Последниот квартал од годината општините вообичаено го користат за добивање предлози од граѓаните при креирањето на буџетот за следната година. Притоа, се користат различни форми на прибирање предлози, од непосредни средби со граѓаните кои ги води градоначалникот со неговиот тим, до организирање на буџетски форум, како структурирана форма за добивање предлози по секоја од програмите кои го сочинуваат општинскиот буџет.
Оваа година Општината Кочани е меѓу првите општиникои започнаа со организирање настани на кои се поканети граѓаните да предложат идеи за креирање на Буџетот на општината за 2024 година. Јавната расправа е закажана за 16 октомври, понеделник во 18 часот, во Мултикултулрниот центар во Кочани.
За разлика од Кочани, Општина Делчево предлозите за новиот буџет од граѓаните ќе ги прибира преку буџетски форум, што се организира во соработка со Регионалниот центар за застапување од Делчево. Според информациите од Општина Делчево, планирани се три сесии на Буџетски форум, преку структурирани дискусии по одделни програми што ги содржи буџетот. Регионалниот центар за застапување се пријави со оваа идеја на јавниот повик за финансирање проекти на граѓански организации, што го распиша Општината Делчево.
Првата сесија од Буџетскиот форум е закажана за 24 октомври. Дополнително, на интернет страната на општината, граѓаните можат да пополнат и анкетен прашалник, кој се користи како форма да се соберат мислењата и потребите на граѓаните.
И другите општини од источниот дел на државата секоја година организираат повеќе настани со цел да се добијат граѓански идеи. Герман Филков од Центарот за граѓански комуникации, организација која ја мери отвореноста на општините, очекува предложените буџети да имаат форма која е разбирлива за граѓаните, преку тнр. „граѓански буџет“. „Ниеден буџет на институциите, не е во отворен формат, туку е во пдф формат и така е многу тешко да се разберат податоците. Потребен е граѓански буџет, што секој ќе може да го разбере“, рече Филков.
Праксата да се креира граѓански буџет, покрај вообичаениот во пдф формат со многу бројки, кои ги разбираат економистите, но не и обичниот граѓанин, последните години може да се види на сајтовите на некои од општините. И Делчево и Кочани имаат форма на граѓански буџет. Многу често, овие граѓански буџети се креираат со помош и во соработка со граѓанските организации.