Сметки за комунални услуги во Брајово писмо ќе добиваат слепите лица во Штип

Точки на хартија напишани на Брајово писмо од наредниот месец ќе добиваат слабовидните и слепите лица во Штип, кои се користат со писмото. Ова ќе биде првата и уникатна пракса на издавање сметки на Брајово писмо во државата од страна на даватели на услуги. Јавното комунално претпријатие „Исар“ од Штип одговори на иницијативата на Здружението на слепи и покрај редовните сметки, ќе издава и такви со скратени податоци, напишани на писмо разбирливо за лицата што не гледаат.

Интересен е процесот на подготовка на сметките. Драги Витанов, претседателот на Здружението на слепи лица од Штип, на чија иницијатива ќе се издаваат сметките на Брајово писмо, се нафатил да ги изработи и да ги печати. Како што објасни Витанов за Локал Актив, специјалниот печатач – машина ќе биде однесена во ЈП „Исар“ и таму на лице место ќе се печатат сметките. Машината за Брајово писмо, која е единствената од таков вид во Штип, ќе ја позајми ООУ „Ванчо Прке“. Овој специфичен печатач некогаш бил купен за потребите за паралелките со деца со попреченост во ООУ „Ванчо Прке“, но никогаш не бил употребен.

„Се договоривме на сметките напишани со Брајово писмо да ги има податоците на корисникот и основните податоци за потрошеното, како и нова и стара состојба, бидејќи повеќе податоци може да ги збунат. Целосната сметка исто така ќе ја добијат, но во вообичаена форма. Ова е своевидна проба, која опфаќа мал број наши членови, бидејќи повеќето не знаат да го читаат Брајовото писмо“, вели Витанов.

Целта на оваа иницијатива е да им се даде можност на слабовидните и слепите лица да добијат документ, којшто ќе можат да го прочитаат и на тој начин да им се укаже достоинствено внимание. Витанов смета дека ваков начин на комуникација би сакале да постигнат и со другите институции и овие лица да добиваат документи на Брајово писмо од Катастар, суд, општина…

Но, во Штип има само пет – шест луѓе што може да читаат Брајово писмо и тоа постари, кои го посетувале основното училиште за слепи лица во Скопје.  Иако бројот на лица кои го изгубиле видот или им е намален е многу поголем, многумина не го познаваат Брајовото писмо, вклучително и младите.

„Со воведувањето на инклузивно образование, децата повеќе не се испраќаат во специјалното училиште во Скопје, каде се учи Брајовото писмо. Распоредени по училиштата со редовно образование, овие деца немаат каде да го научат и тоа е недостатокот на тоа инклузивно образование. Ним им останува компјутерот како единствена алатка преку асистивните технологии, кои се’ повеќе се развиваат“, објаснува Драги Витанов.

Во бројки, од петте општини каде работи Здружението на слепи лица  – Штип, (покрај во Штип  и во Карбинци, Радовиш, Пробиштип и Конче), само мал дел од штипските членови го знаат Брајовото писмо.

Сепак, оваа иницијатива со издавање на комуналните сметки на писмо разбирливо за корисниците што не гледаат, може да ја применат и во останатите градови, особено во Скопје, Битола и другите поголеми градови, каде живеат лица што го познаваат Брајовото писмо.    

Сподели

Facebook
Twitter
Pinterest
LinkedIn

УПАТСТВО ЗА ПРИСТАП ДО АУДИО ЧИТАЧ НА ВЕБ ПРЕЛИСТУВАЧОТ MICROSOFT EDGE