Автори: Тодор Цонев и Весна Крстева
Пчеларот Благој Данев од Зрновци секоја година е принуден да презема мерки за заштита на пчелите и имотот, особено во периодот на палењето на стрништата. И покрај тоа што со закон е забрането, стрништата секој година се палат.Поучен од искуството со еден од големите пожари по палење на стрништата, кога огнот стигна до неговиот пчеларник, Донев секоја година ја дополнува противпожарната опрема, која самиот ја набавил.
„Моите активности се повеќе како самозаштита. Си ги штитам пчелите и имотот. Дополнително, секогаш ја косам тревата околу пчеларникот правејќи тампон зона. Внимавам многу со пуфалката (опрема при пчеларење н.з.) гаснејќи ги остатоците во метална канта со вода. Дефинитивно, пожарите се многу штетни за пчелите, ја уништуваат флората, а со тоа и пчелната паша. Апелите да престане палењето на стрништата, тешко допираат до земјоделците,“ вели соговорникот на Локал Актив.
Кочанскиот и виничкиот регион, каде што се наоѓаат полињата со ориз, секоја есен се во пламен. Земјоделците, откако ќе го ожнеат оризот, ги палат стрништата и така се ослободуваат од остатоците. Нивното оправдување на законски забранетото палење на стрништата е дека така правеле нивните дедовци и татковци и дека тоа е единствениот начин да ги подготват површините за следната сеидба.



Претставници на надлежните институции велат дека за навиките на земјоделците не помагаат ниту превентивните, ниту репресивните мерки.
Пожарникарите предупредуваат дека овие огнови се темпирана бомба што во секој момент може да експлодира, со катастрофални последици по животите на луѓето и животните, на почвата на воздухот на имотите. Решенија има тврдат стручњаците, само треба некој да ги примени.
За две години во кочанско и виничко штетите близу половина милион евра
Бројките зборуваат сами за себе. Речиси 70% од интервенциите на пожарникарите за Кочани и Виница, се интервенции на отворена површина, палење на стрништа и пожари предизвикани од човечко невнимание. Во овие пожари изгореа стотици хектари и е буквална потврда на народната поговорка: „Покрај сувото гори и суровото“. Последиците не завршуваат со тоа.
Палењето на стрништата е штетно за биодиверзитетот, а го нарушува и природниот баланс. Се загадува воздухот, може да се предизвикаат пожари кои се прошируваат и уништуваат големи шумски површини, лозови или други насади, како и помошни објекти. За две годни (2021-2022 година) опожарени се над 1154 хектари во овој регион. Илустративни се податоците од Територијалната противпожарна единица од Кочани, која е задолжена и за интервенции и во соседните општини Зрновци и Чешиново – Облешево.
Кочанските пожарникари во 2021 имале вкупно 311 интервенции , а во пожарите се изгорени 890 хектари. Следната година, во 2022 година, интервенирале 280 пати, на изгорени 161 хектари.
Во виничкиот регион, според извештаите на ТППЕ Виница, во 2021 имало 84 интервенции, а изгореле 76,6 хектари. Во 2022 година забележани се 71 интервенција, изгореле 121,2 хектари.
Направените проценки велат дека вкупните штети од овие пожари се близу половина милион евра или 30 милиони денари само материјалната штета, додека долгорочно штетите по природата се уште поголеми.
Ниту предупредувањата, ниту апелите, ниту пак казните, засега не се доволни за да се убедат земјоделците да се откажат од палењето на стрништата. На прашањето да се набројат и позитивните и негативните страни од палењето на стрништа, никој не ги споменува негативните страни, туку ги истакнуваат само позитивните. Локал Актив праша дел од земјоделците зошто ги палат стрништата?
„Затоа што сламата која останува после жетвата на оризот е во огромна количина и нема што да правиме со неа. Мали количини сушиме и балираме за сопствени потреби. Големата количина на слама не ни дозволува добро да ги обработиме земјоделските површини, имаме проблеми при орањето, фрлањето. Оваа слама не се распаѓа бргу,“ вели исказот на еден од нив, а речиси едногласни се сите земјоделци со коишто разговаравме.
Според нив на овој начин, со палењето на стрништата, земјиштето полесно се подготвува за сеидба, се уништуваат семињата од тревите и бара помалку прскање против плевели.
Од Земјоделскиот инспекторат велат дека заедно со претставниците на ЦУК, МВР, ТППЕ, општините и сообраќајниот инспектор постојано одржуваат координативни состаноци за заеднички активности на терен во насока на спречување на палење на стрништата. Се поднесуваат и пријави до надлежните.
„Сепак ефектите од казните се мали. Поради намалување на казнените одредби и нема некој голем ефект, затоа што казните што се ирекуваат на физички лица се од 50 до 250 евра, а за правни лица до 1000 евра. Сметаме дека казните не се соодветни на штетите ако ги сметаме сите негативни ефекти кои ги имаат пожарите на земјиштето, климата, еколошките последици итн. Она што е интересно кога ќе се направи една анализа, бројот на казни секоја година е речиси ист, а бројот на пожари можеби е и поголем, затоа што некои од нив и не се евидентираат, “ вели Савка Веселинова, раководител на земјоделскиот инспекторат од Кочани.



Забраната на палење оган во посевите, во стрништата и во нивна близина е изречена во Член 46 од Законот за земјоделско земјиште. Сопствениците не само што не смеаат да ги палат стрништата, туку се должни да спроведуваат мерки за заштита од пожари согласно со прописите за заштита од пожари.
Законот во случај на предизвикување оган, предвидува глоба на правно лице во износ од 150 до 300 евра на мало трговско друштво, а глоба на правно лице во износ од 250 до 500 евра на средно и големо трговско друштво, додека за физички лица глобата е од 50 до 100 евра.
Апелите не помагаат
Секоја година пожарникарите и МВР излегуваат со апели да не се палат стрништата, но тие се палат и понатаму. Кочанчани и виничани паметат два големи пожари, кои настанаа по палење на стрништа на ветровито време. Под закана беа бензинска пумпа на влезот во Кочани, како и домови и индустриски капацитети.
„Покрај тоа што палењето на стрништа е казниво со закон, дополнителен проблем претставува фактот дека оваа лоша практика од земјоделците се применува особено кога дува ветар со поголема брзина и со променлив правец, затоа што така се предизвикува побрзо согорување на остатоците од слама и за краток временски период со пожарот се зафаќа поголема површина. Дали се злокобни? Да. Многу често се случува за кратко време огнот да навлезе во некое населено место и да предизвикаат општа паника кај населението. Доста често на удар се и некои индустриски капацитети, како што беше случајот со еден од големите пожари, кога под закана беше пречистителна станица во село Мојанци, а во една прилика, огнените јазици се закануваа и на бензинска пумпа“, вели командирот на ТППЕ Кочани, Драги Атанасов.
Би помогнале ли повисоките казни?
Командирот Атанасов смета дека казните што се предвидени за палење на стрништата апсолутно не се соодветни на штетите коишто се предизвикуваат.
„Мислам дека треба да се побара некое друго законско решение. Ако се планира да се остават овие законски рамки треба да има зголемување на казните, но и истовремено поголемо присуство на овластените лица (земојоделски инспектори, полиција, пожарникари) што почесто присуство на терен и примена на казни без селекција. Казнената политика да важи за сите“, додава Атанасов.
Во врска со тоа дали надлежните институции прават доволно за надминување на состојбите со палењето на стрништа од кочанското Доброволно противпожарно друштво велат дека генерално противпожарниот сектор во државата е на едно многу ниско ниво, а показател за тоа е стариот возен парк, старосната просечна граница на пожарникарите како и целокупната опрема и самата инфраструктура на противпожарните домови.
„Имаме несериозен пристап од надлежните служби во однос на нашето работење и во најголем дел од случаевите се бара решение на проблемот откако ќе биде направен,“ велат од Доброволното противпожарно друштво.
Од граѓанскиот сектор во овој регион прстот го вперуваат во институциите. Жаклина Голчева од ГО Јавор од Зрновци, фактот дека тоа секоја година се палат огромни површини на стрништа, укажува дека надлежните институции не преземаат доволно мерки за решавање на проблемот.
„Земјоделците имаат проблем со обработката на растителните остатоци поради немање на нови технологии и современа механизација и се приморани на несоодветен и штетен начин да се справуваат со нив. На таков начин настануваат сериозни еколошки проблеми“, е заклучокот на Голчева, од здружението Јавор од Зрновци.
Голчева сепак укажува на една добрата практика на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, преку донесувањето на програма за набавка на комбајни со системи за сечкање на сламата, заради полесна обработка на површините. Но, тоа, според неа, не е доволно да го реши проблемот на терен.



Мора да се направат измени во казнената политика
Професорот на Земјоделскиот факултет при Универзитетот „Гоце Делчев“ од Штип, д-р Љупчо Михајловски во брошурата насловена „Третманот на жетвените остатоци во Брегалничкиот регион“ ги анализира овие состојби.Во неговата анализа, Михајловски ги посочува штетните последици од палењето на стрништата, а потенцира и неколку можни решенија за надминување на овој проблем, којшто засега не го решија никакви мерки, ниту превентивни, ниту репресивни.
„Во овој дел на постоечката законска регулатива предлагаме да се дадат препораки до законодавецот за модификација на одделни законски одредби – освен високите парични казни – глоби, прекршителите да бидат санкционирани и со укинување на можност за добивање субвенции. Исто така друг вид санкции би биле забрани за аплицирање за добивање на финансиски средства или опрема од домашните и меѓународните развојни фондови за одреден иден период, во зависност од штетата или ризиците врз животната средина, кои биле предизвикани со сторениот прекршок“.
Но, на оваа можна мерка, којашто успешно ја применуваат некои земји како Хрватска, остро се спротивставуваат земјоделците.
„Најлесно е да се удри по земјоделецот и така сме на работ на егзистенција. Порано беше дозволено да ги одобруваме нивите и контролирано да ги палиме стрништата, а сега состојбата е променета, со тоа што со закон е забрането палењето и таму сме кај што сме. Мора да се најде законско решение кое нам, земјоделците ќе ни овозможи полесно и со помал трошок да ги приготвуваме нивите за сеидба и во никој случај да не се губи правото на субвенции затоа што ние произведуваме храна со која се храниме сите,“ вели наш соговорник, земјоделец од Чешиново-Облешево.
Агро суровина наместо отпад
Во споменатата брошура, професорот Михајловски предлага искористување и менаџирање со жетвените остатоци од земјоделските култури, и од страна на оние што ги произведуваат и оние кои ги преработуваат. Фокусот, според Михајловски, треба да биде ставен на правилно и корисно употребување на овој вид спореден производ од земјоделските култури.
Сламата како агро-суровина, претставува евтин и еколошки ресурс за подобрување на својствата на почвата или за производство на одржливи и корисни продукти кои се со повеќе наменска употребна вредност, смета професорот, кој дава конкретни предлози.
„Во секоја општина од брегалничкиот регион каде што има потенцијал на годишно ниво да се произведат поголеми количини жетвен растителен материјал како суровина, да се проектираат и да се изградат преработувачки погони со соодветен капацитет за производство на некои од производите кои можат да се добијат со преработка на жетвени остатоци. Строгите закони и регулативи против палењето на растителни остатоци на отворено поле, мора да се заоструваат, да се почитуваат и да се применуваат за да се заштити животната средина и следствено, здравјето на луѓето и останатите живи организми“, стои во препораките во брошурата.
Подигнување на повисоко ниво на свесност кај населението, а особено кај директните земјоделски производители, за повеќекратните штетни последици при горењето на жетвените остатоци, се само дел од препораките.

Подигнувањето на свеста и правењето нови навики е навистина тешка работа, но тоа не значи дека овие активности треба да престанат. Новите генерации можеби ќе донесат ново време, нови навики и нови искуства, меѓутоа, во едно се согласни сите – некој следен пожар предизвикан од стрниште, може да „проголта“ цел град.
Тодор Цонев е активист на невладината организација ИНИ од Виница.
Весна Крстева е локална новинарка.