна и во остатокот од светот.
„Со нив на некој начин доаѓа до раскинување со традиционалното сфаќање на културата, како област која припаѓа само на одреден број луѓе, или на така наречената висока култура. Оттогаш, до денес, влијанието на различни општествени групи интезивно се меша и влијае во оваа област од животот. Моќта, парите, општествено-економската позиција, класните поделби, па сè до технологијата, која денес веројатно има примарно влијание врз творците и нивните дела. Згора на сето тоа (како и на сите импакти на постмодернизмот како светоглед воопшто), кон крајот на 20-от и почетокот на 21-от век, настапи на сцена глобализацијата на општеството и културата како историски феномен. Од друга страна, револуцијата во која светот е со крупни чекори влезен, а која е поврзана со развојот на вештачката интелигенција, е нешто што допрва ќе покаже со какви предизвици на терминологизација, епистемолошко одредување воопшто се соочува културата , односно светот, во блиската иднина,“ вели Плечиќ.
Токму затоа, Плечиќ смета дека не е едноставно да се одреди „што“ и „кој“ денес претставува „алтернативна“ култура.
„Иако поимот алтернативна е прилично лабав, дифузен, нефатлив сепак, денес има своја ражирена семантичка употреба. Терминот „алтернатива“ воопшто, се однесува на сите другости во културалниот домен. Алтернативните култури имаат секако битна вредносна димензија во општествениот контекст. Алтернативна култура, впрочем, би требало да претставува израз на спротивставување на доминантната и амсовна култура, тргнувајќи од извесен протест кон владеачката уметничка норма. Таа е контрапункт на воспоставениот канон во облик на релативизација на вредностите на истиот. Алтернативните уметнички изрази воспоставуваат нови односи со општеството и се свртени кон реалноста како таква,“ додава Плечиќ.

За него алтернативната култура е дел од културата која не наметнува идеологија, пожелни обрасци на однесување, канонски визири на општеството во целина, туку континуирано пострекнува слобода и критичко преиспитувае на вредностите по кои живееме.
„Тука ја гледам суштинската разлика меѓу масовната мејнстрим и алтернативната култура. Ако во она што го нарекуваме алтернативна култура, воочуваме трендови кои не се спротивставуваат, туку само се разликуваат од мејнстримот, или можеби имаат основна тенденција само да се разликуваат, а и понатаму подразбираат униформирање, комодификација, комерцијализација на производите на културата, тогаш не станува збор за суштинска разлика. Таквата култура не поседува диференцираност, суштинска дистинкција која има потенцијал да не измести, во потполност или делумно од поставените рамки на вредности и мислења,“ вели Плечиќ.
Како да се поддржи алтернативната културна сцена надвор од главниот град?
Плечиќ смета дека поддршката на алтернативната културна сцена би требало да вклучува препознавање и вреднување на важноста на различностите во општеството.
„Тоа значи и признавање на улогата што ја игра алтернативната култура во промовирањето на креативноста, самоизразувањето и индивидуалноста. Можности луѓето да ја истражуваат својата креативност преку сите видови уметничко изразување, овозможување на физички простори за такво нешто, финансиска подршка, промоција на различност и инклузивност како и негување на ангажираноста во уметноста и културата се некои стратегиски точки на кои треба да се базира помагањето на алтернативната култура. Покрај здруженијата, невладините организации исто така и официјалните институции, на општински, државни нивоа треба да се константни во таа помош. Тие не треба да гледаат на алтернативната сцена како на „нужно зло“, туку како на „прекупотребно добро“, да ја разберат нивната улога во општеството и нивното значење, како во секуларизацијата на истото, така и во збогатувањето на културниот дискурс на генерален и партикуларен план”.
Во местата кои не се во главниот град, има уште поголеми предизвици: „Што се однесува до Струмица, тешко е да се зборува за високо развиена алтернативна култура, но, во облик во кој таа постоеше, сепак имаше значајна улога на обединување на индвидуи кои не размислувале во рамките на конзервативните догми на доминантните движења. Од минатото секако треба да се издвојат некои места, алтернативни топоними кои одиграле значајна улога во оваа смисла, како што се некои кафулиња (Биг Ф, Пикасо, Пи, Голден, Џез бар, денес Крафтбар Вторник),“ додава Плечиќ.
Универзитетската професорка Ана Витанова-Рингачева, која учествува и поддржува културни проекти од независната сцена, смета дека културата мора да добива ресурси за да се реализираат проектите. Таа вели дека постоењето на независната културна сцена во суштина значи постоење на критичар на севкупното живеење во рамките на една заедница и дека токму заради развивањето на критичката свест на независната сцена, на независните уметници, им треба поддршка.

„За да можат независните уметници, без разлика дали се музичари, сликари, филмаџии и т.н. да создаваат и да го презентираат сработеното, а притоа да регрутираат публика, ним им се потребни ресурси. Како ресурси кои би требало да им бидат на располагање на независните уметници можеби тоа треба да бидат објекти. Има многу објекти низ градовите кои често се напуштени или нефункционални, а со кои стопанисува општината или пак државата. Тоа се објекти коишто би можело да се пренаменат, се разбира потребно е и нивно одржување и редовно подмирување на основните трошоци што неминовно доаѓаат. Исто така им треба поддршка во однос на буџетските средства коишто треба да се пренаменат за таа независна сцена и вклучувањето на независните уметници во донесувањето на програмите за култура на општинско меѓутоа и на државно ниво. Можеби треба да се размислува и за формирање на цел еден сектор кој во рамките на едно министерство ќе се грижи за работата на ензависната сцена и да се направи промена и прилагдување на законските регулативи коишто се однесуваат на културата,“ предлага д-р. Витанова-Рингачева.
Важноста на алтернативната сцена, а особено на младинската вклученост ја препозна и Општина Струмица, тврди градоначалникот Костадин Костадинов. Тој истакнува дека во моментов се адаптира сутеренот од општинската зграда во младински центар.
Просторот ќе биде целосно реконструиран и прилагоден на потребите на младите од општината со цел да креираат свои содржини, да се забавуваат, но да го користат и како место од каде ќе се упатуваат предлози и политики што ги засегаат младите.
*Авторката е новинарка и активистка во здружението на граѓани Друштво за наука, литература, култура и уметност Иван Василевски.