Солидарност и граѓанска само-организација: важна, а занемарена алка во справувањето со пожарите во источниот и југоисточниот регион на Македонија

Авторка: Весна Коловска*

Пожарот во Малешевијата во август 2021 година ќе биде запаметен како една од најголемите катастрофи во овој дел на државата. Тогаш изгореа околу 10 000 хектари на столетна шума, шумско земјиште, земјоделски површини, пчеларници и пасишта. Овој пожар ја покажа и моќта на човекот за одговор и справување со огнот, што ни ја демонстрираа пожарникарите и спасувачките екипи од Австрија и Словенија.

Изненадувачки факт за домашната јавност е што во првата линија на огнот, заедно со домашните екипи застанаа и доброволци од Здружението на доброволни пожарникари од областа Долна Австрија, кои за да дојдат во Берово и Пехчево земаа денови од одмор. Меѓу информациите на сајтот на австриското здружение, меѓу другото, може да се прочита дека секој 17-ти жител на Долна Австрија е член на доброволна противпожарна бригада.

Здружението има 99.000 членови, од кои млади пожарникари се 5.500, а има и 8.500 жени. Австрија е една од земјите, каде филозофијата на делување против катастрофите е во силата на граѓаните, обединети преку здруженија, кои работат на превенција, обука и создаваат нови генерации обучени доброволци, кои од мали нозе, веќе од три години учат како да помогнат. Во Словенија, исто така, моќта на одговор против катастрофи е во рацете на доброволците екипирани во 3900 друштва, кои исто така дојдоа да им помогнат на Малешевци.

Кај нас, основањето на доброволните противпожарни друштва е само идеја привлечна за грст луѓе за развивање, а толпата вообичаено реагира по инерција, кога ќе се случи нешто навистина страшно.

Фотографии од пожар во близина на Берово

Доказ за ова се четирите новосоздадени доброволни друштва – во Пехчево и Берово, и уште две во околните градови – Македонска Каменица и Кочани, кои настанаа неколку месеци по големиот пожар во 2021 година.

Првата помош во опрема и возила дојде токму од силите кои помагаа во гаснење на пожарот од доброволните друштва од Австрија и Словенија. Дејан Вазлиски e претседател на неодамна основано Доброволното противпожарно друштво од Пехчево. За Локал актив тој вели:„Шумскиот пожар во 2021 година многу ја смени перцепцијата за доброволните противпожарни друштва. Пред пожарот немаше никаков интерес, иако се обидував подолго време да основам вакво друштво, кое сега има 25 активни членови. Сите се обучени за справување со шумски пожар и опремени со лична опрема, која ја добивме од Австријците, кои го гаснеа пожарот. Немаме наше возило, но на терен го употребуваме тоа на општината, кое е опремено со танк и црева за гаснење, но ни треба уште едно“.

Пехчево нема професионална противпожарна единица и доколку се случи пожар или поплава, се повикуваат професионалци од Берово, на кои им требаат 10-20 минути да дојдат на терен. „Затоа, важно е пехчевските доброволци да бидат што повеќе подготвени, обучени и опремени“, смета Вазлиски.

Сите членовите на ова друштво имаат над 25 години. Речиси сите се вработени, а ги има вработни во шумската полиција, локалното комунално претпријатие, или вработени во приватни шумски стопанства. Сепак, проблем е финансирањето на нивните активности – и покрај тоа што секоја година до Општината Пехчево доставуваат програма за работа, пари од општинскиот буџет за нивниот ангажман нема. Минималните годишни потреби им се 350.000 денари.

Идентични се приликите и во Дојран. Градот, кој секое лето се полни со туристи, се потпира на силите за спасување на доброволците од здружението кое е формирано по големиот пожар во 1999 година кога целосно изгореа три куќи.

На почетокот ДПД „Дојран“ стартуваше со шеесетина луѓе, а сега има 15 активни членови, кои излегуваат на терен според можностите, бидејќи сите работат некоја друга работа. Сепак, друштвото иако доброволно, како што вели неговиот претседател Стојанче Шулев,  настапува како професионална единица, за што и општината одвојува буџет.

„Во случај на пожар, прва треба да интервенира професионалната единица од Гевгелија, на која ѝ требаат 40 минути од повикот до интервенцијата. Ние за 15-20 минути се собираме, земаме опрема и интервенираме, што е особено важно при пожари, кога одлучува секоја минута. Тука се и доброволците од Валандово, на кои исто така им треба време да стигнат“, објаснува Шулев.

Сепак, иако се обучени како и професионалците, дојранските доброволци не се дел од системот за првичен брз одговор, бидејќи немаат телефонска линија за интервенција, туку кога некој би побарал помош на 193, им се јавува пожарникар од Гевгелија, кој потоа на личните телефони ги бара доброволците од Дојран. Шулев вели дека Дојран има многу стари куќи залепени една од друга, додека граѓаните слабо се запознаени со спасување и заштита.  Имаат две возила и двете од донации. Им требаат црева и друга техничка опрема, која е скапа за набавка. „Апаратот за кислород чини 60.000 денари, пар чизми 200 евра, а 100 евра е едно црево од 15 метри. Зависиме од донации, а последната ни беше лани, од Германската амбасада, кога добивме црева млазници“, кажа Шулев.

Во справување со катастрофи Македонија се потпира на 900 професионални пожарникари и малкумина доброволци

Во државата има околу 900 професионалци, вработени во Територијалните противпожарни единици  и 170-270 доброволци, број кој се менува во зависност од интересот и желбата да се помогне на терен.

Кире Михајловски, претседател на ДПД „Свети Николе“, кој е автор на „Анализата за доброволните противпожарни друштва“, вели дека активни се петнаесетина вакви друштва од регистрираните над 90 во Централниот регистар на Македонија (ЦРМ). И додека силата во справувањето со катастрофите во европските земји е во обучените граѓани – доброволци, кај нас е прифатен поскапиот систем на платени професионалци.

„Во Германија на пример, има 33.600 професионалци, а 1.100.100 доброволци според последните податоци од веб страницата на Меѓународната асоцијација на пожарникари. Во Словенија, земја која е со скоро иста територија и број на жители како нас, но многу побогата држава, има 3900 доброволни друштва, каде скоро секој е доброволец. Прифаќаат многу поевтин и поедноставен систем,  преку опремување и обука на доброволците. Кај нас има само 15 активни доброволни противпожарни друштва, од кои само шест поседуваат опрема. Друг проблем е ниската свест за волонтирањето. Во европските земји чест е да се биде доброволец, а меѓу истакнатите политичари, кои во своите биографии со гордост пишуваат дека се доброволни пожарникари и спасители се поранешниот претседател на Словенија, Борут Пахор (2012 – 2022) или Манфред Вернер, кој сега е активен во Европскиот Парламент“, вели Михајловски. 

Анализата на Михајловски покажува дека четири ДПД друштва располагаат со повеќе од 90% од противпожарната опрема. „Од 15 мапирани активни доброволни противпожарни друштва само 4 располагаат со 8 противпожарни возила, од кои 4 се навални, со просечна носивост на танк од 2000 литри, 3 се танкови – пратечки ПП возила со капацитет на танк во просек од 5750 литри и 1 е техничко возило со танк од 4000 литри и прашок за пенило од 200 килограми. Во исправна и оперативна состојба се 6 противпожарни возила, на едно му недостасува ПП пумпа и едно е во фаза на репарација. Друштвата располагаат и со две транспортни возила комбе (Форд транзит) и автобус (Санос)“, пишува во анализата.

Во Македонија недостасуваат 340 пожарникари, а противпожарните возила што ги користат се во просек стари 27 години. 34-те противпожарни единици ширум земјава вкупно имаат 284 возила, од оние што гаснат пожар до цистерни за вода и возила за превезување на пожарникарите и опремата.

Ова го покажуваат скорешни анализи на базите на податоци на Центарот за граѓански комуникации (ЦГК).

Половина од вкупно 284-те возила, се постари од 30 години, додека само 15% од возилата се стари до 10 години. Во последните три години се набавени дополнителни 65 возила, но и тие се со просечна старост од 17 години.

Најстаро противпожарно возило од 57 години е камионот ТАМ од 1966 година, на валандовската единица.

Најблиску до професионалните единици по опрема и обуки се ДПД  – Свети Николе и доброволното друштво во Чаир. Двете друштва имаат обучени екипи за брзи интервенции, додека чаирските доброволци беа единствените волонтери од Македонија, кои со спасители помагаа по земјотресот во Турција во февруари годинава. Чаирските доброволци се обучени за спасување, а  имаат од скапите термални камери за пребарување на живи лица под урнатините. Една таква камера чини 10.000 евра.

Михајловски го истакнува податокот дека  12% од средствата за осигурување на имот оди за противпожарна заштита, што се наменети и за професионалците и за доброволците, но и за опрема и обука. „Тоа се меѓу 3 и 5 милиони денари годишно, пари за Противпожарниот сојуз. Друга ставка е 2% од осигурувањето на возилата, што се слева во општинскиот буџет. Не само што нема средства за опремување, туку и возилата што ги поседуваме, стојат не-осигурени. Да не зборуваме и за личното осигурување, па доброволците во интервенција заминуваат без животно осигурување. Ако сакаме добар систем, стабилност на целото општество, треба многу посветеност во оваа област“, вели Михајловски.

Меѓутоа, доброволците, се чини се последните во синџирот за финансирање. Драги Тарчуговски, советник во Центарот за управување со кризи (ЦУК) објаснува дека најголем дел од средства наменети за противпожарна заштита, всушност одат за така наречените Ер-трактори, авионите за гаснење пожар.

„Во ЦУК имаме целосна евиденцијата за сите противпожарни друштва преку канцелариите во  сите 35 градови. Погорливи прашања се парите и опремата на доброволните противпожарни друштва, чии програми за финансирање одат до општините, кои главно немаат општински пари за нив.  Според закон, општините можат да им дадат средства. Парите од мерката за противпожарна заштита оди во Дирекцијата за заштита и спасување  од ставката за осигурување на возилата. Но, парите се главно за Ер-тракторите – керозин, пилоти и за професионалните единици. Тоа се мали средства, а за нив чекаат три големи структури. Еден помал дел оди за набавка на противпожарни возила што државата ги набави во два-три наврати. И тоа се скапи ставки, додека за доброволните друштва остануваат или трошки или ништо“, изјави Тарчуговски.

За државата ДПД не се најважните во алката

Низ призмата на државата, доброволците и граѓаните не се најважниот фактор во системот на заштита и спасување. Граѓаните не се обучени и не можат да се снајдат при катастрофи, а мал дел од доброволните друштва се доволно обучени и опремени, за да може да се смета на нив,

„Од искуство, има три основни групи доброволни противпожарни друштва. Во првата група се ДПД, како тие од Свети Николе и Битола, кои имаат сили и возила, човечки ресурси и опрена и тие се најподготвени. Втората група – имаат сили, но се формирани од општините како Дојран и Ранковце и најчесто имаат една цистерна и повеќето се вработени во комуналните претпријатија. И третата група, друштва кои немаат ниту сили и ниту средства за справување. Пример е друштвото во Ѓорче Петров, кое имаше и противпожарен дом, кој беше урнат поради урбанизацијата, но кој сепак останува значајна алка за едукација на младите, за квизови, превенција, популаризација“, рече Тарчуговски.

Од друга страна, Кире Михајловски од светиниколското ДПД, смета дека токму институциите, државата и општините треба да бидат проактивни и да им дадат простор на доброволците, особено тие како неговите колеги, кои имаат и опрема и соодветна обука.

Фотографии од пожар во близина на Берово

„Катаклизмите не можат да се сопрат. Општините според законот имаат најмногу ингеренции во заштита и спасување. Според законот за пожарникари, општината е надлежна и за професионалните противпожарни територијалните единици и за доброволните противпожарни друштва. Рамномерниот регионален развој не е еднаков во државата. Треба центар за обука, што само кај нас во Македонија го нема. Треба силна кохезивна мрежа на доброволни единици, која ќе јакне, и е вградена во единствениот ПП систем. Солидарноста исчезна како вредност, која е суштинска за развој на едно општество. Фали координација меѓу сите, што може да се постигне доколку се вгради единствена апликација за сите, по пример на Словенија (fireapp), преку која точно ќе се знае каде треба да се интервенира, кој е во околината и со каква опрема располага“, објаснува Михајловски.

Дигитална апликација постои во нашиот систем, како што објаснува Тарчуговски од ЦУК, но не е споделена со доброволците.

„Апликација по пример на Словенија имаме и е достапна само за службени лица – корисници со профил/лозинка. Дури мислам дека Словенците ја земаа од кај нас како идеја. Според мене, апликацијата треба да биде споделена и достапна и за доброволците. Но, тоа во моментов според процената на сите ризици и опасности, е само за определен круг корисници и за определени лица од институциите и на локално и на централно ниво. Мој личен став – додека не се сменат подзаконските акти, тука не може ништо да се смени“, кажа Драги Тарчуговски од ЦУК.

ДПД се доброволци, не земаат плата, но имаат исти трошоци како професионалците

Ова е најточната дефиниција за друштвата, кои се оформени на идеја и желба да ѝ се помогне на заедницата.

Илустративен е примерот со Богданци, каде се расформирала доброволната единица, со што во моментов општината се потпира на помош од соседите во справување со катастрофи – помош доаѓа од Гевгелија или од Валандово. Во Богданци до пред една или две години –противпожарната дејност ја вршело локалното доброволно друштво, за што општината издвојувала средства, сѐ додека не бил објавен еден ревизорски извештај за трошењето на општината.

„По одлука на Советот на општината, годишно одвојувавме средства за плати на доброволното друштво. Меѓутоа, ревизијата утврди незаконско плаќање, нема соодветен закон и не може да им се плаќа, по што друштвото се расформираше, иако имаат опрема и возило. Сега за интервенција ги повикуваме единиците од Гевгелија или Дојран“, изјави Блаже Шапов, градоначалник на Богданци. 

Заштитата и спасување се покажа како предизвик за Југоисточниот регион, по неколкуте шумски пожари и поплавите.

Југоисточниот плански регион во партнерство со Асоцијацијата на Југозападни општини – Благоевград, Република Бугарија преку ИПА програмата на Европската Унија, спроведоа проект, со една од целите превенција и ублажување на последиците од природни катастрофи.

Во текот на проектот се формирани две доброволни друштва во Конче и Валандово. Од Југоисточниот плански регион изјавија дела интересот за доброволното учество во заштита и спасување е голем, меѓутоа реалните ресурси за работа се многу оскудни.

„Сепак, самиот факт дека членови на доброволните друштва се претежно млади момчиња е надежен момент за тие да продолжат да функционираат и да бидат достапни во моментот кога се најпотребни“, ни изјави Мима Станоевска од Југоисточниот плански регион.

Спроведувачите на проектот имале прилика да видат како функционира системот во соседна Бугарија.

„Со оглед на самиот факт дека Бугарија е членка на ЕУ, опремата со која тие располагаат е исклучително професионална и во многу поголем обем од кај нас. Располагаат со многу повеќе можности за користење на разни грантови и донации за доопремување и доквалификација како на професионалците така и на доброволците“, вели Станоевска.

Команден центар - Берово

Според некои експерти, на системот за заштита и спасување му требаат многу промени, како и да се направи место за учество на граѓанското здружување. Професорот на Воената академија, Методи Хаџи Јанев, смета дека прво и најбитно од сѐ е да се подигне свеста за важноста на овие институции. Тој додава:

„Второ, треба да им се даде можност на вистинските професионалци во овие институции да ги водат процесите, а  не политичарите. Трето, треба независна евалуација која треба да ги покаже вистинските аномалии – не мора да се објавуваат ама да станат достапни на овие институции, врз основа на тоа да се направи обновување на протоколите и процедурите, да се коригира пристапот и да се овозможи децентрализација. Четврто, департизација на секторот“, смета Хаџи Јанев.  

Професорот потсетува на некогашниот систем на цивилна заштита, кој беше организиран на принцип  според кој државата беше таа која преку претпријатијата го мобилизираше населението и го раководеше во давањето на одговор или реакција во случај на елементарни непогоди, или катастрофи.

„Овој систем беше идеален и интегриран со територијалната одбрана и овозможуваше жилавост на општеството на негативните влијанија во секој поглед. Транзицијата ги избриша овие врски и воведовме нови институции, кој исклучително лошо ги третираме (во секој поглед). Тие се рефлексија на западниот модел на пристап кон кризниот менаџмент и цивилната заштита. Меѓутоа, таквиот модел бара одредени претпоставки да бидат исполнети, кои кај нас не се. Волонтирањето е значајна алка кај овие општества во секој сегмент. Кај нас, за жал, со распадот на системот, експлозијата на корупцијата инверзијата на вредностите и со тоа губењето на доверба во системот, се клучните причини заради кои на волонтирањето се гледа како негативна појава или потсмевање, односно има одбивност“, изјави Хаџи Јанев.

Тој потсетува дека во западните општества каде доброволното учество на граѓаните е на цена,  државата создава низа бројни механизми со кои го олеснува овој процес или дава бенефит.

„Се плашам дека кај нас и да се воведе тоа заради целата корупција која прска на сите страни ќе се извитопери и ќе има проневери. Не дека на запад нема проневери, не дека таму нема корупција, ама на крајот на денот има одговорност. Кај нас, во војна и конфликт луѓе загинаа, ни се случија огромни материјални штети и никој не понесе одговорност. Нема анализа зошто е тоа и каде се проблемите. Ама затоа има вработувања на несоодветен кадар за да се задоволат некакви квази политички проекти кои ни се удираат од глава, само да бидат задоволни корумпираните елити“, вели Хаџи Јанев.

Во 2021 во „Студијата за управување со кризи“ на ИДСЦС, авторот Васко Поповски заклучува дека раното предупредување треба да се доближи до заедниците и граѓаните обезбедувајќи ја навремената информација.

„Се разбира, сето ова треба да биде проследено со стабилно и одржливо финансирање на сите нивоа. Впрочем, 1 евро во превенција заштедува 7 евра во справување со катастрофи. Потребата за целосна децентрализација на областа и овозможување на општините да спроведуваат одржливи политики, да преземаат навремени мерки и да градат потребни капацитети за превенција, одговор и закрепнување од кризи и катастрофи“, стои во Анализата. 

*Авторката е новинарка и активистка

Сподели

Facebook
Twitter
Pinterest
LinkedIn

УПАТСТВО ЗА ПРИСТАП ДО АУДИО ЧИТАЧ НА ВЕБ ПРЕЛИСТУВАЧОТ MICROSOFT EDGE