Знаковниот јазик треба да биде постојано присутен во институциите во југоисточниот регион

Автор: Љупчо Алексовски

 „Многу полесно ми е да искачам  врв на висока планина, отколку да се разберам во секојдневна комуникација за кој било аспект од мојот живот“ – ова го вели 38 годишниот гевгеличанец Зоран Периќ, кој на девет месеци го загубил слухот поради висока телесна температура предизвикана од воспаление на ушите.

Тој живее во светот на тишината. Сепак, успеал да се избори со животните пречки и предизвици и покрај оштетувањето на слухот. Во моментов работи како фризер во Богданци и е голем вљубеник во велосипедизмот. Но животниот пат не му бил лесен, пред сѐ поради пречките во комуникацијата која ја смета за најголем проблем за лицата како него – со големо оштетување на слухот.

Вели дека не знае како е да се живее поинаку – надвор од неговиот свет на тишината. Сака да дознае, барем за момент како им е на другите луѓе, кои слушаат и се опкружени  со сите звуци на природата. 

„Знаковниот јазик почнав да го учам малку повозрасен, благодарение на мојата помала сестра, Радмила која исто така има оштетен слух, затоа што никој друг од мојата околина не го користеше тој јазик. Таа го заврши средното образование во Државниот училишен центар за образование и рехабилитација ,,Партенија Зогравски”  во Скопје, кое е средно стручно училиште за образование на ученици со оштетен слух.  Покрај тоа што таму почна да го учи знаковниот јазик, ѝ се отворија и многу нови погледи, содржини, знаења. И така, сѐ што ќе научеше во текот на една недела, несебично ми го пренесуваше за време на викендите, кога ќе си дојдеше дома“, пишува Периќ.

Фотографија од приватната архива на Зоран Периќ

Во Гевгелија, според пописот од 2021 г. 104 има глуви и наглуви лица, но во општината нема ниту еден толкувач на знаковен јазик

Во моментов Здружението на глуви и наглуви лица од Општина Гевгелија, има регистрирани 58 членови. Пописот од 2021 г. покажува декаво општината живеат дури 104 луѓе со оштетување на слухот – 78 од нив или 75% се над 65 годишна возраст. Меѓу овие лица во Гевгелија нема деца под 14 години.  

Според секретарката на Здружението Љупка Пејчиќ, итна потреба за овие лица е да се вработи официјален толкувач во општината кој ќе поседува сертификат. „Сега, во комуникацијата со институциите, на нивните постари членови им помагаат нивните блиски и ние од Здружението, додека помладите членови комуницираат преку говор од уста или читање од уста. Исто така, помладите ја користат и мобилната апликација Hangout која преку видео повик овозможува комуникација со толкувач и глуво лице“, вели Пејчиќ.

Во Гевгелија нема сертифициран толкувач на знаковен јазик кој би можел да им помогне на лицата со оштетен слух при комуникацијата со институциите во овој регион.

Од Здружението на глуви и наглуви лица од Гевгелија тврдат дека јавните институции конечно треба да ангажираат или да се оспособат лица кои ќе бидат мост за комуникација со ова категорија на граѓани. Мими Дачева, претставник на ова Здружение, објаснува дека како и сите лица така и глувите имаат потреба од услуги во институциите. „Нема сертифицирани лица кои го познаваат знаковниот јазик, а има голема потреба бидејќи има луѓе кои се зависни од нив, пред сѐ на административните шалтри во општината или во полицијата. Јас го учев овој јазик и достигнав високо ниво на знаење, но не завршив, бидејќи ми беше прекинато образованието. Сепак, ако сега има можност за тоа јас би се нафатила да продолжам“.

Со ова ниво на знаење, Дачева и луѓето како неа кои имале мотив да го изучуваат овој јазик, би можеле да помогнат да се олесни комуникацијата со глувите лица во општината.  Но, таа тврди дека никогаш не била повикана од некоја општинска институција за таква потреба.

Фотографија од приватната архива на Зоран Периќ

Комуникацискиот проблем, за глувите и наглувите лица бил уште поголем за време на пандемијата на Ковид 19, кога имаше обврска да се носат маски. Бидејќи голем дел од нивната комуникација  зависи од читање од усни – уште потешко им беше да се разбираат.

Освен Здружението на глуви и наглуви од Гевгелија за да се реши овој проблем притисок прави и Здружението Мобилност. Преставниците на овие здруженија за решавање на проблемот се заложиле директно кај градоначалникот на Гевгелија, Андон Сарамандов, уште пред Нова Година.

Претседателот на Мобилност Гевгелија, Даниела Гошева Кангов вели дека општината е всушност и законски обрврзана да обезбеди сертифицирано лице со познавање на знаковниот јазик. 

„Иако употребата на знаковниот јазик уште од 2009 година е регулирана со закон според кој секоја државна и општествена установа е должна да обезбеди толкувач на знаковен јазик ако одредено лице има таква потреба, ова во пракса не функционира. Општина Гевгелија нема вработено такво сертифицирано лице со познавање на знаковниот јазик. Затоа, на последниот наш состанок со Градоначалникот на Општина Гевгелија, Андон Сарамандов, ние му го посочивме овој проблем, со кој глувите и наглувите лица од нашата општина се среќаваат секојдневно, почнувајќи од посетата на својот матичен лекар, па сé до завршувањето на некоја работа во општинските институции“, вели Гошева Кангов.

Сарамандов: Ако има сертифицирано лице како толкувач на знаковен јазик, ние ќе го вработиме

„Како локална самоуправа секогаш излегуваме во пресрет на барањата не само на глувите и наглувите лица туку и на изнемоштените лица и лицата со попреченост“, велат од општината која континуирано има средби со претставници на здруженијата на ранливите категории граѓани.

Со оглед дека во Гевгелија нема сертифициран толкувач на знаковен јазик, доколку кај нив дојде такво лице ја ангажираат секретарката на Здружението која помага како при потребите во општината така и во јавните институции кои се под локална капа. „Доколку, во догледно време се пријави лице од оваа општина кое ја има поминато обуката за изучување на знаковниот јазик, како што и претходно имам кажано на средбите со членовите на сите здруженија на лицата со попреченост и хендикеп, не гледам пречка тоа лице да биде вработено во Општина Гевгелија“, вели Сарамандов.

Од таму ни рекоа уште и дека, за полесно решавање не само на овој проблем, туку и на другите проблеми со кои се соочуваат лицата со попреченост и хендикеп, неодамна Општина Гевгелија, заедно со јавната установа Меѓуопштински  центар за социјална работа, Заедницата на инвалидски организации и Националната алијанса за лица со посебни потребисклучи Меморандум за соработка со Фондацијата „Ице Бегов“ од Скопје, со што се очекува побрзо да се реши како проблемот со глувите и наглувите лица од општината, така и реални потреби на другите лица со попреченост и хендикеп.

Законот предвидува глоби доколку институцијата не обезбеди толкувач за глувите лица

Согласно законската регулатива глувото и наглувото лице во земјава имаат право на употреба на знаковниот јазик како странка или учесник во постапките пред државните органи, органите на локалната самоуправа, правосудните органи, јавните претпријатија, установи, агенции, фондови и други институции и организации кои се должни на на овие лица да им обезбедат толкувач.

„Глоба во износ од 1500 до 2000 евра во денарска противвредност ќе се изрече за прекршок на правното лице од членот 5 на овој закон, односно глоба во износ од 800 до 1000 евра во денарска противвредност ќе се изрече и на одговорното лице во правно лице ако не му обезбеди на глувото и наглувото лице толкувач“, стои во член 24 од Законот за употреба на знаковниот јазик.

Во Македонија има 5947 глуви и наглуви лица, а само 30 сертифицирани толкувачи на знаковен јазик

Во Македонија според последниот попис на населението живеат 5947 глуви и наглуви лица. Сепак, според Националниот Сојуз на глуви и наглуви има само 30 лица кои се водат како сертифицирани толкувачи и преведувачи на знаковен јазик. Во списокот на официјални толкувачи кои поседуваат сертификати објавен на веб страната на Националниот сојуз, од Југоистокот има само едно лице, и тоа од Валандово.

Обука за изучување на знаковниот јазик во Македонија врши Сојузот на глуви и наглуви на Македонија и Институт за дефектологија во Скопје. Лицата што ја поминале обуката се стекнуваат со сертификат за овластен толкувач. 

Лиза Велкоска, генерален секретар на Националниот сојуз на глуви и наглуви

Тој соработува со 17 здруженија на глуви и наглуви лица, па нивните секретари, кои задолжително го знаат знаковниот јазик, често излегуваат во пресрет за решавање на ваквите ситуации. Додаваат дека потребата од знаковниот јазик е многу поголема отколку што општеството ја овозможува.

„Oд 2019 година, со помош на ресорното Министерство за труд и социјална политика, Сојузот има востановено повикувачки центар кој работи од понеделник до петок од 08-18 часот. Преку видео повик до овој центар, глувото лице може да разговара со одредена институција со помош на знаковен јазик. Во “Кол центарот“ достапни се сертифицирани толкувачи на знаковен јазик за глувите лица доколку имаат потреба во одредена установа или институција за итна, кратка и брза комуникација. Како на пример аптека, банка, пошта“, вели Лиза Велкоска од Националниот сојуз.

Промовиран Дигитален толкувачки сервис за глуви и наглуви

Од таму велат дека секоја година организираат обуки за изучување на знаковниот јазик кои се реализираат на шест нивоа и потоа лицата се стекнуваат со Сертификати со кои можат да даваат толкувачки услуги во институции или установи. Но, целиот тој потфат зависи од повеќе фактори заради што во соработка со МВР, Министерството за здравство, Министерството за труд и социјална политика тие го промовираа пилот проектот „Дигитален толкувачки сервис за глуви и наглуви“.

„Деновиве Сојузот заедно со Министерството за внатрешни работи, Министерството за труд и социјална политика и Министерството за здравство имаше промоција на пилот-проект „Дигитален толкувачки сервис за глуви и наглуви“, со што на седум места во институции кои што се под надлежност на споменатите Министерства треба да бидат поставени таблети преку кои глувите лица и вработените лица во институциите ќе може да комуницираат преку Сертифицирани толкувачи на знаковен јазик.

Пилот-проектот ќе се одвива неколку месеци, со цел да се земат податоци за тоа колкава е потребата на глувите лица од толкувачи на знаковен јазик. Потоа, со „Дигиталниот толкувачки сервис за глуви и наглуви“ на долг рок глувите и наглуви лица треба да имаат квалитетна и навремена испорака на толкувачки услуги во кое било време преку видео повик или со лично присуство во институциите кај нас во државата, информираа од Сојузот.

Исто така, велат оттаму, сертифицираните толкувачи на знаковен јазик на тој начин ќе може да бидат соодветно вреднувани и платени за вложениот труд во работата.

Глувите во Гевгелија претежно работат како општи работници

Од Здружението на глуви и наглуви лица од Гевгелија велат дека вработувања на глувите и наглуви лица има, но тие најмногу се ангажирани како обични работници. Се вработуваат  помладите лица кои имаат проблем со слухот, додека постарите се принудени да живеат со социјалната помош од 4.000 денари.  

Зоран Периќ, како помлад човек, решил да не чека социјална помош и ја зел судбината во свои раце. „Желбата да имам фризерски салон потекнува од мали нозе. Се сеќавам секогаш ги потстрижував куклите на сестра ми. Морам да признаам дека мајка ми е најголемиот иницијатор за да го започнам курсот,  постојано ме мотивираше со тоа што ми велеше дека сум многу талентиран за тоа, таа гледаше на тоа како дарба. По три години курс, во 2004 г. отворив сопствен фризерски салон. Моите редовни клиенти, и покрај пречките во комуникацијата ме поддржуваат и јас сум благодарен поради тоа – заедно растеме и заедно сме се подобри и подобри“, вели Зоран.

Тој во слободното време го сака велосипедизмот и постојано е дел од вело-турите. Сака планински велосипедизам, а како што вели, му недостасуваат велосипедски патеки, како во Гевгелија така и по локалниот пат до Богданци. „Искрено кога тргувам и искачувам планини, или кога возам, не мислам апсолутно на ништо – едноставно се соживувам со природата и уживам во неа. Ама, враќањето е секогаш поинакво, тогаш се чувствувам исполнето. Велосипедизмот ми стана стил на живеење, тоа е некое посебно чувство, постојана потреба за нов предизвик“, раскажува Зоран со кого разговаравме со посредство на неговата сестра.

Авторот е член на Здружението Гевгелија на Точак клуб.

Сподели

Facebook
Twitter
Pinterest
LinkedIn

УПАТСТВО ЗА ПРИСТАП ДО АУДИО ЧИТАЧ НА ВЕБ ПРЕЛИСТУВАЧОТ MICROSOFT EDGE