Иако Штип е град од каде потекнуваат многу значајни имиња од ромската култура, музика и спорт, за развој во овие специфични области се издвојуваат малку средства. Меѓу значајните ромски имиња се основоположниците на современиот ромски фолклор, како Мустафа Кадриев, претставник на втората генерација на оркестарот „Браќа Кадриеви“, потоа познатиот саксофонист Илми Јашаров и, секако, кралот на саксофонот Ферус Мустафов. Меѓу овие генерации се извојуваат и Билхан Мачев, неговиот син Танер Мачев, покојниот Енвер Мачев, Куртиш Јашаров, Вејби,Фајче и Сезер Џеладинови, Масар Кадриев, Севен Кадриев, Серчук и Низо Алимови, Бурхан Мустафов и уште многу познати музичари.
На полето на спортот, Штип го прослави и првиот репрезентативец на некогашна Југославија и петкратен републички првак во бокс и државен првак, освојувач на признанието “Златна ракавица“, Омер Демиров.
Но, и покрај значајните достигнувања, ромската култура и спорт остануваат на маргините на општинското живеење, забележуваат активистите од Здружението на Роми – Черења, кои неодамна организираа дебата на која беше прикажен и краткиот документарен филм за ромската култура. Присутните на дебатата забележаа дека нема ромски културни центри, нема театри каде на сцената ќе се слушне ромскиот јазик, а како резултат на ова полека се губи и ромскиот јазик.
– Кај нас во Штип, а веруваме така е и во поголемиот дел на државата, наместо ромскиот јазик, младите преминуваат да го зборуваат турскиот, македонскиот, па дури и албанскиот јазик. Знаеме дека еден народ најдобро се запознава преку неговата култура, традиција, обичаи, јазик. За жал, немаме доволно можности да се презентираме себе си пред македонското општество и затоа ромската култура станува невидлива во македонското општество, рече на настанот Енисе Демирова од Черења.
Присутните забележаа дека за Ромите и нивната култура, обичаи и традиција се зборува еден ден во годината, на Меѓународниот ден на Ромите, 8-ми април. Поради тоа, новите генерации Роми сé помалку знаат за својот народ и неговата култура. Од дебатата беше побарано поголемо вложување во ромската култура и спорт, издвојување барем процент од општинскиот буџет за култура, кој генерално е многу мал.
Потребно е заживување на некогашните фолклорни и танцови групи, спортски клубови и други видови организации, а самите ромски семејства треба да се трудат да се зачувува ромскиот јазик. Во 2019 година и во почетокот на 2020 година се издадени 1.000 примероци на македонско – ромскиот речник и 800 примероци на Граматиката на современиот ромски јазик од авторот Латиф Демир.
Некои од ромските здруженија организираат курсеви на ромски јазик, меѓутоа се бара поголем ангажман на институциите на централната власт, во зачувување на ромската особеност.