Авторка: Весна Коловска
Тригодишниот судски спор меѓу канадската компанија „Еуромакс ресорсес“ и Владата на Македонија, Управниот суд на 2 февруари 2023 година го реши во корист на странската компанија која е носител на две посебни концесии за експлоатација на бакар и злато во струмичкиот регион, а со намера да отвори рудник.
Судот ја поништи владината Одлука за раскинување на договорот за концесија од 2019 година. Тогаш Владата го раскина овој Договор со образложение дека „Еуромакс ресорсес“ задоцнила да го поднесе барањето за дозвола за експлоатација и отворање на рудникот „Иловица – Штука“ во Југоисточниот регион. Одлуката следеше по изразениот отпор и протестите на месното насление, кое и преку неколку локални референдуми одлучно се спротивстави на отворањето рудници.
Меѓутоа, одлуката на Управниот суд направи пресврт во случајот. Активистите кои се противат на отворањето на рудник во струмичкиот регион сметаат дека овој пресврт се случи еден месец пред одлуката на Управниот суд, во јануари годинава, кога фирмата „НД груп“ на семејството Дестани, од „Еколог“, донатор во изборните кампањи на владејачката партија ДУИ, купи 20,66% акционерски капитал во „Еуромакс ресорсес“.
Во јуни 2023 година, Владата донесе одлука за спојување на концесиите, а со тоа на компанијата „Еуромакс ресорсес“ ѝ отвори пат да започне нов процес за добивање дозвола за експлоатација. Компанијата ќе има четири години за подготовка на нова документација за дозвола, додека Министерството за животна средина, откако ќе ги преразгледа документите, треба да даде мислење за отворање на рудникот.
Доколку продолжи понатаму постапката, како што објасни министерот за економија Крешник Бектеши, ќе треба да се почитува изменетиот Закон за минерални суровини, како и Законот за животна средина, според кои, рудник не смее да има на пет километри од населено место и не може да се користи цијанид во производствениот процес.
Тоа значи дека, доколку според актуелните закони се додели дозвола за ископ и започнат работите за отворање на рудникот, селата со околу 1500 домаќинства што се наоѓаат во близина на рудникот ќе треба да се преселат. Наместо цијанид, ќе треба да се употребува поскапа технологија, што значајно би го поскапело процесот на вадење руда.
Ова, во кратки црти, е хронологијата на настаните поврзани со овој случај. Но, доколку се случи другото сценарио – повторно раскинување на договорот, тоа според Бектеши државата може да ја однесе на Арбитражен суд и веројатен исход од тоа да биде плаќање стотици милиони долари како обештетување, а според некои најави и милијарда долари отштета.

Странските инвеститори од „Еуромакс Ресорсес“ како мнозински акционер ја имаат швајцарската Групација Трафигура, која подлежи на заштита од билатералната спогодба за заштита на инвестиции меѓу Македонија и Швајцарија од 1996 година.
Во случај да продолжи постапката и да биде издадена дозволата за отворање на рудникот, трошоците кои ќе паднат на сметка на инвеститорот за преселувањето на населението и новата технологија, го прават овој проект значително поскап од првично планираниот, за рудник со максимален век од 20 години експлоатација. Затоа, оправдани се прашањата – дали овој нов обид за заживување на проектот „Иловица – Штука“ е всушност обид да се наплати арбитражата од државата? Доколку државата не ги испочитува административните прописи и рокови, компанијата односно семејството Дестани може да заработи стотици милиони евра во евентуалната арбитражна постапка.
Овие дилеми ги имаат и активистите кои се против отворањето на рудникот, обединети во граѓански здруженија и иницијативи, но и месното население, кое стравува за своите домови и земјоделското производство од кое живее. Меѓу нив е и соговорникот на Локал Актив, Боро Зекиров, земјоделец од Ново Село, кој е еден од најгласните противници на отворањето на рудникот.
Зекиров вели дека не смее да се оди против волјата на граѓаните, кои на референдум јасно кажаа дека се против рудникот и не го прифаќаат предлогот за нов референдум, бидејќи ќе одлучуваат дадените пари на сиромашните семејства, а не нивниот здрав разум. Пред граѓаните никогаш не биле презентирани резултатите од процената за влијанието на рудникот врз животната средина, која ја нарече „таен документ“.
Тој смета дека целта на инвеститорот не е отворање на рудникот, туку наплата на парите од арбитражата, кои ќе бидат поделени меѓу бизнисмените и политичарите. Зекиров сепак стравува дека на крај пресметката ќе биде на терен, меѓу граѓаните кои се „за“ и тие кои се „против“ рудникот. „Државата гледа дека може да се случи да се испоубиме ние меѓу нас, ние и оние кои се платени од „Еуромакс“. Со нив ја водиме војната ние“, вели Зекиров.
Во продолжение објавуваме делови од интервјуто:
(забелешка: Интервјуто е снимено пред одлуката на Владата од 25 јули 2023 година, за поништување на спојувањето на концесиите)

Локал Актив: Господине Зекиров, како на терен се коментира спојувањето на концесиите и најавата за продолжување на постапката за отворање на рудникот „Иловица – Штука“?
Зекиров: За нас како локално население, за мене како човек кој живее на три километри воздушна линија од „местото на злосторството“ – ние така ја нарекуваме локацијата, кое ќе нè протера и полека ќе нè убива, нема никакво значење. Владата и ДУИ и „Еколог“ и која било политичка гарнитура и да дојде, за нас тоа прашање е апсолвирано. Односно, нам не ни значи ништо. Не мрднаа работите. Ние се бориме веќе 6-7 години. Се префрла топката од Влада на Управен, па Виш Управен суд. Нема никакви законски основи за добивање дозвола овде, за да се работи, односно да се отвори рудник, затоа што во основа … не го направија она што е најважно – средба со граѓаните, за да им кажеме ние што мислиме, за тоа колку ќе биде штетно за нашите имоти, за нашите животи.
Дури и некои наши блиски луѓе, кои се во Нов Зеланд и Канада, ни сигнализираа – „Луѓе, што правите?!“. Така што, сета таа расправа е безвредна. Но, овие денови по протестот (од 19 јули) се случуваат многу нови нешта и за нив може да разговараме.
Локал Актив: Вие веќе подолго време, како активисти зборувавте, кога тоа не беше официјално соопштено – која фирма треба да биде дел од проектот. Со што друго располагате како информација, што може да се очекува понатаму?
Зекиров: Неизвесни се работите понатаму. Ние укажуваме дека и ова е незаконско дејание на Владата бидејќи нема ништо во пресудата на (Управен) суд, за да се прави спојување на концесиите. Не е можно ниту една фирма да стапне тука на планината Огражден. Ние ги чекаме со години, едноставно ние ќе гинеме за тоа. Туку, преку сплеткани судски одлуки да се дојде до некаква арбитража.
Локал Актив: Значи вие не очекувате дека навистина некој ќе може да дојде тука за да гради рудник?
Зекиров: Нема шанси! Луѓето тука до сега не беа свесни. Дури во еден момент пред 6-7 години и јас со симпатии гледав на тоа. Кој од нас видел рудник тука?! Ние знаеме само за фолии, внатре чушки (пипер) и френки (домати), да си произведуваат луѓето тутун и за прекрасната природа. И кој од нас имаше сознание за рудници?! Дури за мене лично беше симпатично како во детските соништа – влегува возчето внатре, излегува надвор со руда, носи возчето надвор злато, сребро… Меѓутоа, кога разбравме колкави површини се одземаат од оваа планина, со што ќе се работи, дека се влегува 600, 700 метри во утробата на планината, цела планина се симнува.
Тогаш нè фати паника. Бевме неосознаени, бидејќи никој нам ни немаше кажано. Јас живеам во Ново Село, десет години сум тука, не сум мрднал ниту еден ден од дома. Кога започна ова со „Еуромакс“, немав мир. Не ја напуштав Македонија повеќе од еден ден. Едноставно не бев мирен. Тие закажуваа средби – тоа беа празни средби со граѓани, никогаш тоа не се случи вистински. Кај се тие фантомски луѓе?! И сега почнаа да прават список на подобни луѓе по селата.
Со нив организираа средби – „вин – вин инвестиција, сé ќе биде зелено, убаво земјоделство“, со луѓе по нивниот список. А ние што се собиравме уште од првиот момент бевме обележани, бевме исклучени од мрежата, од социјалните мрежи на „Еуромакс“, некаде околу 1000 луѓе, ние сме исклучени. Имаат подобни луѓе, педесетина луѓе од целиот регион, тие можат да коментираат на социјалните мрежи: „Убаво е тоа. Ние сакаме работа, ние бараме работа…“. А ние сите други свесни граѓани кои си го бараме своето, сме исклучени и дури повикуваме како здруженија, како месно население на дебати со нив. Тие никогаш не доаѓаат на дебатите што сакаме да ги имаме со нив, да разговараме за животот, да разговараме за нивните планови. Тоа не се случува.
Локал Актив: Имате ли увид и дали воопшто до сега сте имале увид во Стратегиската оценка за влијанието на рудникот врз животната средина?
Зекиров: Не. Тоа е клучното. Тоа на почетокот се држеше и сé уште се држи како тајна. Значи никако, ние како месно население немаме увид, само она што го дознаваме меѓу редови. На годишно ниво 10 сантиметри отровна прашина ќе паѓало. Тоа е од нивната студија, а ќе биде 20-30 сантиметри… Сето тоа се криеше од луѓето. Не може така. Главно сега Владата ретерираше, па месното население, па Студијата сега ќе ја даваме. Нека повелат, ќе ги пречекаме ние. Ќе ја видат животната средина во Струмица. Тука, се плашам, ќе се случи нешто што не може да се предвиди. Ние вчера (19 јули) имавме седница на Советот на Општина Босилово. Луѓето го бирале градоначалникот. А и градоначалникот увиде дека тука нема да биде пријатно за никого. Се најавуваат луѓе од Гевгелија, Скопје… „Кажете кога ќе биде следната седница, ние доаѓаме“. Граѓаните се противат.

Локал Актив: Дали до вас стигнале информации за промена на начинот на експлоатација на рудата?
Зекиров: До нас доаѓаа индиректно информации преку некои брошури што тие ги прават и во нив само ‘китки садат’: … дека нема да употребуваат цијанид…. Меѓутоа, се знае каков ќе биде процесот. Владата донесе законско решение со кое рудник од загадувачка Г-1 индустрија не може да се отвори на 5 километри од последното населено место. А ние овде имаме отворање на рудник на 300 метри од главите на жителите на неколку села – Сушица, Иловица и Штука, на 300 метри! А таму живеат 1500 домаќинства, директно на првата линија на рудникот. Ново Село е веќе втора линија, како и Турново и Секирник. Овие луѓе ќе бидат иселени. Се сомневаме дека имаат предвидено да вработат и комесар за иселување, меѓутоа го кријат тоа. А мора да има иселување. Невозможно е да се живее кога имаш рудник на 300 метри над главата, којшто се простира на 17 квадратни километри, брана, највисока брана на светот, хидро-јаловиште од 275 метри. Тоа го нема во цел свет. И токму тука над главите на луѓето!
Локал Актив: Како ги коментирате изјавите на луѓето од Владата, вклучувајќи го и премиерот дека сепак, на крај, вие жителите ќе одлучувате и онаа најава, пред сé од владејачката СДСМ дека ќе има референдум и референдумот треба да одлучи?
Зекиров: Ние имавме референдум, пред колку години беше тоа, и нашиот референдум беше успешен. Добар дел од луѓето се во странство. Во Ново Село имавме 40% излезност, едноставно луѓето ги немаше тука, … 99% се против рудникот. Повторно сега референдум – нема шанси! Ни референдум, ни ништо. Овде повеќе ништо нема да се случува. Нивното е само купување време. Купуваат време и едните и другите. Време си купуваат и градоначалниците овде во струмичкиот регион.
Тројца градоначалници се од ВМРО ДПМНЕ и еден градоначалник, тој на Струмица, е од СДСМ. Тие си купуваат време, велат немаат сознанија, но ја следат ситуацијата што се случува на терен меѓу граѓаните. А на теренот, јас ќе ви кажам – врие веќе. Меѓу народот врие. Ние вака велиме – Владата што сака нека си прави. Ние сме толку веќе организирани, до толку осознаени што ќе ни се случува, така што нас не нè интересира што ќе прави Владата, кои одлуки ќе ги донесе, со кого сака дилови да прави, … и ВМРО со кого сака дилови нека прави… Овде има градоначалници од ВМРО-ДПМНЕ кои до вчера не кажуваа ништо. Градоначалникот на Босилово до вчера не кажуваше дека е против рудник. Вчера прв пат кажа дека е против рудник. Зошто кажа? Затоа што му наредија од штабот, од Централата во Скопје – „Од денеска ти ќе бидеш против рудник“. Тоа е вистината.
Локал Актив: Но, ако биде препорачано да се организира референдум, би оделе ли повторно на референдум?
Зекиров: Нема да прифатиме. Веднаш ќе ви кажам – нема да прифатиме да имаме референдум, затоа што веќе имаме одржано, а сега во овие услови ние никому не веруваме. Во време на избори, кога се избира градоначалник во овие селски општини, доволно е на едно домаќинство партијата да му даде сто евра и ги добива гласовите на семејството. Во тие сиромашни села, кои од тутун вадат 2000 евра, 3000 евра годишно, мизеруваат луѓето, толкав им е капацитетот. Државата е виновна што тие се толку сиромашни, меѓутоа, со таа сиромаштија тие си ги купуваат. Државата го уништи земјоделието, луѓето не можат да си вадат пари (од земјоделската дејност). И кога ќе ги однесеш сега, тие ќе дадат, во семејство ќе влезат со полни торби пари. Кое е тоа бедно семејство кое нема да ги земе тие 3000 евра и нема да гласа за рудник?! Како да правиме ние?! Што да правиме? Ќе се испотепаме.
Локал Актив: Информациите се дека може милијарда долари да нè чини како држава доколку се раскине договорот и се оди на арбитража. Оправдани ли се за вас стравувањата?
Смешно. Смешно, безобразно и некултурно. Мојот (изгубен) мир за овие 6-7 години, просто не знам кој ќе го плати, нивните лаги. Ние имаме доказ дека за овие години никогаш не дојдоа. Кои се тие што никогаш немаат комуникација со месното население?! Студија за влијанието врз нас. Ние дури имаме докази за подмитување. Нашите органи на прогонот да тргнат по текот на парите, ќе се најде каде се. Има тука на лице место си стојат даровите нивни, како на Индијанците што им даруваа огледалца кога го освојуваа Дивиот Запад. Така и тука, на овој ралце, на оној друго… ние тука сите со список ги знаеме. Тоа се парите што тука ги трошеле.
Сето тоа треба да биде разбиено, односно Македонија нив да ги казни, органите на прогонот да ги казнат. Главно е месното население, а Владата сега ретерира – месното население, референдум… Јас сум тука 10 години. Кој ќе ме лаже мене, ќе ме прави луд дали имало средба или немало?! Имаме ние докази каде се нивните пари. Тие треба нам да ни платат, не Македонија ним. Тоа се смешни работи. За нивните ископувања таму, се знае колку чини една бушотина и колку бушотини се направени… Има правни експерти кои го кажаа своето мислење, дека тоа нема никаква основа. Тие може да си прават приказни, нека се жалат, меѓутоа за Македонија не важат тие приказни, такво е нашето мислење.
Локал Актив: Што се случува на теренот?
Нема ништо на теренот. Канцелариите им беа само онака отворени.
Локал Актив: Што очекувате дека ќе се случува со проектот?
Зекиров: Ништо нема да се случи. Ќе се случи да се испотепаме меѓусебно тука. А кој било да стапне, овие денови се гледа дека луѓето конечно сфатија што ќе ни се случува, сфатија. Не бевме информирани, главниот проблем беше што луѓето не знаеја кои се димензиите на ова чудо. Дека едноставно ќе нè иселат, ќе нè протераат, ќе нè убиваат полека. Еве, дојдено е, има некоја критична маса, дури и најава за следна седница (на Советот) ако не се работите како што сака месното население овде, од оние што ги биравме, пратеници ли се, дали се градоначалници, …. Веќе не се издржува. Вчера беше готова работата во Советот на Општина Босилово да настане насилство. Дојдоа педесетина граѓани, на кои најмногу им опонираше Претседателот на Советот. Малку фалеше да се испотепаме меѓу себе. Тоа ли ќе го правиме?! Државата треба да погледне малку. Органите на прогонот треба да погледнат малку. Ние сигнализиравме многу пати, еве јас лично сигнализирам многу пати: „Луѓе, внимавајте!“. Никој тоа не го регистрира и тоа ме загрижува.