Граѓаните на Кочани со секојдневни блокади ќе ја спречат изградбата на хидроцентралата на Мала Река

Од среда, 25 октомври граѓанските активисти почнуваат со секојдневни блокади на патот кон Брана Гратче. Таму веќе некое време се расчистува теренот и се изведуваат други градежни работи, како подготовка за изградба на мини хидроцентрала на Мала Река.

Најавата за протестите ја објави здружението Грин.орг, кое ги повикува граѓаните и сите други здруженија од Кочани и пошироко да се приклучат на блокадите, кои ќе се одвиваат од 10 до 13 часот и од 13 до 16 часот. „Хидроцентрала не смее да има. Патот кој е за возила под 5 тона не смее да се злоупотребува. Најавуваме и обвиненија поради оваа злоупотреба и дозволи дадени за градба без јавна расправа со граѓаните“, стои во повикот до граѓаните и граѓанските здруженија.

Ана Симоновска од Грин.орг рече дека подолго време се обидуваат да дојдат до дозволата за користење на патот кон Брана Гратче, каде се изведуваат градежните работи на мини хидроцентралата. Патот има ограничување и не е дозволено движење на возила над 5 тони. Тешките градежни машини и камионите се над дозволената тежина на патот.

„Забраната е дадена поради тоа што се работи за ерозивен пат и во прашање се доведуваат рекреативците, кои често го користат патот, но и Браната, од која вода за пиење користат граѓаните на Кочани. Општината Кочани и Министерството за внатрешни работи си ја префрлаат топката околу дозволата и никој не одговара кој ја дал дозволата за движење на тешките возила. Секојдневните блокади се нашиот одговор“, изјави Симоновска.

Оваа иницијатива за блокади прави напори да ги обедини сите други кои бараат низ протест да се искаже незадоволството од изградбата на мини хидроцентралата.  Во вторникот, на 17 октомври протестираа група граѓани пред седиштето на Општина Кочани.

Граѓаните излегоа со транспаренти „Ни горчат вашите бомбона бизниси. Стоп!“, „Мала Река  =  голем криминал“, „Стоп за Мала Река“. При тоа, побараа увид во елаборатот и документите за јавната расправа, за која тврдат дека никогаш не се одржала. Реакцијата на граѓаните е дека не е одржан и локален референдум, на кој граѓаните ќе можат да се изјаснат за изградбата на мини хидроцентралата.

Компанијата „ДИС енергија“ од Скопје, која ја има концесијата на Мала Река, во годините наназад успеа да ги добие сите неопходни документи. Екологистите се противат на изградбата на хидроцентралата на Мала Река. Сметаат дека со изградбата, ќе се деградира шумскиот појас, ќе се уништат водните ресурси што и онака се минимални, а штета од градежната механизација ќе претрпи и асфалтираниот патен правец до браната Гратче што пред неколку години беше реконструиран.

Сподели

Facebook
Twitter
Pinterest
LinkedIn

УПАТСТВО ЗА ПРИСТАП ДО АУДИО ЧИТАЧ НА ВЕБ ПРЕЛИСТУВАЧОТ MICROSOFT EDGE