Search
Close this search box.

Богданци доби канцеларија за социјални услуги откако три години стоеше опремена,a затворена

Автор:  Надица Маџирова

Повеќе од три години, жителите на општина Богданци, за услуги од социјалната сфера мораа да патуваат до Гевгелија, иако во својот општински центар имаа опремена канцеларија каде што гевгелискиот Центар за социјални работи можеше да им дава услуги. 

Гевгелискиот центар, кој е надлежен и за Богданци, од 2014 до 2019 година имаше своја просторија во тој град. Но, од 2019 година па наваму, 2611 домаќинства од Богданци и околните населени места, за каква било социјална услуга, мораа да патуваат околу 12 километри до Гевгелија и да се изложуваат на дополнителни трошоци и време, за што повеќето од нив со години реагираа.

Локал Актив го истражуваше проблемот. Зошто цели три години беше затворена  опремената подрачната канцеларија во Богданци? Две недели откако почна нашата потрага по одговор од Центарот за социјални работи Гевгелија, министерката за труд и социјална политика, Јована Тренчевска, дојде во Богданци и ја отвори канцеларијата.

„Отворањето на подрачната канцеларија за социјални работи во Општина Богданци која ќе функционира при Центарот за социјални работи Гевгелија е потврда дека за нас, сите граѓани се еднакви. Од денеска жителите на Општина Богданци заедно со останатите населени места добиваат можност на пристап до социјалните права и услуги во своето место на живеење. Тоа значи дека жителите на Богданци, Стојаково, Ѓавато и Селимлија нема потреба да патуваат до Гевгелија за остварување на правата и услугите од системот на социјална заштита“, рече министерката за труд и социјална политика Јована Тренчевска, на отворањето на 30 ти јуни.

Опремената подрачна канцеларија беше затворена три години

Тренчевска не одговори зошто три години остана затворена подрачната канцеларија која беше опремена да функционира. Таа се наоѓа во општински простории за што Министерството за труд и социјална политика изрази благодарност до градоначалникот Блаже Шапов.

Жителите на Општина Богданци контуинирано патуваа до Гевгелија

Патувањето до Гевгелија за остварување на своето социјално право, на својот грб го почувствува Анета од Богданци чие барање за користење социјална помош ѝ било одбиено, па последниов период речиси секојдневно патувала на реалација Богданци-Гевгелија за да ги комплетира сите потребни документи и да поднесе жалба.

Таа тогаш беше револтирана што во својата општина, Центарот за социјални работи од Гевгелија нема своја дисперзирана канцеларија како што беше пред нешто повеќе од три години.

„Неколку пати одев за Гевгелија, бидејќи беа потребни многу документи кои требаше да се достават за мене и за членовите на моето семејство. Секогаш нешто ми недостасуваше и морав да се враќам неколку пати за да ги соберам сите. Автобуси нема многу често, па сум приморана да користам и такси ако не сакам да поминам многу време чекајќи автобус. За социјална помош од 5000 денари јас веќе направив трошоци од 1500 денари, а сѐ уште не сум ја завршила работата. Многу голема и олеснителна работа би било доколку постои канцеларија во Богданци, каде ќе можеме да се обратиме и да добиваме информации кои ни се потребни“, ни раскажа Анета, пред пуштањето во употреба на канцеларијата.

Освен за себе, таа ни раскажа и за голготатата на својата сосетка која живее со телесен инвалидитет, а имала потреба од „социјалното“. Анета, морала да ѝ помага  при транспортот до Гевгелија, но и да ја упатува низ канцелариите на оваа институција.

„До гевгелискиот Центар за социјални работи бев и со сосетката на која ѝ требаше асистенција, пред сѐ во патувањето. Има попреченост и не може самата да се движи. Нема роднини кои би ѝ помогнале и секогаш одиме со такси, бидејќи таа не е во можност да патува со автобус. Замислете колку би било полесно и за неа самата да може да си ја заврши работата во канцеларија во Богданци“, објаснува Анета.

Пет години секој петок ЦСР Гевгелија имаше свои вработени во Општина Богданци

Општина Богданци има 7339 жители. Од нив, над 600 лица се корисници на некаква социјална услуга. Во периодот од 2014 до 2019 година, Центарот за социјални работи од Гевгелија имал своја канцеларија во општинската зграда, во која секој петок доаѓале вработени и им ги давале потребните услуги на жителите од оваа општина.

Вработените во општина Богданци тврдат дека граѓаните стекнале навика и секој петок доаѓале за консултација, за добивање документ или услуга од оваа институција.

Вангелица Ванчева, вработена во Општина Богданци, вели дека жителите на Богданци и околните населени места и покрај фактот што три години не работела подрачната канцеларија,  настојчиво  доаѓале и барале некаква услуга во Богданци.

„Луѓето си доаѓаа во мојата канцеларија и во изминатите три години се трудев  колку што можам да им ги олеснам работите. Најчесто остварував контакт со вработените во ЦСР Гевгелија преку телефон за да можам подобро да им помогнам и што поточно да ги информирам за нивната потреба. На овој начин тие ги подготвуваа документите целосно и можеа да ги поднесат во Гевгелија. Ова беше голема помош за нив бидејќи имаа финансиска заштеда и не мораа да патуваат често“, изјави за Локал Актив Ванчева.

„Си знаевме дека секој петок има претставници од социјалното од Гевгелија во општинската зграда и не се изложувавме на трошоци за патување до Гевгелија. Тука си ги средувавме документите, како за социјална помош, така и за постапките за добивање нега за трето лице, за мобилност и да не набројувам“,  раскажуваше пред отворањето на подрачната канцеларија еден Богданчанец.

„Неколку пати одев за Гевгелија, бидејќи беа потребни многу документи кои требаше да се достават за мене и за членовите на моето семејство. Секогаш нешто ми недостасуваше и морав да се враќам неколку пати за да ги соберам сите. Автобуси нема многу често, па сум приморана да користам и такси ако не сакам да поминам многу време чекајќи автобус. За социјална помош од 5000 денари јас веќе направив трошоци од 1500 денари, а сѐ уште не сум ја завршила работата.“

Канцеларијата не работела оти немала кадар, но и поради пандемијата со Ковид-19

За да се забрза постапката, но и за да бидат достапни државните услуги поблиску до граѓаните, Општина Богданци на Центарот за социјали работи од Гевгелија им стави на располагање посебна канцеларија.

Директорката на Центарот за социјални работи од Гевгелија, Васка Илиева, во средината на месец јуни изјави дека канцеларијата била затворена поради недостаток на кадар, но и дека таа треба да биде наскоро отворена.

„Изминатиот период, претставник на ЦСР Гевгелија доаѓаше во Богданци еднаш во месецот. Запознаени сме со потребата на жителите на општина Богданци од нашите услуги и работиме на тоа во најскоро време да се започне со користење на канцеларијата која ни е дадена на користење од Општината и е целосно опремена од ЦСР Гевгелија. Во минатото имавме недостаток на кадар, меѓутоа сега имаме вработено човек кој мораше одреден период да помине на работа во Гевгелија поради стекнување искуство. Исто така, и пандемијата од Ковид 19 беше непредвидлива ситуација, која дополнително ги отежна работите. Планираме, во најскоро време, да ја поврземе канцеларијата во Богданци во системот и ќе имаме свој вработен пет  дена во неделата односно секој ден. Се надевам дека на овој начин ќе можеме да обезбедиме потребните услуги да се достапни за оние на кои им се најпотребни“, ни одговори во средината на јуни директорката Илиева.

Јована Тренчевска, министерка за труд и социјална политика

Градоначалникот Шапов бара децентрализација на ,,државните“ услуги во Богданци

Градоначалникот на Општина Богданци, Блаже Шапов е свесен за потребата од децентрализација на државните услуги на локално ниво. Според него институциите мора да размислуваат за отворање свои канцеларии во Богданци за граѓаните од оваа мала општина, да не патуваат до Гевгелија.

„Сметам дека е потребно децентрализирање, односно приближување на државните услуги до граѓаните. Успеавме да обезбедиме канцеларија во општинската зграда, со цел и ние како локална самоуправа да им помогнеме на социјално ранливите категории граѓани, за ЦСР Гевгелија да има свои претставници овде“, ни кажа градоначалникот Шапов.

Како локална самоуправа тие имаат ингеренции во социјалната заштита при што секоја година обезбедуваат средства за социјално ранливите категории граѓани.

Блаже Шапов, градоначалник на Општина Богданци

„Сметам дека е потребно децентрализирање, односно приближување на државните услуги до граѓаните. Успеавме да обезбедиме канцеларија во општинската зграда, со цел и ние како локална самоуправа да им помогнеме на социјално ранливите категории граѓани, за ЦСР Гевгелија да има свои претставници овде“, ни кажа градоначалникот Шапов.

Како локална самоуправа тие имаат ингеренции во социјалната заштита при што секоја година обезбедуваат средства за социјално ранливите категории граѓани.

За оваа година Програмата тежи околу 1,5 милиони денари. Од овие пари, им се исплаќаат средства по повеќе основи на социјално загрозени семејства, во вид на еднократна парична помош.

Инаку, во општина Богданци, подрачни канцеларии кои им се достапни на жителите на општината, се Фондот за здравствено осигурување и Агенцијата за вработување. Овие канцеларии се наоѓаат во општинската зграда и работат со редовно работно време од понеделник до петок.

Локал Актив ќе ја следи и натаму работата на канцеларијата на гевгелискиот центар за социјални услуги во општина Богданци и ќе пишува за неговиот фактички учинок.

*Авторката е член на Здружението Полимат 13 Богданци.

Сподели

Facebook
Twitter
Pinterest
LinkedIn

УПАТСТВО ЗА ПРИСТАП ДО АУДИО ЧИТАЧ НА ВЕБ ПРЕЛИСТУВАЧОТ MICROSOFT EDGE