Сите пет основни и четири средни општински училишта во Штип во оваа учебна година ќе оформат паралелки со помал број на ученици од законскиот минимум. Во Средното текстилно училиште „Димитар Мирасчиев“ ќе им паралелка од само двајца ученици, додека во подрачните училишта по селата, има такви, како во Чардаклија, село на седум километри од Штип, каде во една комбинирана паралелка со второ, трето и петто одделение, ќе учат пет ученици. Дури и Средното медицинско училиште „Јане Сандански“, каде последните години владееше јагма за место на уписите, оваа година не успеа да ја пополни паралелката со забен техничар, каде се запишани 21, од максималниот број од 25 ученици.
Нема доволно ученици, па училиштата од Советот на општината Штип побараа и добија одобрение да работат во паралелки со помал број на ученици. Според законите за основно и средно образование, Советот на општината ги одобрува барањата на училиштата, по мислењето на Министерството за образвоание и наука.
Училиштата настојуваат да го задржат стандардниот број на паралелки, а со тоа и бројот на часови на наставниот кадар, иако секоја година се намалува бројот на ученици. Иселувањето и заминувањето на младите семејства се чини, го покажува својот негативен ефект и врз македонското образование.
Раководителот на Секторот за образование во Општина Штип, Роберт Аџипетров, вели дека годинава е најкритично во гимназијата „Славчо Стојменски“, каде сите седум паралелки во прва година, се со помалку ученици од потребниот минимален број. Во средното текстилно училиште, пак, во прва година во три паралелки се запишани дваесетина ученици.
Законот не прецизира кој е минималниот број на ученици. Во новите измени, кои сé уште не се донесени, минималниот број е 12. За паралелката од двајца ученици во Текстилното училиште, Министерството за образование и наука сé уште се нема изјаснето, но запишаните ученици, според бројот на поени, единствено таму можат да бидат запишани. А средното образование, според членот 3 на Законот за средно образование, е задолжително и овие ученици не може а да не бидат запишани, изјави Аџипетров.
Во основните училишта, според Аџипетров, и натаму најпроблематично од аспект на број на ученици е ООУ „Гоце Делчев“, каде повеќе од половината ученици се од ромска националност и 28 паралелки се со помал број на ученици. Најбројни се учениците во ООУ „Ванчо Прке“, лоцирано во центарот на Штип. Дури и училиштата од населбите со младо население оваа година имаат паралелки со помал број на ученици, како во населбата Баби, каде тамошното училиште „Славејко Арсов“ има 18 паралелки со помал број.
Оваа година во прво одделение во сите пет основни училишта се запишани околу 400 ученици, што е за дваесетина помалку од лани. Но, оваа бројка не може да биде илустрација за тоа како би изгледале уписите во перспектива. Според евиденцијата на училиштата, исписници за своите деца родителите бараат во кој била година на основно образование, а се случува да бидат испишани и сред учебна година.

Во општината има евиденција, која сé уште не е официјална, дека од јуни до август се побарани 6-7 исписници поради заминување во странство. Сепак, колкав број деца заминале меѓу две училишни години, ќе се знае во првата недела од учебната година.
Ништо поразлично не е и во земјите од регионот. Владата на Србија достави закон до Собранието за паралелки со максимален број од 28 ученици. Српските синдикати бараат тој број да се ограничи на 24, со цел наставниот кадар да ги задржи своите работни места. Во Хрватска, како што јавуваат медиумите, оваа години во училишните клупи ќе седнат околу 4000 ученици помалку, што е за десет отсто помалку во однос на ланската учебна година.