Општините ретко ги субвенционираат граѓаните, кои пак не знаат како се доделуваат

Граѓаните од повеќе градови во земјава имаат можност да аплицираат до општините за субвенции за низа различни потреби. Најчесто се надоместуваат до 50 отсто од средствата за купување велосипеди, за набавка на клими – инвертери, поставување на сончеви колектори, но и за уредување на дворни места, горилници за печење ракија, приклучок за гас, како и плаќање кирија за социјално ранливи категории граѓани. Меѓутоа, проблем е слабата информираност за начинот на доделување на субвенциите, бидејќи на повеќе од половината од граѓаните (52,5 отсто)  не им е позната постапката за делењето на субвенциите.

Ова го покажа мониторингот на субвенциите што општините им ги доделуваат на граѓаните, во периодот од 2020 заклучно до мај 2023 година, што го спроведе НВО Инфоцентар, преку партнерските организации во шест општини: Куманово, Велес, Струмица, Крива Паланка, Свети Николе и Лозово.

Во Југоисточниот регион, предмет на мониторинг беше општина Струмица, во соработка со Организацијата на жени од овој град.

Во Струмица, општинските пари што се наменети за субвенционирање на граѓанските потреби одат за купување велосипеди, субвенционирање на цената на гасен приклучок, уредување на дворните места, а како субвенција се смета и ослободување од плаќање за комунални услуги за социјално ранливите семејства. Конкретно, Општината доделува по 4000 денари за купување велосипед, додека по сто евра за приклучок кон гасоводот.

Според наодите од мониторингот, во периодот од 1 јануари 2020 до 31 мај 2023 година, преку Програмата за заштита на животната средина и природата, од Буџетот на Општината за субвенции за купување велосипеди се потрошени околу три милиони денари или 49 илјади евра. Најмногу средства се исплатени во 2023 година (20.320 евра), а најмалку во 2022 година (6.127 евра) или трипати помалку во однос на претходната година.

Но, само 10,5 отсто  од граѓаните на Струмица знаат какви субвенции доделува општината, а дури 87,9 отсто воопшто немаат користено субвенции.  Според анкетата што ја пополниле 247 граѓани, 42 отсто не знаат ниту дали процесот е транспарентен.

Испитаниците сметаат дека општинските субвенции во иднина треба да бидат наменети за поддршка на занаетчиството и претприемаштвото на жени и млади, на социјално ранливите категории, за енергетско ефикасни фасади и за реконструкција на покриви.

Во заклучокот од мониторингот на НВО Инфоцентар се оценува дека општините многу малку или воопшто не ги анализираат резултатите и ефектите од политиката на субвенционирање.

– Ова пак, наведува на заклучокот дека станува збор за краткорочни мерки за поддршка, за кои е тешко да се утврди дали ја постигнуваат својата цел. Повеќе од половината анкетирани граѓани (над 60%) не знаат воопшто какви субвенции доделуваат општините, речиси половина (47%) не знаат дали досегашните субвенции одговараат на приоритетите на граѓаните, а само 12% сметаат дека субвенциите се соодветни на потребите на граѓаните. На 55% од граѓаните кои учествуваа во анкетата не им е познато на кој начин општината одлучува какви субвенции ќе доделува, додека пак дури 90% одговориле дека не користеле субвенции од општината во последните три години, стои во мониторингот.

Во онлајн анкетата учествувале вкупно 1.325 граѓани (Куманово 344, Велес 290, Струмица 247, Свети Николе 226, Крива Паланка 193, Лозово 25).

НВО Инфоцентар, со партнерските организации Спектар од Крива Паланка, Граѓанска иницијата на жени од Свети Николе, Организација на жени од Струмица и Активо од Велес, спроведе мониторинг на субвенциите што општините им ги доделуваат на граѓаните во периодот од 2020 заклучно до мај 2023 година. Мониторингот опфати шест општини: Куманово, Велес, Струмица, Крива Паланка, Свети Николе и Лозово.

Прочитајте го целосниот извештај од Мониторингот – Општините и субвенциите за граѓаните.

Сподели

Facebook
Twitter
Pinterest
LinkedIn

УПАТСТВО ЗА ПРИСТАП ДО АУДИО ЧИТАЧ НА ВЕБ ПРЕЛИСТУВАЧОТ MICROSOFT EDGE