Авторка: Марија Танушева
Жителите од Добрејци, населено место со околу 1.500 жители, кое се наоѓа на три километри од Струмица имаат културен дом, кој наместо за култура последниве години се користи како откупен центар за зеленчук. Станува збор за општински објект кој бил реновиран во 2018 година, како реализација на предизборното ветување на тогашниот градоначалник на Струмица Коста Јаневски, за реконструкција на објектите од областа на културата во руралните средини дадено во рамките на проектот „Струмица – град на културата“.
Но, откако е реконструиран, домот се уште не проработел како установа од областа на културата. Наместо тоа, овој простор го користи приватна фирма која имала склучено договор за закуп уште од 2012 година, но со времетрање од 4 години. Она што зачудува од сегашниот изглед на Домот е, како е можно по извршена реконструкција на оваа културна установа, на неа да има огромна влезна врата за хангар и дали тоа значи дека по реконструкцијата се направени други градежни интервенции?
Во текот на изработката на овој текст ги контактиравме општинските власти на Струмица да ни дадат одговор на нашето прашање зошто Домот на културата и понатаму е откупен центар, но до моментот на објавување на текстот не добивме одговор. Нашите неофицијални информации говорат дека во тек е постапка за дислоцирање на откупниот пункт, но се уште не е познато дали и после тоа Домот на културата ќе биде вратен во функција на граѓаните или повторно ќе биде даден под закуп на приватна фирма. Жителите од ова село денес го бараат домот за да имаат простор за средби, комуникација, но и за организација на културни настани. Организацијата на жените од Добрејци веќе покренала иницијатива за да се реши овој проблем.
,Жените од Добрејци немаат место во селото каде би можеле да се соберат и да се дружат или да разменуваат било какви информации. Овој проблем не се однесува само на жените, туку и на младите во Добрејци. На средбата што ја имавме жените претставнички на Добрејци со градоначалникот на Општина Струмица, побаравме да ни се додели Домот на културата за користење… “, вели Реска Георгиева од ова населено место.
Според мештаните, Домот на културата во Добрејци почнал да се гради далечната 1963 година, и со години се користел како простор за културни собири, изложби, музички манифестации и дружења на локалните жители.

Тетка Мара Ѓоргиева од ова населено места раскажува дека овој објект, како и многу други домови на културата низ земјава, редовно се користел како за забави, така и за селски состаноци каде жителите си ги кажувале маките и приоритетите.
,,До почетокот на 90-те, па и во текот на 90-те години, Домот на културата се користеше масовно од населението. Се организираа забави, игранки и слични културно – уметнички манифестации. Доаѓа музички групи и организираа концерти, навистина беше убаво. Сега многу од младите се иселени и се празни селото, но и покрај тоа Домот на културата треба да си биде на граѓаните и граѓанките на Добрејци“ изјави тетка Мара.
Враќање на Домот на културата - приоритет на жителите на Добрејци
Организацијата на жени од Струмица во мај годинава направи анкета со дел од жителите на Добрејци, која се однесуваше токму на нивните културни потреби и приоритети за зајакнување на заедницата и за поттикнување и развој на културата и креативноста во ова село.
Во резултатите од анкетата што ги објави Организацијата на жени од Струмица стои дека 93% од анкетираните жители на Добрејци сметаат дека во селото постои огромна и итна потреба од креирање на простор наменет за културата и културниот живот во селото, поради што е исклучително важно Домот на културата да се стави во функција како културна установа. Ова е од исклучително значење за да се задржат младите да останат во селото, но и за да се збогати животот на сите жители со разновидни културни содржини.
Други приоритети на жителите на Добрејци се и: уредување на училишниот двор, уредување на селското фудбалско игралиште, како и создавање простор за меѓусебно дружење и социјализација на младите, жените и другите категории граѓани.
За таа цел, Организацијата на жени, во соработка со жителите од ова населено место изработи и постави информативни табли на наведените локации, со предлог за идејни решенија за изгледот и функцијата на потребните објекти.
,,Пристапот до културата на локално ниво не само што претставува елементарна потреба за правилен развој на една заедница, туку културата и културните производи (продукција) се елементите околу кои заедницата најбрзо и сеопфатно се обединува, се препознава и се презентира себе си, и го развива локалниот идентитет и припадноста кон заедницата“, стои на таблата што е поставена до Домот на културата во Добрејци.

Нема конкретен одговор кога општина Струмица ќе реагира и ќе го раскине договорот со приватната фирма која го користи Домот
Зградата на Домот на културата во Добрејци со површина од 200 квадратни метри која се наоѓа на катастарска парцела 2011 е издадена на Флоид Компани ДОО Струмица. Договорот меѓу Општина Струмица и фирмата е склучен на 2 април 2012 година, откако општината распишала јавен оглас за издавање под закуп на деловни простории во нејзина сопственост. Согласно барањето за пристап до информации од јавен карактер, Општина Струмица ни го достави Договорот склучен во 2012 година, каде во член 6 стои: ,,Овој договор за закуп се склучува на определено време од 4 години сметано од 02.04.2012 година, од кој ден започнуваат да течат и правата и обврските помеѓу договорните страни и престанува да важи заклучно со ден 31.03. 2016 година. Доколку во рокот утврден во претходниот став, странките не го обноват договорот и по истекот на времето за кое е склучен договорот, закупувачот продолжи да ја користи деловната просторија, а закуподавачот не се противи на тоа, ќе се смета дека е склучен нов договор на определено време со важност за наредните 4 години.“
Од Општината не конкретизираа дали Договорот е истечен заклучно со 2020 година или автоматски се продолжува. Не добивме ниту копија од документ, анекс на договорот или друг правен акт за продолжување на договорот. Единствено нешто што стои во одговорот е дека нема потпишан нов документ со кој се регулира деловниот однос со економскиот оператор, освен склучениот договор од 2012 година. Сепак, неофицијално дознаваме дека Општина Струмица на економскиот оператор еднаш му доставила известување за тоа дека треба да се исели од деловната просторија, но документ за такво нешто не добивме од самата Општина.
Според склучениот Договор, месечната закупнина на Домот на Културата во Добрејци изнесува 6.500 денари. На нашето барање да ни се достават и аналитичка картичка од која би се виделе уплатите за наемнината, од општина Струмица известија дека немаат таков документ.

Претседателот на Комисијата за култура, образование и спорт при Советот на општина Струмица Владимир Ристов ни изјави дека на седниците што на оваа Комисија се разгледува единствено реализацијата на Програмата за култура на Општината. Досега Комисијата немала ниту предложено, ниту преземено иницијатива за организирање какви било културни манифестации, ниту во Струмица, ниту во околните населени места. Исто така, Ристов не беше запознаен дали воопшто во населените места се организираат било какви културни манифестации и истакна дека ќе се заложи да се најде начин во иднина да се преземат активности со кои ќе се активираат Домовите на културата во населените места.
Пред 5 години се реконструираа пет Домови на културата меѓу кои и тој во Добрејци
Во 2018 година општина Струмица изврши реконструкција на Домовите за култура во пет населени места: Костурино, Дабиле, Добрејци, Попчево и Просениково. Вкупната инвестиција за реконструкцијата на домовите на културата изнесувала 7.500.590,00 денари и општина Струмица овој проект го реализирала преку Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој. Од општина Струмица информираа дека останатите Домови на култура коишто биле предмет на реновирање во 2018 година не се издадени.
И покрај тоа што скоро во сите населени места во општина Струмица има Домови на културата – дел реновирани, дел во процес на реновирање, користењето на истите е минимално. Одговорноста за неискоритеноста треба да се бара и кај жителите од населените места затоа што не преземаат никаква иницијатива, но првенствено кај надлежните органи во Општината, затоа што не ги исполнуваат активностите ветени со проектот „Струмица – град на културата“.
Се разбира, ова не е проблем само на жителите од Добрејци и од другите струмички села каде има културни домови. И во Југоисточниот и во Источниот регион има многу други примери за тоа дека државата недоволно се грижи и не вложува во развојот на културата. Но, треба да се следат и примерите на некои општини, како онаа во Македонска Каменица, кои нашле начин, преку европски фондови, да ги обноват своите културни центри и да им овозможат побогат културен и социјален живот на своите граѓани.
Авторката е активистка на Организацијата на жени од Струмица.