Сѐ повеќе сами возрасни лица во Источниот регион, а сѐ помалку  институционална грижа за нив

Авторка: Габриела Деолска Георгиевска

Клокотењето на водата  за првото кафе и јавувањето на гледачите на  утринската програма се првите звуци кои се слушаат од малата кујна на делчевчанката Фима Георгиевска секое утро.  По смртта на нејзиниот сопруг, таа живее сама. И иако живее во најнаселената населба во Делчево, сепак осаменоста ја чувствува секојдневно. Нејзините деца од поодамна создале свои семејства и своите животи ги продолжиле далеку од дома, во странство, од каде што се враќаат само еднаш во годината, и остануваат по неколку денови.

Кога времето е сончево и топло, Фима заедно со сосетките шета по кејот на Брегалница во непосредна близина на нејзиниот дом или пазарува во маалската продавница. Осаменоста и нејзините 79 години ја носат потребата од помош во секојдневието.

Нејзе ѝ треба помош при пазарување, плаќање сметки, готвење, чистење или едноставно некој за да  поразговара или да ѝ даде морална поддршка. 

„Јас веќе неколку години живеам сама, не е лесно, но нема друг начин. Кај нас нема дом за возрасни лица. Во државата има вакви домови, ама мене силата и мотивацијата за живот ми доаѓа од топлината на мојот дом со најмногу спомени, каде ги поминав најубавите денови со моите најблиски. Не можам да се замислам на друго место“, вели Георгиевска.

Нејзината судбина ја делат стотина повозрасни лица од делчевската општина, кои се со намален функционален капацитет, живеат сами и имаат потреба од нега и грижа во домот. Во евиденцијата на Здружението на пензионери од Делчево се регистрирани вкупно 3492 пензионери на територијата на општината. Од нив 63 возрасни лица се без семејна грижа, 12 лица живеат без никакви примања, додека 340 лица се корисници на Паричен надоместок за помош и нега од друго лице.

Делчевските пензионери, заедно со останатите  во Источниот регион на Македонија, имаат на располагање само еден дом за возрасни лица.  Тој  е во Берово. Домот за возрасни „Иван Влашки“, основан од општина Берово, има простор за само 39 корисници.  На долгата листата на чекање за место во овој дом се 104 имиња на пензионери од целиот регион.

Според  податоците од Пописот во 2021 година,  во Источно плански регион живеат 174.341 жител, од кои 16,8 % од населението е над 65 години.

Фотографија: Бравура Кооператива

Социјалните даватели на услуги како алтернатива на домовите за возрасни лица

Во недостаток на дом, каде што би се згрижиле повозрасните граѓани, кои останале сами и имаат потреба од грижа, општината Делчево ја спроведува Програмата за општествено корисна работа – грижа за возрасни и изнемоштени лица во домашни услови, поддржана од УНДП, за што се ангажирани 14 невработени лица.

Од општината информираат дека овој проект се спроведува согласно Програмата за социјална заштита на Општина Делчево за 2023 година, преку ангажирање на невработени лица кои имаат сертификат за пружање на помош и нега во домот. Во помош и грижа за 20 лица со Алцхајмерова болест и деменција се вклучени и тимовите на Општината организација на Црвен Крст од Делчево.

Од август минатата година започна со работа социјалниот давател на услуги Бравура Кооператива со шест професионални лица и сертифицирани негуватели, кои се грижат за возрасните лица од Делчево и околните села.

За неколку месеци тимот се зголеми на 14, како што растеше и бројот на лица кои бараат нега во домот. Социјалниот давател на услуги по примерот на западно-европските земји  се грижи за лица кои не можат да се грижат сами за себе, лица со посебни потреби и сл.

Тимовите за нега ги посетуваат во домовите, им помагаат во секојдневните потреби, а се и во постојана комуникација со нивните матични лекари за да можат да им ја обезбедат и месечната терапија.

„Минатата година поминавме шестмесечна обука и пракса, по што добивме и лиценца за работа. Секој од нас има по 3-4 лица за кои се грижи, вклучувајќи помош на лицата при вршење на основните потреби, лична хигиена, облекување, мобилност, хранење, користење тоалет, поддршка за чистење,  купување храна, лекови, прошетки и слично. Нашиот тим е поврзан со матичните лекари на лицата и е во координација за нивната здравствена состојба“, вели Данче Гоцевска, една од негувателките во тимот.

Секој од негувателите добива листа со корисници за кои се грижи. Кај некои од нив негувателите одат секојдневно. Кај други, пак, како што објаснуваат од „Бравура Кооператива“, може да се отиде само еден ден во неделата и се останува таму додека не се згрижи со сите негови потреби.

Работата на негувателите е координирана од Центарот за социјални работи (ЦСР) во Делчево, кој е и контролор на нивната работа заедно со инспекторите во Министерството за труд и социјална политика.

Фотографија: Бравура Кооператива

Низ целата територија на Македонија има вкупно 35 домови. Повеќето од нив се приватни, а според цената и помалку достапни за пензионерите со ниски пензии. Во државните домови, цената за месечен претстој изнесува 20.000 денари месечно, додека во приватните, цената е над 30.000 денари.

Според Правилникот за давање нега во домот, ЦРС го одобрува барањето што лицата кои имаат потреба од помош и нега, го доставуваат до нив, како лиценцирани даватели на услуги.

Директорот на Центарот за социјални работи во Делчево, Благој Стоименов, истакнува дека преку нивната институција повозрасните лица бараат и сместување во трите државни домови за возрасни лица –  во Скопје, Куманово и Прилеп.  Меѓутоа, листата за чекање е доста долга, така што тие што се во можност, се  сместуваат во приватни домови.

„На територија на Општина Делчево и Македонска Каменица има некаде околу 70 луѓе кои имаат потреба од услугата нега и помош во домот. Од иселениците кои се во странство немаме многу барања, околу 10 барања најмногу. Најчесто прашуваат каде можат да ги сместат своите родители и своите блиски“, истакнува Стоименов.

Иницијативи кои никако да се остварат

Источниот регион е специфичен според големиот број иселеници од една страна и големиот недостаток на институции каде што нивните веќе повозрасни родители би можеле да се згрижат. За разлика од останатите региони, во Источниот нема приватен капацитет за згрижување.

Во Штип со години е заглавена изградбата на почнатиот дом за возрасни лица, што го гради Здружението на пензионери и потроши близу половина милион евра свои средства. Во 2014 година почна изградбата на домот во некогашниот воен ресторан. Веќе шест години нема никакви градежни работи, а зградата која е изѕидана, чека на одобрување на средства од државата. Но, главен проблем е документот за легализација, што се покажа како голем предизвик за објектот што се гради на дваесетина метри од касарната, што сега е НАТО центар.

Во Кочани, домот за возрасни лица кој се чинеше дека годинава ќе може да почне да се гради – не е започнат. Општината Кочани, како инвеститор, беше информирана дека предвидените средства кои Министерството за труд и социјална политика требаше да ги издвои за изградба на дом за возрасни лица, ги пренаменува за потребите на друга општина. Ова уследи откако општината одби да го намали планираниот капацитет од 148 легла на 50.

Со години се најавува дом за возрасни лица во јужното крило на Здравствениот дом во Пробиштип, но и таму  проектот е во  административна фаза.

Од  неодамна во Делчевското село Тработивиште започна изградбата на првиот старски дом како приватна инвестиција на наши иселеници во Швајцарија. Изградбата ќе трае околу три години, ќе има капацитет за згрижување на 35 лица, а за нивна нега ќе бидат ангажирани 20 лица.

Исто така има иницијатива и преку Светската здравствена организација за изградба на старечки дом на територија на Општина Делчево. Меѓутоа, таа постапка е сѐ уште во тек.

Низ целата територија на Македонија има вкупно 35 домови. Повеќето од нив се приватни, а според цената и помалку достапни за пензионерите со ниски пензии. Во државните домови, цената за месечен претстој изнесува 20.000 денари месечно, додека во приватните,  цената  е над 30.000 денари.

Фотографија: Бравура Кооператива

Социјалните даватели на услуги добредојдени меѓу пензионерите

Во недостаток на државно легло, за пензионерите се добредојдени давателите кои пружаат нега во домот. Во Делчево, има голем број пензионери кои имаат свои куќи, често двокатници и трикатници, а живеат сами.

Силната миграција на младите во источниот регион и понатаму продолжува. Анализите покажуваат дека бројот на возрасни лица кои остануваат сами, како Фима Георгиевска ќе расте во следниот период.

Традицијата во овие региони на земјата до пред неколку децении беше помладите да остануваат и да живеат со своите родители. Но, ова брзо се измени бидејќи потребата за миграција надвор од земјата се зголеми.

Оваа состојба донесе социјални промени, кои меѓу другите нешта, создаде и зголемена потреба за згрижување на повозрасни лица чии семејства сега живеат надвор од Македонија и останале овде сами. Институциите на локално и национално ниво треба поефикасно да го решаваат овој растечки проблем.

*Авторката е активист во организацијата Бравура Кооператива

Сподели

Facebook
Twitter
Pinterest
LinkedIn

УПАТСТВО ЗА ПРИСТАП ДО АУДИО ЧИТАЧ НА ВЕБ ПРЕЛИСТУВАЧОТ MICROSOFT EDGE