Авторка: Весна Крстева
Веќе десетина години, 56-годишната Ливанта Дифчова, слепо лице од Штип, живее нов живот благодарение на дигиталните аудио-алатки. Тие ѝ ги отворија прозорците кон светот, свет кој дотогаш за неа беше затворен меѓу четири ѕида. Молкот стана звук, кој како ѕвезда водилка за неа почна да отвара и врати и прозорци.
„Сé почна од купувањето на мојот прв комјутер, а веднаш потоа и потребните аудио-дигитални алатки креирани за слепи лица. Животот ми се промени за 100 отсто. Иако сум образован физиотерапевт, не успеав да се вработам. Не по моја вина, бев принудена животот да го поминувам дома. Цели дваесет години по завршувањето на образованието бев буквално затворена меѓу четири ѕида, раскажува Дифчова.
Таков монотон живот живеела сé додека не го открила асистивниот компјутер.
„Со помош на комјутерот успеав да си ги обновувам контактите со луѓето коишто сум ги познавала. Си го обновив знаењето, почнав да читам и книги и весници, да ја слушам музиката што ја сакам, филмови, серии. Говорната програма си ја инсталирав сама со помош и поддршка на пријателите од училиштето, обебедувајќи ги потребните алатки преку Хрватска и Србија. На хард диск имам над 2000 звучни книги коишто ги набавив од хрватската и српската библиотека. Можам да си ги префрлам и на телефонот, да си ги носам со себе и да си ги слушам во секое време и на секое место“, вели Ливанта.

Говорниот асистент е само една од широко употребуваните алатки во светот. Всушност, една од десетината најупотребувани дигитални алатки, хардвер и софтвер кои помагаат во читање и пишување, слушање и зборување, гледање, движење, пребарување на информации и комуникација. Основните алатки што најчесто се употребуваат се: читачи на екран, софтвер за препознавање говор, диктафони, аудио книги, зголемувачи, алтернативни тастатури, слушни помагала и многу други. Ова е дел од помошната технологија – широк термин, кој опишува низа технологии што им помагаат на луѓето на различни начини.
Овие алатки не се ограничени само на помагање на лицата со попреченост, туку можат да им помогнат на постарите лица или на оние со одредени болести. И очилата се пример за помошно помагало. Помошната технологија за лицата со попреченост има за цел да ги отстрани бариерите за пристапност до информациите и знаењето и е пат до нивната мобилност.
Вештачката интелигенција е најдобриот пријател на лицата со попреченост
Но, сега живееме во време кога нашироко се говори и употребува вештачката интелигенција, оценета за најдобриот пријател на лицата со различни видови попречености, вклучувајќи ја и таа на Ливанта Дифчова, која сама и со помош на пријатели од околните земји, успеала да ги најде основните алатки кои ѝ го олесниле и разубавиле секојдневниот живот.
Дифчова смета дека лицата со попречености не смеат сами да се снаоѓаат, туку државата и сојузите коишто се грижат за правата и потребите на овие лица треба да се вклучат во обезбедувањето на новите технологии.
„Во Македонија ние заостануваме во поглед на информатиката. Сé што научив, јас научив преку здруженијата од други земји. Во нашиот Сојуз многу малку се вложува во областа на компјутерите и на информатиката и обично на обуки се испраќаат лица кои воопшто не ги користат компјутерите или беа давани комјутери на лица коишто не знаат да ги користат. Јас, со мои средства, од социјалната помош што ја добивам, издвоив пари и обезбедив комјутер, и не згрешив. Навистина ми помогна и ми помага во животот,“додава Ливанта Дифчова.
Кико, Сузе и Хана се гласовните асистенти
На слепите лица од почетокот на оваа година на располагање им е гласовниот асистент – покрај гласот Кико на македонски јазик и гласот Хана на албански јазик, на паметните телефони и компјутерите е додаден уште еден нов, женски глас, наречен Сузе. Како што информираа од Националниот сојуз на слепи лица (НССРСМ), Кико и Хана ги создаде американската компанија „Лаудер пејџес“, додека Сузе е дело на тимот на професорот д-р Бранислав Геразов од Факултетот за електротехника и информациски технологии во Скопје.
„Покрај првичниот тим на професорот Геразов, во завршната фаза од креирањето на гласот се придружи и Звонимир Станечиќ од Загреб, Хрватска, којшто е магистер по руски и полски јазик и голем почитувач на македонскиот јазик и култура. Овој тим е координиран од членот на НССРСМ и вработен во Здружението за асистивна технологија Отворете ги прозорците, Кристијан Лазарев. Тимот за релативно краток период, од декември 2021 до мај 2022 година, го изработи гласот и го пушти во употреба и истиот е достапен за сите коишто имаат потреба од оваа програма, информираат од Националниот сојуз на слепи лица.
Лазаров, кој и самиот е слепо лице, вели дека се трудат да ги промовираат овие дигитални алатки, меѓу оние на кои можат да им послужат, да го прошират гласот дека ги има во Македонија и дека им се достапни.

„Гостуваме во ТВ емисии, присуствуваме на настани, јавно зборуваме за тоа. Во рамките на можностите што ги имаме се обидуваме да споделиме. Секако тие што се активни, ако следат, ако слушаат, ќе дознаат,“ вели Лазаров.
Соработката со универзитетите се покажала како особено полезна. Според него, професорите и научниците се заинтересирани да соработуваат и даваат свој придонес во изработката на апликации и алатки со кои се подобрува животот на лицата со попреченост.
„ФЕИТ одамна соработува со нас, соработуваат и од ФИНКИ, но не толку во моментов, во минатото многу поинтензивно. Технолошките факултети главно се расположени во рамките на нивните можности. Тие сепак не се компании и не можат да дадат некоја екстензивна долготрајна голема поддршка, меѓутоа тоа што можат да прават е да мотивираат студенти, да им даваат дипломски, мегистерски, семинарски работи, да работат некои апликации, тоа го прават“, објаснува Лазаров.
На многу лица со попреченост дигиталните алатки им го покажаа дотогаш невидениот свет и им го олеснија животот. Но, колку тие им се достапни тука во Македонија? Многу малку, главно на сопствена иницијатива и трошок, бидејќи инклузијата на лицата со попреченост со помош на дигиталната технологија не е на врвот на приоритетите на државата. Научната фела е подготвена да соработува во креирањето на новата дигитална технологија, кон тоа се стремат и Националните сојузи, но државата тешко одвојува средства. И додека развиените земји создаваат дигитална навигација со QR кодови, софтвери за команди базирани на глас или на поглед, кај нас државата смета дека помогнала со СОС асистент.
Како резултат на таа соработка меѓу организацијата Отворете ги прозорците и ФЕИТ, пред две години настана комуникаторот „Говорко“ – нова апликација наменета за поддршка на деца со попречен говор. Оваа асистивната технологија овозможува лицата со попреченост да бидат активни граѓани во општеството.
„Во проектот беа вклучени неколку студенти и еден професор од ФЕИТ, заедно со две здруженија. Па и другите факултети, на пример Педагошките и хуманистичките факултети, и тие можат да придонесат на некој начин, можеби не со дизајнирање на самите софтвери или хардвери, ама можат со содржините. Така што, и со нив имаме соработка. Секогаш можеме повеќе. Сега за сега е на многу високо ниво. Во моментов имаме проект со којшто на повисоко ниво ја подигаме соработката со УКИМ, а вклучуваме и други универзитети, како УГД“, информира Лазаров, кој работејќи со Здружението за асистивна технологија Отворете ги прозорците и самиот за себе ги отвори прозорците.
Иако не гледа, Кристијан со помош на дигиталната технологија вози велосипед, скија, активно спортува. Самиот се изборил со својот хендикеп користејќи ја технологијата и води целосно исполнет живот. Сега им помага и на другите да го прават тоа.
„Бидејќи добро се снаоѓам и ги користам овие звучни дигитални алатки, ме викнаа во Здружението Отворете ги прозорците. Тука продолжив со работа, да ги користам тие алатки, но и да ги учам луѓето како да ги користат истите, на едно повисоко ниво. Некако природно ми дојде оваа работа иако не се спремав, не одев на некоја специјална школа,“ вели Кристијан.
Здружението се финансира главно преку проекти, од бизнис заедницата преку фирми и фукционира не толку на база на членство, туку повеќе на база на корисници. Ако сака некој да користи некаква технологија, доаѓа во здружението, му даваат термин и се обучува за технологијата којашто сака да ја користи.
„Има дигитални работи што се софтверски, а има и хардверски, на пример тастатури со поголеми типки, џоистици… секаков вид на прилагодување. Фокусот е на помладите генерации, но ако има заинтересирани и од постарите генерации, не одбиваме никој“, додава Кристијан.
Што прави државата?
Во мај оваа година беше промовирана надградбата на пилот-проектот „Дигитална преведувачка служба за глуви и наглуви лица“.
Станува збор за поддршка на овие лица од страна на овластени преведувачи на знаковен јазик преку поставените таблети – комуникатори по институциите, меѓу кои во МВР и здравствените институции. Глувите и наглуви лица комуницираат преку видео повик со овие сертифицирани преведувачи на знаковен јазик изнесувајќи ги своите потреби.
„Проектот во суштина е надградба на веќе утврдениот проект на Националниот сојуз од 2019 година за формирање кол-центар за глуви и наглуви, кој работи до денес, а преку кој сертифицирани толкувачи на знаковен јазик ги опслужуваат и одговараат на видеоповиците, што претставува одговор на потребите и барањата на глувите и наглувите со кои комуницираат на знаковен јазик. Со овој нов проект, што го промовирате денеска, вашата цел е да добиете што повеќе релевантни податоци за тоа колкава е потребата од страна на глувите и наглувите лица за остварување видеоповици, со што би се надминале пречките со кои овие лица се соочуваат при комуникацијата во институциите“, рече на промоцијата министерот Спасовски.
Пилот-проектот „Дигитален толкувачки сервис за глуви и наглуви“ според Националниот сојуз на глуви и наглуви лица ќе придонесе за поефикасната комуникација, но и кон постигнување поинклузивно и подостапно општество.
Светот отиде светлосни години пред нас
Развиeните земји одамна ги воведоа базичните алатки, што кај нас дури сега се промовираат. Шпанската компанија Навиленс користи QR-кодови за водење на слепите и лицата со оштетен вид по улиците. Тие само треба да ги следат патеките за тактилни водичи и да ги скенираат QR-кодовите со камерата на паметниот телефон за да добијат инструкции за движењето. Засега, јавниот превоз на Барселона и трамвајот Мурсија се опремени со NaviLens, како и археолошкиот музеј Мурсија.
Со помош на биомеханиката и инженерството научниците во светот смислија и конструираа и роботски делови на телото. Универзитетот Твенте од Холандија разви роботски раце кои можат да им помогнат на лицата погодени од Душенова мускулна дистрофија. Ова ќе им овозможи на пациентите да ја засилат преостанатата функција во раката. Тие, исто така, развија револуционерна протетика односно роботски екстремитети за ранетиот воен персонал. Денес, научниците забрзано учат како да прават роботски делови од телото или “егзо” скелети кои се контролирани од умот, со цел да им помогнат на лицата со посебни потреби, преживеаните од мозочен удар и постарите луѓе.
И училиштата воведуваат апликации за полесно учење и комуникација на училиштата. Соседна Србија, преку Министерството за образование, на наставниците им сподели список на дигитални алатки, наменети за наставни и воннаставни активности, едукативна работа, како и за развој на вештини за секојдневниот живот. На овој списокот може да се најде широк избор на бесплатни дигитални наставни алатки и други активности со деца и ученици со попреченост или со потешкотии во учењето. На списокот, меѓу другото, има апликации за работа со ученици со говорни нарушувања, за деца/ученици со сензорни пречки, апликации и софтвер за деца/ученици со моторна попреченост, за деца/ученици со потешкотии во учењето (дислексија, дискалкулија) и други.

Навраќајќи се на нашите прилики, Кристијан Лазаров вели дека иако во Законот за основното образование има одредба за тоа дека државата , т.е. училиштата имаат обврска да обезбедат аисистивна технологија на оние ученици на кои таа им е потребна во текот на учењето, сепак во праксата тоа не се случува.
„На пример, Фондот за здравство сé уште не рефундира средства за таков вид технологија. Имаме некакви преговори со Фондот за ова прашање. Се надевам дека тоа ќе се случи за брзо време, дека ќе сфатат дека ваков вид технологии е подобро да се платат, тоа можеби ќе чини малку повеќе на почетокот, но на тој начин луѓето ќе се осамостојат. Наместо да се даваат пари само за лекови без никаква активност, подобро е луѓето да бидат активни“, додава Лазаров. Тој како недостаток го наведува и тоа што луѓето не можат да си ги купат алатки за помош во Македонија, како на пример, тастатура со поголеми копчиња која ја нема кај нас.
Само три телевизии користат знаковен јазик
Претходната Директива за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги од 2010 година, ги обврзуваше земјите-членки на Европската унија само да ги охрабрат давателите на линеарни и нелинеарни аудиовизуелни медиумски услуги, постепено да ги направат своите програми достапни за лицата со оштетен вид или слух. Новите обврски во Директивата од 2018 година се многу построги. Сега, од земјите-членки се бара да обезбедат, без непотребно одложување, програмите на давателите на медиумски услуги под нивна јурисдикција континуирано и прогресивно да станат достапни за лицата со попреченост.
Значи, не само што зборот охрабруваат се заменува со построгата формулација да обезбедат пристап до програмите без непотребно одложување, туку се бара сите аудиовизуелни медиумски услуги да бидат достапни за лицата со каков било вид попреченост, а не само за лицата со оштетен вид или слух, иако во Директивата ним им се посветува најмногу внимание. Се бара процесот да биде прогресивен и континуиран, при што ќе се имаат предвид „практичните и неизбежни ограничувања што би можеле да ја спречат целосната пристапност, како што се програми или настани што се емитуваат во реално време, односно преносите во живо.“

Насоките и активностите кај нас ќе се дефинираат врз основа на искуствата од европските земји. Целта е – во што поблиска иднина, пристапот на лицата со попреченост до аудиовизуелните програми да биде правило, а не исклучок во понудата на радиодифузерите и на другите даватели на аудиовизуелни медиумски услуги.
Во првите години по донесувањето на законскиот акт, ТВ сервисите на национално и на регионално ниво треба да прилагодат по неколку нивни програми за лицата со сетилна попреченост. Давателите на аудиовизуелни медиумски услуги по барање, во истиот период, треба да обезбедат дел од понудата во каталогот да биде достапна за лицата со сетилна попреченост. Освен програмите, радиодифузерите ќе треба за лицата со попреченост да објавуваат и информации за вонредни состојби, јавни соопштенија и известувања при природни непогоди/катастрофи, на начин што им е пристапен на лицата со попреченост.
Работите полека се поместуваат од мртвата точка, велат од Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги: „Од една страна, иако бавно, се појавуваат и нови телевизии кои го користат знаковниот јазик за да доближат дел од своите програми. Имено, освен Јавниот сервис – Македонска радиотелевизија и охридската регионална ТВМ, кои веќе подолго време имаат достапни програми, во последниве години и националната ТВ 24 Вести најпрвин започна да користи гестов говор во информативната емисија „Отворено“, за потоа ваквата практика да ја прошири и на вестите во 20 часот. Во време на избори или во случаи кога се обработуваат теми за правата на лицата со сетилна попреченост, и други телевизии прават некои од своите програми достапни за лицата со слуховна попреченост“, информираа од Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги.
Нашата соговорничка Ливанта од Штип вели дека некои од андроид телевизорите имаат вградено говорна или аудио алатка, само што тука, вели, нема кој да ја научи како да ја користи.
„Имам пријатели во Србија и Хрватска коишто ги користат таквите телевизори со говорна програма. Таму се одржуваат курсеви, многу се понапред од нас. Ние тука во Македонија сме многу слаби со помагала. Некои работи не можеш да ги најдеш ниту да ги купиш за свои пари. Нема говорни топломери, ниту апарати за мерење притисок, ниту дигитални читачи на книги. Се што имам набавувам е од странство“, додава Ливанта.

Промените се случуваат, тие се неминовни, но колку асистивните алатки ќе бидат достапни и применливи за лицата со попреченост, ќе зависи и од државата и од лицата за коишто се направени, а најмногу од сé ќе зависат од финансиите. Но, како што вели Кристијан Лазарев „времето е ограничен ресурс и треба да се искористи максимално“. Не треба да се дозволи да не се искористи она што го нуди иновативната технологија за подобар и подостоинсвен живот на лицата накои им е потребна.