Нема град во Македонија чии граѓани го немаат проблемот со узурпираноста на јавниот простор. Возила паркирани на тротоари. Единствениот симнат приод – зафатен со урбана опрема. Столчиња на угостителски објекти, кои зафатиле половина детско игралиште.
Ова се бројни примери што го ограничуваат движењето на граѓаните, вклучително и на луѓето во колички, кои ги потрошиле последните пари да станат мобилни.
Деновиве гласот го кренаа жителите на две улици во Кочани – „Љупчо Сантов“ и „Вита Поп Јорданова“. Реагираа на паркираните возила по тротоарите, но и брзото возење. Од градоначалникот Љупчо Папазов побараа поставување на сообраќајни прегради (лежечки полицајци) или друг успорувачи на сообраќајот. Посебен проблем, како што реагираа, се паркираните возила на тротоарите, поради што луѓето се принудени да се движат на коловозот, што особено им ја загрозува безбедноста.
Овие две улици, кои не се единствени во Кочани се посебен проблем за лицата со физичка попреченост, кои успеале да набават колички, но не и да можат да ги употребуваат и бидат мобилни. Василчо Илиев од здружението Мобилност објаснува како изгледа движењето на еден човек во количка по кочанските тротоари.
„Кога човек во количка се движи по тротоар, по само неколку метри наидува на паркирано возило. Ќе мора да се симне на коловозот и најчесто така се движи, го става животот во опасност, бидејќи може да настрада од возилата кои возат како на рели. Ќе наиде на ретко симнат рабник од тротоар и повторно ќе се каче, кога потоа наидува на поставени столпчиња и така до бескрај“, вели Илијев.
Старите улици немаат симнати рабници по кои може да се искачи количка, за разлика од новите што се донекаде прилагодени. Улиците често се со лош коловоз, полни со дупки, поради што количките се оштетуваат.
„До количките тешко се доаѓа, а дури по пет години може да се добие нова. Друг апсурден проблем е што електромоторните колички со кои се овозможува мобилност, законски се достапни само за млади до 26 години и за тие над 65 годишна возраст. Во меѓувреме, луѓето со попреченост во годините кога се најактивни и најпродуктивни, не можат на државен трошок да набават современи електромоторни колички, туку ќе мора само да платат за нив“, објаснува Илијев.
Граѓаните на Кочани бараат побрза и поефикасна интервенција од локалната власт, од каде сметаат дека овој проблем со узурпацијата на јавниот простор може да се реши преку попрецизна сообраќајна регулација и повик до граѓаните да не ги оставаат своите возила на тротоарите, каде е местото за движење на пешаците.
Граѓаните повикаа и на проактивност на сообраќајната полиција, која би се зафатила со отстранување на паркираните возила.