Општествениот притисок води кон половична правда за жртвите на семејно насилство во југоисточна Македонија

Авторка: Катерина Давчева*

Ана е средовечна жена од Струмица. Жртва на семејно насилство. По долги години брак, ги посведочила сите ужаси кои со себе ги носи насилството. Демнење, опсесивност, економско условување, за на крајот ова однесување да кулминира со физичко насилство. Цели десет години, Ана живеела во тортура од својот сопруг, но молчела, надевајќи се дека тоа во еден момент „ќе помине“.

,,Бракот ни почна среќно. Но, набргу потоа, кај него почнаа да се појавуваат љубоморни испади. Дотаму што дури јас морав да ја напуштам работата и да останам дома. Се сомневаше дека ќе најдам некој друг на работното место. Се родија и децата. Љубомората место да се намали, таа се засили. Бидејќи бев невработена, станав жртва и на економско насилство. Некогаш немав пари ни за основните лични хигиенски средства. Да не зборувам за гардероба или шминка“, вели Ана.

Последните испади на сопругот врз Ана биле физичко насилство. „Не сакам да си приспомнувам за тоа. Човекот кој го сакав, со кој решив да го поминам животот, се претвори во монструм. Болеше и физичкиот напад, но и сликата во која се претвори нашиот брак“, додава Ана.

Таа решила да го напушти партнерот и да го пријави во полиција. Оттука, како што вели, започнале законските рокови за тужби, изрекување мерки за сместување на жртвата, за обезбедување соодветна здравствена заштита, психосоцијална интервенција и третман, советувалиште, доделување правна помош и застапување, постапка пред надлежен суд.  

Ана се побарала помош од подрачната единица на министерството за правда од каде и била доделена бесплатна правна помош. Центарот за социјални работи обезбедил привремени мерки за заштита. Обвинителството поднело тужба за семејно насилство, и почнале рочиштата.

„Не можев да одам до крај. Притисокот врз мене беше голем. Од една страна родителите, кои се веќе во поодминати години, а во чија семејна куќа се вратив. Не можеа да го издржат тој притиок. Од друга страна средината. Знаете ова е мал град, сите се познаваат. Се чувствував изложено и посрамено. Тежок беше моментот, тоа што се случувало зад затворена врата сега да стане јавно видливо преку сведочења и рочишта. Се откажав од тужба за семејно насилство. Се разведовме. Но сѐ уште, еден дел од мене се плаши и треперам кога ќе го сретнам“, вели Ана.

За 28 месеци почнувајќи од 2021 само во општина Струмица биле пријавени 1.559 случаи со елементи на семејно насилство. Од нив 306 биле квалификувани како кривични дела со гонење по приватна, но и по службена должност. Поголемиот број од овие случаи не се пријави на жртвата, туку пријави на граѓани кои живеат во близина на семејствата во кои се случува насилството.

По години оваа статистика изгледа вака:
• 2021 г. : 649 случаи, од кои 529 биле поплаки од граѓани;
• 2022 г. : 675 случаи, од кои 536 поплаки од граѓани;
• Од јануари до април 2023 г.: 235 случаи, од кои 188 поплаки од граѓани

Малите градови - голем проблем за жените жртви на семејно насилство

Ана, е само една од повеќе жени-жртви на семејно насилство од Струмица кои на половина пат се откажуваат од тужби врз насилниците. Ова искуство го посведочува и адвокатот Снежана Михаилова.

„За жал, низ мојата пракса се покажува дека не мал е бројот на жените жртви на семејно насилство кои не одат до крај да се осуди насилството и злосторникот да биде казнет. И секогаш тоа е поради, за мене, нејасни причини. Семејството, средината, репутацијата, децата, работата. За мене, како човек кој е посветен на правото и правдата, изгледа трагично кога ќе видам дека осомничениот поминува неказнето. Дотаму што тој не е обврзан да оди на советување и да се работи на неговата насилна страна. Така се губи шансата санкционирањето на делото да спречи негово повторување. Не е решение разводот“, вели Михаилова.

Таа е децидна дека оние жени кои се охрабриле да одат до крај во судскиот процес секогаш го добивале.

„Условни казни, затворски казни. Секогаш правдата стигнува. Нашето законодавство и за оваа правна област е многу концизно. Семејното насилство е недозволиво и казниво. Кривичната постапка се поведува против насилниците при што се казнуваат сите форми на семејно насилство: физичко, психолошко и сексуално и се предвидени построги казни за сторителите на кривични дела што се случиле како резултат на семејно насилство“, вели Михаилова.

За разлика од физичкото, психичкото и економското насилство се тешко докажливи, додава адвокатката Михаилова

„Морам да признаам дека многу теко успеваме да ги докажеме случаите на психичко или економско насилство. За жал, кога најчесто ќе кулминираат со физичко, тогаш и жртвата се охрабрува да ја напушти насилната средина и да почне процедура. Знаете во таа ситуација, ранливост на жената жртва на семејно насилство е видлива дури и со голо око. И без потребната поддршка, тие лесно се откажуваат од судски процес кој за нив изгледа мнгу тешко, стресно и гломазно. Единствено што сакаат е да го напуштат насилникот. Но, тоа е баш насилство на половина пат, зошто како што реков, насилникот може да има идна жртва. Затоа е важно, превенција и санкција“, децидна е адвокатката Михаилова.

Поширокото семејство- првиот безбедносен чадор на жртвите

Жртвите на семејно насилство најчесто се во една конфузна психичка состојба. Тие се лесна цел за манипулација, бидејќи стануваат несигурни во себе и за нив станува тешко са да донесат одлука. Колебливи се, наместо решителни.

Вака накратко го опишува психолошкиот профил на жртвите, семејниот терапевт и социјален работник Елена Јованова.

„Поддршката од семејството во најголем дел од случаите се покажува како клучна. Тие се првиот безбедносен чадор под кој жртвата и нејзините малолетни деца бараат сигурност. Потоа секако тука се институциите. Довербата во нив е од клучно значење. Низ годините сум работела со жртви кои сведочат дека институциите повеќепати биле делумно глуви за проблемот. Тие често се поврзуваат со митовите за семејното насилство. Еден од нив дека жената сама си го барала или пак еден шамар не е ќотек. Но, денес, ситуацијата во тој дел веќе се подобрува. Така што, преку обуки и подигнување на свеста на сите вклучени во процесот на заштита од семејно насилство, веќе се уништуваат тие обичаи кои ја ставаа жената во подредена состојба“, вели Јованова.

Таа смета дека откажувањето од жртвата судски да го гони насилникот за извршеното дело е поврзано со виктимизацијата и ревиктимизацијата на жртвата.

„Тука би сакала да зборувам за синдромот на скршена жена кој во психолошката литература се користи како поткатегорија на пост-трауматските нарушувања предизвикани од стресот. Овој синдром е препознатлив при виктимизација на жена од страна на интимен партнер при сите видови насилство, кога жената е приморана со употреба на сила да направи нешто, да постапува на начин кој ги занемарува нејзините чувства. Тие жени имаат интензивно сеќавање за настаните, анксиозност, емоционално занемарување, нарушени односи“, вели Јованова.

Таа нагласува дека кога станува збор за физичко, психичко сексуално насилство кое се случува во рамките на фамилијата, се јавуваат некои атипични посттрауматски нарушувања.

Комерцијална фотографија

На пример ако личност наиде на изненадувачки опасна ситуација која претходно изгледала целосно безопасна, личноста станува психолошки возбудена и првиот нагон е да бега од опасноста. Но, што се случува кај жените жртви на семејно насилство?  Кај нив, кога се во позиција на долгогодишно насилство се јавува момент на психолошко бегство. Тоа значи дека таа ја намалува или негира опасноста со намалување на стравот, репресија, депресија“, вели Јованова.

Стручната литература покажува дека виктимизацијата на жената во домашни услови ќе продолжи сè додека жената решава да го поднесе насилството од партнерот, наместо да реши да го пријави и да отвори постапка против него.

Од оние кои се осмелуваат да пријават, како најчест профил на жртви на семејно насилство се издвојуваат жени од 25 до 40-годишна возраст, во брак, со две или повеќе деца.  Мажот насилник е најчесто со ниско образование на возраст од 40-45 години. Како причини, често се споменуваат љубомората и патолошката љубомора, консумација на алкохол или наркотици, наведените економска зависност и сиромаштијата, лошото влијание од околината.

За 28 месеци пријавени 1559 случаи со елементи на семејно насилство во СВР Струмица

Во 2021, 2022 и во првите 4 месеци од 2023 година биле пријавени 1.559 случаи со елементи на семејно насилство, на подрачјето на СВР Струмица. Но, само 306 биле кривични дела со гонење по приватна, но и по службена должност.

Од друга страна 1.253 случаи биле пријавени како поплаки од граѓаните. И токму во овој корпус на предмети се крие насилството на половина пат. Кога жртвата од различни причини не сака да го процесира предметот.

Најмногу кривични пријави за дела поврзани со семејно насилство струмичката полиција поднела во 2022 година, кога се регистрирани 10  предмети. Во 2021 година полицијата поднела 92, а во првите четири месеци од 2023 година 36 кривични пријави за дела поврзани со семејно насилство.

Струмица има шелтер центар и психо-социјално советувалиште

Шелтер центарот за жртвите на семејно насилство во Струмица функционира веќе 3 години и засега има регистрирано над шеесет корисници, жени и нивните малолетни деца. Дополнително, функционира психо-социјалното советувалиште во кое од прва рака помош и советување добиваат жени, но и нивните малолетни деца.

Со шелтер центарот раководи Здружението на граѓани „Скај плус“ од каде што велат дека во партнерска соработка со УНФПА, министерството за труд и социјална политика и Британската амбасада работат и на зајакнување на свеста кај жените дека постои живот без насилство.

Според Стојне Митева- дипломиран психолог и Гешталт терапевт, ова е една од најважните алатки за превенција и спречување на насилството.

„Само информирана жена знае да го прекине синџирот на насилство. Само информирана жена која знае дека има живот без насилство и дека треба да го направи првиот чекор може да стави крај на насилството. Оттаму е важна партнерската соработка што ја имаме со УНФПА, со министерството, а со помош на Британската амбасада да делуваме и да ја јакнеме свеста особено кај помалите заедници, но и воопшто кај целата заедница, да ги искористуваат механизмите кои стојат на располагање, да се охрабруваат да ја напуштат насилната средина и да се ослободат од насилството“, вели Митева.

Во моментот во Струмица течат активности и за отворање на безбедна куќа во која жените жртви на семејно насилство ќе може да живеат во одреден период, додека да се реинтегрираат назад во општеството, што е дел од активностите поврзани со Програмата за реинтеграција и рехабилитација.

*Авторката е активистка на Здружението Скај Плус од Струмица

Сподели

Facebook
Twitter
Pinterest
LinkedIn

УПАТСТВО ЗА ПРИСТАП ДО АУДИО ЧИТАЧ НА ВЕБ ПРЕЛИСТУВАЧОТ MICROSOFT EDGE