Јагма по сертифицирани асистенти на стари лица во Радовиш

Авторка: Зујца Газепова

Околу стотина стари и изнемоштени лица од Радовиш чекаат да добијат асистенти и негователи преку Програмата „Општинско – корисна работа“ што ја спроведува општината. Станува збор за лица кои се во поодминати години со скромни месечни примања, чии најблиски не живеат со нив или се во странство. Бројот на баратели на помош е повеќе од двојно поголем од капацитетот на Програмата, чие исполнување зависи од тоа дали има доволно сертифицирани асистенти и негователи. Последните години овие главно млади луѓе, ќе се сертифицираат и набргу потоа заминуваат во странство, каде со ваквите сертификати работат за повисока плата.

Програмата за нега и помош на стари лица е особено важна, поради тоа што, не само што ѝ е непоходна на оваа категорија граѓани, туку е и бесплатна. Во ситуација кога повеќе од половината пензионери во државата живеат со пензија до 14.000 денари, повеќето не можат да си дозволат сами да плаќаат за помош и нега, ниту пак за престој во старски дом. Иако во ова општина има и приватен Дом за стари лица со капацитет за 30 лица, овој објект не може да ги задоволи потребите.  Голем е бројот на возрасни луѓе, кои останале сами во семејните куќи, додека нивните деца заминале во странство. За овие луѓе, помошта на асистент-негувател, кој ќе им помага во секојдневните задачи и обврски, би била од огромно значење.

Меѓу нив е и Олга Јанева, радовишанка која живее со последиците од два последователни мозочни удари што ги доживеала пред пет години. Живее сосема сама откако сопругот ѝ починал. Ќерка ѝ е во странство, додека во Радовиш нема блиски роднини. Се надева дека ќе добие асистент, со што деновите ќе ѝ бидат полесни и поисполнети, оти единствена утеха и друштво ѝ се сосетките, со кои врзува по некој муабет.

„Живеам со мала пензија и е многу тешко да се помине месецот. Најпрво гледам да си ги платам сметките и да си купам лекови, кои се многу скапи. По двата мозочни удари, шеста година по ред се движам со стапче, а имам и помагало при одењето. Поднесов барање и за нега, но ме одбија. Имам потреба од помош бидејќи сум оставена сама на себе. Нема кој да ми качи ни дрва, поради што цела зима плаќам на луѓе за да ми качат дрва. Многу тешко живеам“, раскажува низ солзи Олга Јанева.

Анонимна пензионерка

Друга постара радовишанка, вели дека од голема помош ќе ѝ биде ако може да добие асистент или неговател кој би ја посетувал дома. Нејзините деца, кои имаат свои семејства живеат во Радовиш, но подалеку од неа и поради тоа што одат на работа, не можат целосно да се грижат за мајка си.

,,Сé уште можам сама да отидам до најблиската аптека и локалното дуќанче. Со бастун пополека одам, но толку можам. За генерално чистење во домот плаќам жена, иако одвреме навреме ми помагаат и моите деца, кога се слободни и тие зачистуваат. Но, бидејќи сум со средна пензија, не можам да си дозволам повеќе. Не можам да си пружам сама од пензијата да плаќам асистентка или негователка, бидејќи наплаќаат скапо, некаде околу 1000 денари дневно, а колку се плаќа месечно не сум запознаена. Веќе сум оболена жена, со слабо здравје“, вели 81- годишната радовишанка.

Општината контуинирано да обезбедува асистенти, а не за период од 9 месеци

Програмата за општо корисна работа, преку која се обезбедува грижата за стари и изнемоштени лица, Општината Радовиш ја спроведува веќе десетина години. Но, проблем за корисниците, како што истакнуваат, е тоа што добиваат помош и нега само за одреден временски период и тоа најчесто за девет месеци. Сметаат дека таа треба континуирано да трае во текот на целата година.

Покрај тоа, општинско – корисната работа не е наменета само за старите лица, туку опфаќа и помош за болни лица, лица со алцхајмер, палијативна нега, поддршка на слепи лица, лични асистенти и персонални асистенти на лица со инвалидитет. Досега со поддршка на УНДП, во Радовиш се сертифицирани околу 80 асистенти, кои со својата работа треба да ги покријат потребите на сите категории на луѓе опфатени со Програмата, вклучително и старите лица.

Роберт Донев од Општина Радовиш кој е задолжен за спроведување на Програмата, вели дека на листата баратели на оваа помош се од 90 до 100 стари и изнемоштени лица на кои им е потребна ваква услуга.

„Секоја година бројката е различна… Се надевам дека до крајот на летниот период 20 нови лица ќе се стекнат со различни сертификати и тоа: поддршка на стари и изнемоштени лица, инструментална поддршка на стари и изнемоштени, мултиплекс склероза и поддршка на слепи лица. Негователите се контролираат од страна на општината на тој начин што УНДП ни доставуваат посебни формулари врз основа на кои даваталите на услуга задолжително мораат да доставуваат неделен извештај за секое лице – колку време односно колку часа имаат поминато со тоа лице, што работеле. Дополнително, ненајавено вршиме контроли кај старите луѓе со прашања дали се посетувани или не“, објасни Роберт Донев, општински координатор на Програмата „Општинско – корисна работа“ во општина Радовиш.

Роберт Донев - општински координатор во општина Радовиш

Сертифицираните асистенти сé почесто заминуваат во странство

Иако досега во Општина Радовиш околу 80 лица стекнале сертификати за нега и помош, значаен дел од нив, сертификатите ги искористиле за вработување во старечки домови во земјава или заминале во странство. Со сертификатите како доказ дека поминале обука и со помош на бугарски пасоши, се вработуваат во Домови за стари лица во Словенија, Германија, Швјацарија и Италија. Има и такви, кои иако се сертифицирале, се вработиле во други професии.

Оние што останале во Радовиш, ја поминале обуката и веќе пружаат услуги преку програми и проекти и тврдат дека ова е добра можност да заработат денар повеќе.

Мила Петрова е една од сертифицираните негувателки, според која, професијата дава можност за професионално надоградување преку учење. „Ја сакам оваа дејност. Интересни ми се старите лица, едноставно сакам да се дружам со нив, сакам да им помагам, … дали треба нешто да им се купи лекови, храна, но и да помуабетам. И ние според возраста веќе одиме кон тие групи. Ќе останеме сами, затоа е битно да се знаат овие услуги, како за другите така и за самите нас, за кога ќе дојде ден да се грижиш и за болен член од семејството. Обучени сме за мерење притисок, мерење шеќер во крвта, мерење сатурација, за разговор. Веќе три години се занимавам со оваа дејност, старите лица си ги наоѓам и сама бидејќи имам и познати што знаат дека сум лиценцирана асистентка односно негувателка. Доколку имам потреба од дополнителен број, тогаш од општина Радовиш ми наоѓаат стари и изнемоштени лица на кои ќе им ја пружам оваа услуга. 

И кога имаме прекин од три месеци, јас пак си ги посетувам луѓето на кои им пружам помош, бидејќи не сакам да ги оставам сами, иако според програмата сме активни девет месеци“, вели Петрова.

Втората негувателка која сакаше да остане анонимна, за ЛокалАктив раскажа дека останала без работа и мотивот за да се сертифицира бил да си обезбеди редовен месечен приход. Нејзината грижа и помош е насочена кон старите лица.

,,Моите обврски се купување лекови, мерење притисок, мерење шеќер во крвта, храна, разговор со нив и слично, во време од четири часа дневно. Задоволна сум од платениот труд кој го вложувам, а имам само здравствено осигурување. Единствено ако би се доусовршувала,  би се запишала за асистент за лица со умерена телесна и психичка попреченост,“ истакна анонимната  негувателка за стари и изнемоштени лица од Радовиш.

Анонимна негувателка

Програмата е шанса за вработување и на долгорочно невработени лица

Програмата за Општо корисна работа е достапна за граѓаните со мали приходи, но од друга страна им користи и на долгорочно невработените лица.  Освен Општината, во процесот се вклучени и Центарот за социјални работи и Подрачната единица на Агенцијата за вработување  (АВРМ) од Радовиш. Центарот за социјални работи прави селекција на лицата кои спаѓаат во ранливите групи и се можни корисници на услугите, а АВРМ предлага лица за сертифицирање и работа со овие групи. Заедно со УНДП ја следат имплементацијата. На последниот Јавен повик кој беше објавен на 05 јули 2023 година се пријавија 42 активни баратели на работа за двете општини Радовиш и Конче. Од нив 35 ќе бидат ангажирани за давање на овие социјални услуги и тоа 20 во Радовиш, а 15 во Општината Конче. Од АВРМ соопштуваат дека дел од лицата ќе бидат ангажирани и како образовни асистенти, со почеткот на учебната година.

На граѓаните им се на располагање и асистентите и негувателите од организацијата на Црвениот крст од Радовиш, која има обучено 14 даватели на социјални услуги, но на комерцијална основа. Од Општинската организација на Црвен Крст за Локал Актив објаснија дека организацијата има добиено решение за спроведување посебна програма за негуватели на стари лица и лица со попреченост, како и за асистенти за помош и нега на лица со алцхајмерова болест и деменција.

Иако имаат обучено 14 лица, сé уште не започнале со давање на услугите.

,,Моментално во Радовиш немаме склучено договори за давање на ваква комерцијална услуга. Комерцијалната услуга изнесува 9000 денари бруто, согласно одлуката на Црвен Крст на РСМ. Старите и изнемоштени лица или нивните семејства доаѓаат кај нас и се интересираат за оваа услуга. Имаме соработка со Центарот за социјални работи, што значи дека на луѓето кои доаѓаат кај нас им ги нудиме пакетите што ги имаме“, вели Верица Беќарова – Секретар на Општинска организација Црвен Крст од Радовиш.

Негувателите и асистентите се обучени со донација од австрискиот Црвен Крст, на обука што ја спроведе Општинската организација на Црвен Крст од Струмица.

Верица Беќарова - секретар на Црвен Крст Струмица

Во Радовиш има Дом за стари лица, Oпштината најави маркица за градба на нов

Во Радовиш веќе со години функционира Дом за стари лица. Според достапните информации, таму се сместени 30 стари лица, но не само од Радовиш туку и од регионот. Таму старите и изнемоштени лица добиваат комплетна помош и нега, но и сместување за што месечно плаќаат од 30.000 до 35.000 денари, во зависност од степенот на услугата што ја добиваат.

,,Има интерес за сместување во Домот во Радовиш. Моментално имаме многу барања, но немаме доволно места, односно капацитетот за сместување е ограничен. Едноставно, луѓето коишто се иселуваат, други со некои болести, трети поради секојдневните работни обврски не можат да се грижат за родителите, па имаме доста интерес за сместуваме. Доаѓаат од Радовиш, Струмица, Штип…, вели Илија Захариев, директор на “Астреон“, старечкиот дом во Радовиш.

Потребата од дополнителни сместувачки капацитети ја увидоа и општинските власти, кои  определија локација со маркица за изградба на нов старечки дом. Но, дали тоа ќе биде државна или приватна институција, зависи од инвеститорот. Од Општината посакуваат што побрзо да почне изградбата,  бидејќи големи се барањата за сместување и нега на стари и изнемоштени лица.

Според последниот Попис, во Општина Радовиш има околу 3.600 лица кои примаат пензии, од кои околу 2.700 се над 65 години.  

Авторката е активистка на здружението Женска акција од Радовиш.

Сподели

Facebook
Twitter
Pinterest
LinkedIn

УПАТСТВО ЗА ПРИСТАП ДО АУДИО ЧИТАЧ НА ВЕБ ПРЕЛИСТУВАЧОТ MICROSOFT EDGE