Насловот е
изваден од ставовите што го следат Извештајот за несреќи при работа, што секоја
година го објавува Македонското здружение за заштита при работа. Овој извештај евидентира 22 смртни случаи на работа во 2022
година, како и 147 регистрирани повреди.
Последната недела
од октомври се одбележува како недела на заштита при работа, кога се
интензивираат напорите за кревање на свеста за потребата од поголема грижа за
здравјето и безбедноста на работниците на работните места. Оваа година
Конфедерацијата на слобoдни синдикати (КСС) неделата ја одбележува со серија
јавни настани, каде се афирмира идејата за создавање на Совет за безбедност и
заштита на работа. Славица Јанкова од
КСС, очекува Советот да стане тело, до кое работниците во анонимна форма ќе
доставуваат информации за сигурноста и безбедноста на работните места, но и да
алармираат за потребите и проблемите од оваа област. КСС понатаму ќе им даде
правна основа.
Јанкова смета
дека се работи за извонредно важна тема, повикувајќи се на податоците од
Ивештајот за несреќи на работа на Македонското друштво за заштита при работа,
каде пишува дека 4 отсто од Бруто домашниот производ се одлева за компензација
на повредите, што значи дека директните загуби кои ги трпи Македонија се над
400 милиони евра.
„И ако ги
погледнеме средствата, финансиите коишто се одлеваат, тоа ќе ни каже поразителен
факт дека сме на многу лош пат, дека повреди и несреќи на работа се случуваат,
дека сé уште не сме самите како
вработени запознаени за нашите права и обврски од Законот за безбедност и
здравје при работа, а тие средства не да ги губиме, туку да ги користиме за
нешто попаметно што ќе ни ја подигне економијата“, изјави Јанкова на
претставувањето на Советот во Штип.
Овој Совет, кој
би ги обединил и седнал на едно место работниците, синдикатите, работодавачите
и претставниците на институциите, се формира со цел да го издигне на повисоко
ниво правото на безбедно работно место.
Повредите на
работа и смртните случаи се бележат од страна на Заводот за статистика, но
синдикатите сметаат дека треба да има единствен регистар, по пример на многу
странски земји, каде точно по индустрии, односно области ќе се следи
загрозеноста на работниците додека се на работа.
Од КСС сметаат
дека сите треба да работат заедно, затоа што еден работник кога ќе го
изгуби здравјето нема да биде продуктивен. Губи работникот, неговото семејство,
компанијата, но и општеството. Оценката е дека најголемите повреди на работните
места се случуваат во прекувремената работа, кога е изморен работникот, кога ја
губи концентрацијата.
„Затоа бевме
против законите за Бехтел и Енка и прекувремената работа. Тоа е една од
работите која треба да ја сфатат и работодавачите, затоа што тој работник кој
ќе работи 9, 10 па и 12 часа, ќе работи месец, два, три. Не може повеќе од три
месеци да биде продуктивен“, вели претседателот на КСС, Благоја Ралповски.
Ставот на
синдикатите е дека треба да се вработат повеќе луѓе за да се надополни прекувремената
работа што се покажа дека е опасна по живот. Ова не важи само за приватниот
сектор, туку такви примери има и во јавниот сектор, како полиција, здравство.
Податоците на
Македонското здружение за заштита при работа (МЗЗПР) покажуваат дека
македонскиот работник има двојно поголеми шанси да загине на работното место отколку неговиот колега во Европската унија. Во Македонија во просек годишно гинат
над тројца работници на 100 илјади вработени, додека во Европската унија гинат
околу двајца.